Соединетите Држави објавија дека ќе го укинат Привремениот заштитен статус (ПЗС) за Авганистанците, потег што ќе остави илјадници луѓе во опасност од депортација во Авганистан, кој пак е контролиран од Талибанците.
Министерството за внатрешна безбедност на 12 мај објави дека привремениот заштитен статус за Авганистан ќе истече на 14 јули, при што одлуката ќе влијае на околу 9.000 до 12. 000 Авганистанци кои моментално живеат и работат легално во Соединетите Држави во рамките на оваа програма.
Сепак, групите за човекови права и авганистанските бегалци ја осудија одлуката, предупредувајќи дека таа ги става животите во опасност и ја игнорира реалноста на терен.
Барајќи безбедност во САД
Министерството за внатрешни работи во своето соопштение наведува дека прекинувањето на ПЗС се базира на нивната проценка дека условите во Авганистан „се подобриле доволно“ и повеќе не ги исполнуваат законските барања за привремен заштитен статус.
Во соопштението се вели дека секретарката на министерството, Кристи Ноем, исто така утврдила дека дозволувањето на авганистанските државјани привремено да останат во Соединетите Американски Држави е „спротивно на националниот интерес на Соединетите Држави“.
Министерството наведе загриженост за националната безбедност и измамите, тврдејќи дека некои лица под привремен заштитен статус се испитуваат за закани по јавната и националната безбедност.
Но, Авганистанците што живеат во Соединетите Држави под привремена заштита велат дека ќе бидат во опасност ако се вратат во Авганистан.
„Вистина е дека постои релативна безбедност, но има многу проблеми“, изјави за Радио Азади на РСЕ еден Авганистанец кој зборуваше под услов да остане анонимен.
„Во моментов, поранешни владини војници се апсат, исчезнуваат, па дури и убиваат“, изјави човекот, кој живее во Тексас со своето четиричлено семејство.
Друг авганистански државјанин кој се преселил во Соединетите Држави пред четири години го повторил истото мислење.
„Ако не вратат, нашите животи ќе бидат во опасност бидејќи работевме во претходната влада, а сегашната влада сè уште сака одмазда“, изјави тој за Радио Азади.
„Дојдовме во Соединетите Држави за наша безбедност, а сега кога оваа програма завршува, тоа ќе создаде многу проблеми.“
Овие стравови се вкоренети во драматичните промени што ги претрпе Авганистан откако Талибанците се вратија на власт во 2021 година. По повлекувањето на трупите на САД и НАТО, талибанските бунтовници го зазедоа Кабул, соборувајќи ја поддржаната од Западот авганистанска влада.
Оттогаш, Талибанците наметнаа строго толкување на исламскиот закон, поништувајќи ги правата и слободите, особено за жените и девојчињата, на кои сега им е забрането средно образование и поголемиот дел од вработувањето.
Извештаите од ОН и организациите за човекови права документираат широко распространети злоупотреби на човековите права, вклучувајќи вонсудски убиства, присилни исчезнувања, тортура и јавно камшикување, особено насочени кон поранешни владини претставници, безбедносни лица и дисиденти.
„Несовесно“ е да се депортираат Авганистанци
Организациите за човекови права како што се „Хјуман рајтс фрст“, „Меѓународниот комитет за спасување“ (ИРЦ), „Ворлд релиф“ и други го осудија овој потег, предупредувајќи дека тој ги става илјадници Авганистанци во опасност од депортација во земја каде што би можеле да се соочат со прогон, тортура, па дури и егзекуција под власта на Талибанците.
„Тврдењето на администрацијата на Трамп дека условите во Авганистан се доволно подобрени за да се оправда враќањето на луѓето е едноставно несовесно и одвоено од реалноста“, рече Елеонор Асер, виш директор за глобална хуманитарна заштита во „Хјуман рајтс фрст“.
Доколку не интервенира суд, прекинувањето на статусот на привремена заштита за Авганистанците ќе продолжи според планот во јули, оставајќи илјадници соочени со неизвесна и потенцијално опасна иднина под власта на Талибанците.
„Луѓето со привремен заштитен статус се вредни членови на американските заедници, училишта и работни места“, соопшти Меѓународниот комитет за спасување.
„Итно ја повикуваме владата на САД да ја преиспита оваа штетна промена на политиката и да ја задржи оваа хуманитарна заштита што спасува животи за луѓето од Авганистан“.