Достапни линкови

Визионерска инфлација со Ханиоти под точка „разно“


Архивска фотографија од графит во строгиот центар на Скопје
Архивска фотографија од графит во строгиот центар на Скопје

Додека партиите „ги мерат визиите и солзите“, на граѓаните им останува да си ја мерат чергата. Њузлетер 13.6.2025

Два месеца по завршувањето на мерките за ограничени маржи, трошоците на живот пораснаа, а со нив и револтот кај граѓаните, синдикатите, опозицијата... Многумина веќе не си го поставуваат прашањето „Дали да одиме на одмор или со тие стискани да го покриеме минусот на картичката?“, оти минусот одамна е поголем од пет дена во Ханиоти, во Охрид или во Банско и оти во дебатата за домашниот буџет тоа е под точка „разно“, заедно со нова облека, велосипед, нов телефон, точка до која не стасува секоја семејна буџетска расправа.

Расте инфлацијата, расте револтот кај синдикалците и граѓаните

Зголемувањето на трошоците за живот го регистрираше и Државниот завод за статистика, кој соопшти дека инфлацијата во мај 2025 се зголемила за 1,5 отсто во однос на април. Споредено со мај 2024 година пак, зголемувањето изнесува 3,3 отсто.

Најголемо покачување се бележи кај храната и безалкохолните пијалоци, кај рестораните и хотелите, кај земјоделските производи... Априлската синдикална кошничка чинела 62.691 денар, мајската минимална кошница, достигнала вредност од 63.908 денари.

„'Илјадарката' од пред неколку години сега не е ни 'петстотка'. Дојде време да се мислиме какво овошје да им купиме на децата, а да не потрошиме цело богатство, оти јагодите се уште се и по 200 денари, резанка лубеница 100, а за црешите да не зборувам. А кај се тука лековите што треба да се купат, облека, режиските трошоци... Едни пак ќе чекаат со саати на грчката граница за на море, а за други годишниот одмор ќе се сведе на пикник со домашни сендвичи на Водно во сабота“, вели една скопјанка.

Последните пресметки на Сојузот на синдикати (ССМ) покажуваат дека на едно четиричлено семејство му требаат сѐ повеќе пари за да го истурка месецот. Затоа синдикалците не исклучуваат бојкоти и протести.

„Освен за основни продукти и лекарства, не останува фонд за годишен одмор и покрај тоа што работодавачите и во приватниот и во јавниот сектор имаат обврска да исплатат регрес за годишен одмор. Имајќи предвид колку од македонските граѓани се задолжени, ќе видиме дека сме население кое живее на кредит или со минус на картичка. Едноставно платите не стигнуваат ни за живот, а камоли за годишен одмор со семејството“, вели Иван Пешевски, потпретседател на ССМ за приватен сектор.

Цените ќе продолжат да растат

Во меѓувреме, синдикалците веќе се при крај со новите пресметки. Нивните изгледи говорат дека ќе има ново зголемување на трошоците, што планираат да го употребат како алиби за скапотијата во евентуалните преговори со властите.

Вакви се очекувањата и на економскиот аналитичар Арбен Халили, кој смета дека цените ќе продолжат да растат. Тој вели дека тоа се должи на недоволното домашно производство. Според него, токму зголеменото домашно производство ќе спречи инфлацијата да оди во нагорна линија. Освен тоа, вели тој, за постабилна економија потребни се поефикасни инспекции кои покрај цените ќе го проверуваат и квалитетот на производите.

Едни за инфлацијата, други за визијата

Растот на цените повторно стана тема на препукување меѓу власта и опозицијата, кои си ја „префрлаат топката“ за намалениот животен стандард на граѓаните во државава.
„Животот е сѐ поскап, а власта нема ниту план, ниту капацитет да го заштити стандардот на граѓаните. Но, секако, има добар план да си ги покачува сопствените плати“, обвини СДСМ.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер и премиер, Христијан Мицкоски пред неколку дена изјави дека „со 3,4 посто раст на БДП во првиот квартал, Македонија се рангира во петте најбрзорастечки економии во Европа“, виновници се социјалдемократите кои „немале економска визија“ и „лееле крокодилски солзи за инфлацијата, која постепено се намалува и се става под контрола“.

И додека партиите „да ги измерат визиите и солзите“, на граѓаните им останува да си ја мерат чергата.

XS
SM
MD
LG