Уште не можам да се изначудам на голем дел од цените по маркетите особено на овошјето и на зеленчукот. Едно парче пченка се продава по цена од 109 денари, додека ни четвртина лубеница за 200 денари, а црешите се уште имаат астрономска вредност па неколку стотини грама се продаваат и по 170 денари. Ова, во еден познат маркет го забележала скопјанката Благица Т. која раскажува дека морала да селектира што да му купи на своето тригодишно дете за да не потроши „цело богатство“.
Во изјава за РСЕ, таа вели дека уште повеќе ја иритира ознаката за намалување кај оние производи чии цени се намалени само за денар или два.
Денешните 1000 денари во маркет не вредат ни колку 500 денари од пред неколку години – додава скопјанката.
Храната е сѐ поскапа
Зголемувањето на трошоците за живот го регистрираше и Државниот завод за статистика, кој соопшти дека инфлацијата во мај се зголемила за 1,5 отсто во однос на април.
Споредено со мај 2024 година пак, зголемувањето изнесува 3,3 отсто. Најголемо покачување се бележи кај храната и безалкохолните пијалоци.
Доколку продолжи трендот на намалување на куповната моќ, работниците не ја исклучуваат можноста да излезат на улица барајќи повисоки плати. Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека се можни и нови бојкоти на маркетите ако не ги намалат цените.
„За жал, расположение за покачување на платите кај претставниците на власта и работодавачите нема. Последната одлука за минимална плата ја донесоа без Економско-социјален совет, а ако има нова седница, барањето на ССМ ќе биде повторно 500 евра минимална плата и зголемување од сто евра на сите останати плати за да не го почувствуваат работниците ценовниот шок“, вели за Радио Слободна Европа, Иван Пешевски – потпретседател на ССМ за приватен сектор.
Одморот станува луксуз
Последните пресметки на Сојузот покажуваат дека на едно четиричлено семејство му требаат сѐ повеќе пари за да го истурка месецот.
Ако априлската синдикална кошничка чинела 62.691 денар, мајската минимална кошница, достигнала вредност од 63.908 денари.
Пешевски вели дека на граѓаните тешко им остануваат и 10.000 денари за седумдневен одмор во бунгалов во Дојран, колку што се предвидени во кошничката.
„Освен за основни продукти и лекарства, не останува фонд за годишен одмор и покрај тоа што работодавачите и во приватниот и во јавниот сектор имаат обврска да исплатат регрес за годишен одмор. Имајќи предвид колку од македонските граѓани се задолжени, ќе видиме дека сме население кое живее на кредит или со минус на картичка. Едноставно платите не стигнуваат ни за живот, а камоли за годишен одмор со семејството“, реагира Пешевски.
Цените ќе продолжат да растат
Економскиот аналитичар, Арбен Халили вели дека синдикатот има потполно право да го бара тоа, но и обврска да испорача поголема продуктивност, особено во државната администрација.
„Имаме натрупана администрација која бара зголемување на минимална и просечна плата, но од друга страна треба да се запрашаме што таа државна администрација нуди. Треба една интервенција во намалување на бројот на вработени и зголемување на нивната продуктивност, а со тоа и зголемување на нивните плати. Во спротивно, нема да имаме ниту морална ниту економска смисла“, посочува Халили во изјава за Радио Слободна Европа.
Во меѓувреме, синдикалците веќе се при крај со новите пресметки. Нивните изгледи говорат дека ќе има ново зголемување на трошоците, што планираат да го употребат како алиби за скапотијата во евентуалните преговори со властите.
Вакви се очекувањата и на аналитичарот Халили ,кој смета дека цените ќе продолжат да растат. Во изјава за РСЕ, тој вели дека тоа се должи на недоволното домашно производство.
„Ако претходно сме биле познати како земјоделска држава, ни требаат драстични измени во земјоделските политики. Во земјоделието секоја година се трошат огромни финансиски средства, но паралелно зголемените субвенции имаме драстично намалување на производството“, забележува Халили.
Домашното производство како долгорочна мерка
Според него, токму зголеменото домашно производство ќе спречи инфлацијата да оди во нагорна линија.
„Пред две години се вадевме на тоа дека инфлацијата се должи на ковидот, но се додека продолжуваме да бидеме увозно зависна земја нема да ја држиме инфлацијата под контрола. Потребни ни се подобри развојни економски политики, ангажирање на повеќе домашни компании во изведба на капиталните проекти, а особено инвестиции во здравството и во образовниот сектор“, вели Халили.
Освен тоа, вели тој, за постабилна економија потребни се поефикасни инспекции кои покрај цените ќе го проверуваат и квалитетот на производите.
А на поголема ефикасност особено кај Пазарниот инспекторат, алудира и Сојузот на синдикати чиј потпретседател Пешевски смета дека не си ја завршил до крај работата за време на мерката со ограничените маржи.
Оваа мерка која Владата ја донесе во февруари, важеше до крајот на април. Со неа беа ограничени бруто-профитните маржи за над 1000 прехранбени и непрехранбени производи во трговијата на мало и големо. Пешевски вели дека со неа, трошоците на месечно ниво се зголемиле за околу 300 денари, но потоа пораснале за илјада.
„Пазарниот и Трудовиот инспекторат постапуваат само по одредени пријави. Во нашава држава треба постојано да има инспекции на терен. Граѓаните се приморани да купуваат леб, млечни и месни производи за да го преживеат месецот, но од друга страна државниот апарат преку инспекторатите треба да се вклучи и да ги диктира овие работи – колку треба трговците да заработуваат, колку помалку треба работниците да осиромашуваат“, додава Пешевски.
Партиски кавги за инфлацијата
Растот на цените повторно стана тема на препукување меѓу власта и опозицијата, кои си ја „префрлаат топката“ за намалениот животен стандард на граѓаните во државава.
„Животот е сѐ поскап, а власта нема ниту план, ниту капацитет да го заштити стандардот на граѓаните. Но, секако, има добар план да си ги покачува сопствените плати“, обвини СДСМ во писмено соопштение.
Опозициската партија ја обвини власта дека нема економска визија, туку само лични интереси. Владеачката ВМРО-ДПМНЕ пак, возврати дека економската состојба е наследена.
„Кога СДС, исто така, зборува и лие крокодилски солзи за инфлацијата, која постепено и таа се намалува и се става под контрола, ако заборавиле, ги потсетуваме дека за време на нивното владеење инфлацијата, која го јадеше стандардот на граѓаните, беше двоцифрена“, се вели во реакцијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.