Достапни линкови

Иран возвраќа со напади врз Израел, Нетанјаху најавува нови


APTOPIX Israel Iran Mideast Wars
APTOPIX Israel Iran Mideast Wars

Нетанјаху изјави дека нападите ќе продолжат „онолку дена колку што е потребно за да се отстрани заканата од Иран за Израел“. Врховниот лидер на Иран, пак, предупреди дека Израел ќе претрпи сериозни последици за започнувањето на нападите.

Техеран започна ракетни напади врз Тел Авив и други израелски градови, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најавува понатамошни напади врз Иран во воената операција која досега таргетираше нуклеарни и воени објекти на најголемиот непријател на неговата земја.

Кратко по полноќ, на 14 јуни, Израел соопшти дека војската пресретнала нов бран напади со ирански ракети во Тел Авив, Хаифа и Ерусалим, на вториот последователен ден од иранските воздушни напади што следуваа по израелскиот воздушен напад врз локации поврзани со нуклеарната програма на Техеран.

„Сирени се огласија во неколку области низ Израел откако беа идентификувани ракети од Иран кон државата Израел“, соопшти војската.

Во раните утрински часови на 14 јуни, околу 1:15 часот во живо на телевизија беше прикажана голема експлозија во Тел Авив. Од видеата објавени потоа се забележува штета на станбен комплекс иако повеќе деталите не беа јасни.

Израелската војска ги повика цивилите да се вратат во засолништата во кои беа принудени да се скријат и еден ден претходно.

Околу четири часа подоцна, беа пријавени нови проектили што биле лансирани кон неколку градови. Голем дел од ракетите биле пресретнати иако официјалните лица пријавува дека се оштетени голем број домови, како и повредени најмалку 10 лица во централен Израел.

Овој бран напади во текот на ноќта е продолжение на меѓусебните напади на Израел и Иран во текот на вчерашниот ден кога израелските сили таргетираа нуклеарни постројки и други локации низ Иран, при што загинаа висок генерал, други воени функционери и нуклеарни научници.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно го предупреди Иран да склучи нуклеарен договор „пред да биде предоцна“, а Белата куќа соопшти дека американските копнени сили помогнале во соборувањето на иранските ракети за време на првите два брана напади.

Еден функционер, зборувајќи под услов да остане анонимен, за „Асошиејтед пред“ изјави дека американските авиони и воени бродови досега не биле користени во операцијата, но дополнителни детали не се достапни.

Официјален претставник на Белата куќа изјави дека Трамп телефонски разговарал со Нетанјаху, но ниту за ова не беа откриени повеќе детали.

Претходно, израелскиот бригаден генерал Ефи Дефрин изјави дека двата брана ракети лансирани од Израел на 13 јуни броеле по околу 100 проектили, „од кои повеќето“ биле пресретнати од системите за воздушна одбрана.

Израелската противпожарна служба соопшти дека реагирала на неколку „големи“ инциденти што произлегле од ирански ракетен напад, вклучувајќи и спасување на луѓе заробени во висока станбена зграда.

Официјалните лица соопштија дека најмалку три лица се убиени, а најмалку 34 други се повредени во иранските напади врз централен Израел.

Во меѓувреме, меѓу погодените места во Иран е и командниот штаб на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) во Техеран, објави иранската државна телевизија. Во нападот е убиен командантот на корпусот, генерал-мајор Хосеин Салами, соопштија иранските претставници.

Непотврдени извештаи од утрото на 14 јуни велат дека два проектили го погодиле аеродромот Мехрабад во Техеран, предизвикувајќи пожар.
Претставникот на Иран пред Обединетите Нации пријави дека 78 лица се убиени, а повеќе од 320 се повредени во израелските напади.

Трамп, кој инсистира на преговори меѓу Вашингтон и Техеран во врска со нуклеарната програма на Иран, на својата платформа за социјални медиуми „Трут“ (Truth Social) напиша: „Сè уште има време да се стави крај на овој колеж …“

„Иран мора да склучи договор, пред да остане ништо, и да го спаси она што некогаш беше познато како Иранска империја … САМО НАПРАВЕТЕ ГО ТОА, ПРЕД ДА БИДЕ ПРЕДОЦНА“.

Нетанјаху изјави дека нападите имале за цел „да ја намалат иранската закана за самиот опстанок на Израел и дека ќе продолжат „онолку дена колку што е потребно за да се отстрани оваа закана“.

„Удривме во срцето на иранската програма за нуклеарно збогатување. Го таргетиравме главниот објект за збогатување на Иран во Натанц … Исто така, го погодивме и срцето на иранската програма за балистички ракети“, рече тој во видео изјава.
Израел, исто така, ги погоди иранските нуклеарни научници „кои работат на иранската бомба“, додаде тој.

Во текот на нападите, Нетанјаху посочи дека неговата борба не е против иранските граѓани и ги повика да ја отстранат „бруталната диктатура што ве угнетува 46 години“.

Израелската војска соопшти дека околу 200 авиони биле вклучени во масовните напади врз Иран, а израелската телевизија објави дека разузнавачката агенција Мосад можеби поставила тајна база во Иран.

Врховниот лидер на Иран предупреди дека Израел ќе претрпи сериозни последици за започнувањето на нападите.

„Со ова злосторство, ционистичкиот режим си постави горчлива и болна судбина и дефинитивно ќе ја добие“, посочи ајатолахот Али Хамнеи во соопштението.

XS
SM
MD
LG