Вишваскумар Рамеш, единствениот преживеан од авионската несреќа на „Ер Индија“ во која загинаа 270 лица, изјави дека не можел да поверува дека е жив кога ги отворил очите, опкружен со пламен, остатоци и јагленосани тела.
Однесен во локална болница, Рамеш за индиската национална телевизија изјави дека авионот изгледал заглавен во воздух неколку секунди по полетувањето, објави АП.
Тој рече дека авионот забрзал, но не можел да добие висина пред да се урне.
Рамеш, кој седеше на седиштето 11 А, рече дека неговата страна од авионот паднала на приземјето на зградата и дека има простор да избега по отворањето на вратите.
Го откопчал појасот и излегол од авионот.
„Кога ги отворив очите, сфатив дека сум жив“, рече тој.
Рамеш се здобил со изгореници на левата рака и пешачел одредено растојание во шок пред локалните жители да му помогнат и да го однесат во болница со амбулантно возило.
Премиерот Нарендра Моди, кој го посети местото на несреќата во петокот, разговараше со единствениот преживеан.
"Му кажав на Моди се што видов. Тој ме праша и за моето здравје", рекол Рамеш од болничкиот кревет.
Д-р Давал Гамети, кој го лекуваше, рече дека бил дезориентиран со повеќе повреди по целото тело, но се чини дека е надвор од животна опасност.
Рамеш рече дека видел неколку патници и членови на екипажот како ги губат своите животи и делови од авионот расфрлани околу местото на несреќата.
Тој патувал со својот брат и ги повикал роднините во Лестер, Велика Британија, по несреќата. Дома има сопруга и син.