Достапни линкови

Димитриоска-Кочоска: Горивата се берзански производ, не можеме да влијаеме на цената


илустрација
илустрација

Горивата се берзански производ на кој не можеме да имаме апсолутно никакво влијание, изјави министерката за финансии Гордана Димитриоска Кочоска, по најавите за зголемување на цените на бензините и дизелот.

Владата, вели таа, ќе ја следи ситуацијата, а како што додаде, засега цените не се премногу високи.

„Ќе следиме што се случува. Сме имале години кога сме имале многу високи цени, сега немаме премногу висока цена на горивата, но да видиме што ќе се случува. На берзанските производи Владата не може да има влијание зашто станува збор за цени кои се формираат на светските берзи, нагласи министерката, одговорајќи на новинарски прашања по презентацијата на Договорот за финансирање на заедничките активности што ја организираа Министерството за финансии (МФ) и Канцеларијата на ООН во Скопје.

Во врска со планот за мерки што го најави премиерот пред два дена, Димитриоска-Кочоска истакна дека би оставила Владата да информира кога ќе има нешто официјално.

„МФ не е одговорно во овој дел, си има одговорни министерства. Ова се производи од енергетика, тука е Министерството за економија и труд, да ги оставиме да ги сработат, а потоа како Влада ќе излеземе со став по ова прашање“, објасни министерката.

Регулаторната комисија за енергетика денеска (16 јуни) соопшти дека поскапуваат бензините и дизелот. Малопродажните цени на ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) од полноќ ќе се зголемат за 1,50 денари по литар.

Неодамна претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски изјави дека војната меѓу Израел и Иран ќе има влијанија врз цената на нафтата и во Македонија, но дека не очекува влијание на цените на останатите продукти. Тој изрази надеж дека по пикот цените ќе се стабилизираат, посочувајќи го примерот со војната во Украина кога цената на дизелот достигна 110 долари по барел.

XS
SM
MD
LG