Американскиот претседател, Доналд Трамп денеска (18 август) изјави дека Вашингтон ќе биде вклучен во во обезбедувањето на безбедноста на Киев, откако го прими украинскиот колега, Володимир Зеленски и неколку европски лидери на разговори во Белата куќа за завршување на војната во Украина.
„Кога станува збор за безбедноста, тука ќе има многу помош... Тие се првата линија на одбрана бидејќи се таму, во Европа, но и ние ќе им помогнеме, ќе бидеме вклучени“, изјави Трамп за време на билатералниот состанок со Зеленски во Овалната соба.
Подоцна, зборувајќи на состанокот со Зеленски и други европски лидери, Трамп изјави дека рускиот претседател Владимир Путин ја прифатил потребата од безбедносни гаранции за Украина и дека мирот е „на дофат на рака“.
Прво се сретнаа Зеленски и Трамп, по што им се придружија генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанската премиерка Џорџа Мелони и финскиот претседател, Александер Стуб.
Зеленски изјави дека имал „многу добар разговор“ со Трамп за време на нивната почетна средба.
Ова е прва посета на Зеленски на Белата куќа по неговата остра размена на зборови со Трамп во Овалната соба во февруари. Атмосферата овој пат беше многу поинаква — двајцата мажи разменуваа насмевки и шеги.
Зеленски најпрво му се заблагодари на Трамп за неговите „напори да го запре убивањето“.
Трамп пак, претходно на неговата мрежа Truth Social наведе дека ќе биде „голем ден во Белата куќа."
„Никогаш не сме имале толку европски лидери овде во исто време. Голема чест за Америка!“, напиша Трамп на неговата социјална мрежа Truth Social.
На разговорите во Белата куќа им претходеше средбата меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин на Алјаска во петокот, по што претседателот на САД сугерираше дека е постигнат „голем напредок“ во разговорите за условите за мир.
Западните медиуми известија дека Путин предложил мировен договор кој би подразбирал повлекување на Украина од голем дел од територијата во регионот Донбас. Тоа предизвика „аларм“ во Киев и европските престолнини, кои се плашат дека повлекувањето од многу утврдени области ќе ја остави Украина опасно изложена на понатамошни руски напади.
Трамп, зборувајќи за време на поширокиот состанок со европските лидери, исто така зборуваше за „размена на територии“ како дел од идниот договор, но не изнесе детали.
Зеленски откри дека двајцата заедно внимателно ја проучувале картата. Неговиот шеф на кабинет, Андриј Јермак, објави фотографија на која се гледа како ги разгледуваат картите.
Исто така, се чини дека на Алјаска биле разгледувани некои безбедносни гаранции за Украина, но не се објавени јасни детали за нив.
Трамп рече дека разговорите со европските лидери и Зеленски ќе вклучуваат дискусија за безбедносни гаранции и дека, ако сè оди добро, ќе биде закажан трилатерален состанок меѓу него, Путин и Зеленски.
„Сите ќе бидат вклучени“, додаде тој, мислејќи на европските земји. „Кога станува збор за безбедност, ќе има многу помош.“
Шефот на НАТО, Руте, рече дека Трамп „го прекинал застојот“ со Путин по телефонскиот повик по преземањето на функцијата во јануари, а британскиот премиер Стармер изјави дека учеството на САД во обезбедувањето безбедност може да овозможи „историски“ чекор напред кон обезбедување мир.
Трамп изјави дека по состаноците во Белата куќа ќе го повика Путин да организира трилатерален состанок. Исто така рече дека претходно тој ден разговарал со рускиот лидер.
Претходно, специјалниот претставник на Трамп, Стив Виткоф, сугерираше дека Русија се согласила на безбедносни гаранции кои ќе бидат слични на клаузулата за меѓусебна одбрана на НАТО, Член 5.
Тој не изнесе детали, а непосредно пред Зеленски да пристигне во Белата куќа, руското Министерство за надворешни работи издаде соопштение во кое се наведува дека нема да прифати трупи на НАТО во Украина како дел од било какво решение.
Мир или прекин на огнот?
Целта, рече Трамп, е „долгорочен мир“, и додаде дека прекинот на огнот, неговиот претходен предлог кој Зеленски го прифати, а Путин не, е непотребен.
Сепак, германскиот канцелар Мерц рече дека постигнувањето мир ќе биде комплицирано и дека сите останати земји на маса прво сакаат прекин на огнот.
Мерц исто така го повика Трамп да изврши „притисок“ врз Путин за да го натера на трилатерална средба.
Во уште еден знак дека разговорите во Белата куќа може да бидат помалку хармонични откако новинарите се повлекоа, францускиот претседател Макрон рече дека следната фаза на преговорите не треба да биде трилатерална – затоа што и Европа треба да има место на масата.
Макрон ја повтори изјавата на Мерц за барањето прекин на огнот „барем за да се запре убивањето“, додавајќи „сите ја поддржуваме оваа идеја“.