Достапни линкови

Колкава би била цената на заминувањето на Вучиќ во Москва за Србија?


Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот српски колега Александар Вучиќ
Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот српски колега Александар Вучиќ

Повеќепати најавуваната посета на Москва од страна на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, е под лупа поради можни последици за европскиот пат на Србија.

Вучиќ ја објави својата одлука да присуствува на парадата по повод Денот на победата над фашизмот на 9 мај на почетокот на март, по телефонски разговор со Путин.

Во случај Вучиќ да отпатува во Москва, каде што треба да се сретне лично со Путин за прв пат од почетокот на руската инвазија на Украина, тоа би имало сериозни импликации за европскиот пат на Србија, оценува Среќко Ѓукиќ, поранешен дипломат, за Радио Слободна Европа (РСЕ).

„Тоа може да му користи на српскиот режим, но не му користи на европскиот пат на Србија и не и користи на Европската Унија (ЕУ), како еден голем економски и политички интегритет на глобално ниво, а секако не им користи ниту на другите кандидати за членство во ЕУ“, објаснува Ѓукиќ.

Каква е реакцијата на Брисел?

Србија е во преговори за членство во ЕУ од 2014 година. Таа не се согласи со санкциите на ЕУ против Русија поради нејзината инвазија на Украина, а властите во Белград продолжија да ги негуваат односите со Москва дури и по 2022 година и предупредувањата од Брисел.

Најновото соопштение дојде од европската комесарка за проширување, Марта Кос,која беше во Белград кон крајот на април.

Таа на прес-конференција на 29 април изјави дека „одлуката за одење во Москва зависи од претседателот на Србија“, но и дека ако Вучиќ навистина оди таму, таа ќе има „многу потешка задача да ѝ помогне на Србија да остане цврсто фокусирана на европскиот пат“.

„Одењето во Москва и славењето со Путин или неговата армија што убива луѓе во Украина е толку спротивно на европските вредности и е многу спротивно на одлуката на Советот на ЕУ, кој во 2022 година одлучи дека земјите-членки не треба да преземаат никаков чекор што би можел да им даде легитимитет на Путин и на Русија“, рече Кос.

Американскиот Стејт департмент не одговори на барањето на РСЕ за коментар во врска со најавата на Вучиќ за неговото заминување во Москва до моментот на завршување на текстот.

Што е сè „на коцка“?

По неколку години балансирање меѓу Западот и Истокот, европскиот пат на Србија е компромитиран, според поранешниот дипломат Среќко Ѓукиќ.

Тој истакнува дека во случај на заминување на Вучиќ во Москва, треба да се очекуваат „одредени потези“ од Брисел.

„Можно е целиот или дел од богатиот арсенал што ЕУ го испраќа на Србија во форма на финансии, во форма на донации, во форма на политичка поддршка, во форма на безвизен режим, да биде ставен на дневен ред и да биде доведен во прашање“, вели Ѓукиќ.

ЕУ е најважниот трговски партнер на Србија. Најголемиот дел од директните странски инвестиции доаѓаат од земјите од ЕУ.

Ѓукиќ, исто така, истакнува дека блиските односи на Србија со Москва не само што го компромитираат европскиот пат на Србија, туку и процесот на приклучување кон другите земји-кандидатки за членство во ЕУ.

„Веќе е невозможно да се варира и да се бира помеѓу Истокот и Западот, и на тоа мора да се стави крај“, заклучува Ѓукиќ.

Кому Вучиќ му ја испраќа пораката?

За Јелица Курјак, поранешната амбасадорка на Србија во Москва, најавата на Вучиќ за неговото заминување во Москва е повеќе порака до Европската Унија отколку до Путин.

„Веројатно во главата си помислил дека на овој начин ќе ѝ покаже на ЕУ дека не зависи само од нив, дека зад себе ја има Русија и некако да го зајакне својот имиџ во смисла на уценување“, оценува Курјак.

Според неа, нема друга оправдана причина. Курјак укажува на критиките што дојдоа од ЕУ кон властите во Белград, во светлината на неколкумесечните протести предводени од студентите во блокадата, кои бараат одговорност за смртта на 16 лица при падот на настрешницата во Нови Сад.

Кога станува збор за преговорите со Путин во врска со судбината на НИС и испораките на руски природен гас, Курјак вели дека за такви договори не е потребна тет-а-тет средба меѓу Вучиќ и Путин.

„Во овој конкретен случај со НИС, за нас ништо не зависи од Русија. Америка воведе санкции врз руската компанија што ја купи нашата компанија. Значи, Америка ќе одлучи кога и што да прави“, оценува Курјак.

Кон крајот на април, американските власти по трет пат ги одложија санкциите против НИС, која беше ставена на листата на санкции на 10 јануари, поради таканаречениот „секундарен ризик“, односно поради нејзината поврзаност со рускиот Гаспром Нефт, кој е под западни санкции поради руската инвазија на Украина.

Кога станува збор за преговорите во врска со нов договор за испорака на природен гас од Русија, со оглед на тоа што постојниот истекува на крајот на мај, Курјак потсетува дека претходниот беше постигнат во мај 2022 година, три месеци по почетокот на руската инвазија на Украина, без заминувањето на Вучиќ во Москва.

Кој го потврди пристигнувањето во Москва?

Од европските лидери, само Вучиќ и словачкиот премиер Роберт Фицо, кој е близок до Кремљ, го најавија своето присуство.

Милорад Додик, претседател на Република Српска, исто така, го најави своето заминување во Москва. Додик е близок и со рускиот претседател Владимир Путин, со кого се сретнал лично неколку пати од почетокот на руската инвазија на Украина, последниот пат на 1 април.

Кинескиот претседател Си Џинпинг ќе престојува во Русија од 7 до 9 мај во официјална посета, за време на која беа најавени низа билатерални средби и потпишување договори.

Како што објави руската државна новинска агенција РИА Новости, присуството на парадата на 9 мај го потврдија претседателот на Белорусија Александар Лукашенко, претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, претседателот на Венецуела, Николас Мадуро и претседателот на Бразил, Луис Инасио Лула да Силва.

Од африканските земји, свои претставници ќе имаат Конго и Буркина Фасо.

Каде е Србија на европскиот пат?

Од декември 2021 година, Србија нема отворено никакво преговарачко поглавје или кластер со ЕУ. За да се отвори кластер, потребна е едногласна одлука од сите земји-членки на ЕУ.

Од 2014 година, кога Србија официјално ги започна преговорите, претставниците на Брисел го истакнуваат односот меѓу Србија и Косово како главна пречка во европската интеграција.

Дијалогот меѓу Белград и Приштина, под покровителство на Брисел, е во застој.

Состојбата на владеењето на правото - широко распространета корупција, државна контрола врз медиумите, влијание на владата врз судството, недостиг на пресуди за воени злосторства од 1990-тите и величење на криминалците, како и непочитување на надворешната политика на ЕУ - се наведени како проблеми во најновиот европски извештај за напредокот на Србија.

За време на посетата на Белград, европската комесарка за проширување Марта Кос се фокусираше на реформите во судството, борбата против корупцијата, слободата на медиумите и подобрувањето на изборниот процес.

„Работете со нас на реформите, за да биде можно вашето членство во Европската Унија“, рече Кос, по средбата со српскиот премиер Ѓуро Мацута на 29 април.

Србија е меѓу земјите од Западен Балкан вклучени во Планот за раст на ЕУ, кој вклучува вкупен фонд од шест милијарди евра.

Сепак, поради недостиг на напредок во дијалогот со Косово, обете земји во моментов се без парите доделени во фазата на претходно финансирање од Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан.

XS
SM
MD
LG