Ако Украина чека толку колку што Северна Македонија чека почеток на преговори со ЕУ, тогаш Украина би ги започнала преговорите во 2045 година. Таа е тажна приказна на Балканот, заедно со Косово и со Босна и Херцеговина, вели во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ), еврокомесарката за проширување на Европската комисија, Марта Кос.
Таа изрази надеж дека до крајот на нејзиниот мандат како комесар во Европската комисија, позиција што ја презеде во септември 2024 година, Црна Гора и Албанија би можеле да станат членки на Европската Унија.
Нормализацијата на односите на Косово со Србија е предуслов за Косово да добие статус на кандидат и да го започне процесот на членство во Европската Унија (ЕУ), вели Кос.
Косово аплицираше за членство во ЕУ на 15 декември 2022 година и сега останува единствената земја во регионот која сè уште нема статус на земја-кандидат.
Зборувајќи за можноста за разговор со Милорад Додик, прорускиот претседател на Република Српска, Кос наведува дека „е тешко да се разговара со некој што работи против интересите на својата земја“.
РСЕ разговараше со оваа политичарка од Словенија пред нејзината посета на Србија. Во таа земја Кос доаѓа во момент на политичката криза што започна пред шест месеци по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад и смртта на 16 лица, како и протестите против корупцијата што следеа, прво од студенти, а потоа и од масовни протести на граѓани.
Одите во Србија. Дали се плашите дека вашата посета ќе биде сфатена како некаков вид поддршка за претседателот Александар Вучиќ, кој сега е во голема неволја со оглед на сите оние што протестираат низ целата земја?
Србија сега има нова влада и прво ќе се сретнам со новиот премиер, бидејќи Србија навистина мора да ги исполни своите ветувања. Зборовите не се доволни. Затоа ја гледам мојата мисија или посета таму како навистина значаен напор за враќање на Србија на европскиот пат.
И нема да се сретнам само со претставници на Владата, не само со претседателот. Ќе се сретнам со претставници на граѓанските организации, со кои сум во постојан контакт. Ќе се сретнам со студентите.
Значи, не е лесна ситуација, но всушност она што демонстрантите го бараат од српската влада е истото што Европската комисија го бара од Србија во процесот на преговори. Тоа се владеењето на правото, борбата против корупцијата, јавните набавки, медиумското законодавство, изборното законодавство. Србија вети многу во декември во таканаречениот неофицијален документ (нон-пејпер), па сега ќе треба да провериме дали го исполнуваат она што го ветија.
И всушност, сакам да кажам дека сум најголемиот поддржувач на демонстрантите, бидејќи ако Србија е сериозна во врска со патот кон ЕУ, а тие ми кажат дека е, ќе мора да ги исполни своите ветувања.
Но, во исто време, демонстрантите беа многу критични кон Брисел, со оглед на тоа дека Брисел е премногу „кроток“ кога станува збор за критикување на Владата. Што мислите за тоа?
Пет месеци сум комесар, така што бев критичар, но се сретнав и со г-дин Вучиќ, бидејќи мислам дека тој дијалог мора да постои. А да бидеш земја-кандидат или да се преправате, да аплицираш за членство, знаете, тоа е сепак избор. И тие избраа, Србија го избра овој пат. Но, овој избор на ЕУ или станување членка на ЕУ, доаѓа со одговорност, доаѓа со обврски. И тогаш треба да бидеме во контакт.
И се надевам дека новата влада ќе ги оправда очекувањата. Во последните неколку месеци или една година исполнувањето на обврските не беше добро.
За политичката парализа во Косово
Во моментов во Косово владее политичка парализа. Која е вашата порака до Приштина?
Чекаме новата Влада. Во контакт сум со политичарите таму и тие тврдат дека се за нормализација на односите со Србија што всушност е предуслов за да можеме да го започнеме процесот на преговори или доделувањето на кандидатски статус. Значи, постојат некои предуслови што тие мора да ги исполнат и се надеваме дека новата влада ќе го стори тоа. Ова ќе биде многу, многу важно.
Знаете, јас доаѓам од Словенија, која порано беше дел од оваа територија во поширока смисла. Значи, во некои аспекти, регионот беше подобар пред 20 години отколку што е денес. И има две или три многу тажни приказни.
Една од нив е што Косово не може да оди напред. Друга тажна приказна е Северна Македонија. Знаете, ако Украина чека толку колку што Северна Македонија чека почеток на преговори, тогаш Украина би ги започнала преговорите во 2045 година. И, секако, тука е и Босна и Херцеговина.
Во врска со Косово, всушност постојат две работи што ЕУ може да ги направи. Едното е Комисијата да даде мислење. И, секако, знам дека земјите-членки се тие што треба да испратат мислење до Европската комисија.
Го познаваш системот многу добро.
Дали мислите дека ова може да се случи за време на данското претседателство, односно во втората половина на 2025 година?
Не би знаела. Не добив никакви сигнали од земјите-членки или од данското претседателство дека ова би можело да се случи. Но, јас сметам на тоа. Мислам дека би било навистина добро да се започне, тогаш е полесно да се вклучат во целиот процес на преговори, каде што тие всушност треба да се испорачаат резултати, но ние мора да започнеме.
И втората работа се, секако, мерките наметнати врз Косово. Пред неколку недели, министрите за надворешни работи на ЕУ ѝ посочија на Европската комисија дека е време тие постепено да се укинат. Што ќе биде прво укинато? Кога би можело тоа да започне?
Сè уште не знаеме. Зборуваме за тоа. Ако земјите-членки се за укинување, секако дека ние ќе го сториме тоа. Но, не сите земји-членки се за укинување на мерките засега.
Значи, мерките ќе останат уште некое време?
Не знам. Тоа е прашање на земјите-членки, како ќе сакаат да го сторат тоа.
Дали е можно да се разговара со Милорад Додик?
Кога зборуваме за Босна и Херцеговина, дали го гледате г-динот Милорад Додик како некој со кого сè уште можете да разговарате за процесот на пристапување кон ЕУ?
Тешко е да се справиш со некој (Милорад Додик) што не се труди најдобро што може во интерес на својата земја, Босна и Херцеговина. И тешко е да се работи со некој што оди против територијалниот интегритет, суверенитетот и уставниот поредок.
И тоа е една од причините зошто сè уште не сме во можност да отвориме преговори со Босна и Херцеговина, иако Босна и Херцеговина има статус на кандидат, но поради внатрешнополитичката ситуација, тие не можат ниту да го именуваат главниот преговарач.
Тие не се во можност да ја стават на хартија реформската агенда што ќе им овозможи да добијат една милијарда евра од Планот за раст на ЕУ. Значи, сега навистина работиме на тоа.
И засега има некои светли точки, имено дека во Република Српска постои опозиција која станува поконструктивна, а тоа би можело да биде пробив во процесот на преговори.
Да се вратиме на Додик. Знам, секако, дека е многу тешко да се воведат санкции врз него од истата причина зошто е тешко да се воведат санкции врз Грузијците. Но, во Грузија, најдовте разни други мерки со кои можете да ја погодите Владата. Зошто не би било исто и со Босна и Херцеговина и Додик?
Бидејќи земјите-членки не се обединети по прашањето за санкциите против Додик.
Дали е толку едноставно?
Да.
Кои се предизвиците за проширувањето на ЕУ?
Проширувањето на Европската Унија веројатно никогаш не било толку геополитичко прашање како што е сега. Каква е вашата визија за проширувањето на ЕУ, за време на вашиот мандат што трае до 2029 година?
Се согласувам целосно. Кога сè уште бев кандидат за комесар, реков дека проширувањето денес е различно отколку што беше пред пет години. Сепак, денес велам дека процесот на проширување е различен од оној што беше во јануари, бидејќи толку многу работи се променија, вклучително и новата Влада на Соединетите Држави (САД).
Геополитиката се промени во смисла дека беше приоритет пред проширувањето, но не беше толку поврзана со делот за безбедноста и мирот. И повторно, некако со денешното проширување, се враќаме на основите за тоа зошто беше основана ЕУ. Тоа беше за да се обезбеди мир, слобода, просперитет, а денес би можеле да додадеме и безбедност. Тоа е всушност она што го правиме во целиот процес.
Секако, сè уште станува збор за поглавја, кластери и одредници, но ова е многу поважно во смисла дека ако не успееме во ова, всушност, ќе го кажам вака, не смееме да не успееме.
Затоа, денес е многу важно да не потфрлиме во процесот на проширување, што е најуспешната надворешна политика на ЕУ.
Добри перспективи за Албанија и Црна Гора
Што би било неуспех?
Би било неуспех ако не воведеме ниту една нова членка во ЕУ за време на сегашната Европска комисија и сигурна сум дека можеме да го сториме тоа.
Би можеле да го направиме тоа со Црна Гора. Сите поглавја се отворени, па затоа ги затвораме за да можеме да го завршиме процесот на крајот на 2026 година од техничка гледна точка.
Со Албанија, би можеле да го завршиме процесот од техничка гледна точка до крајот на 2027 година. Зошто велам од техничка гледна точка?
Бидејќи станува збор за постапка на преговори, а земјите кандидати мора да спроведат реформи, но потоа на земјите-членки е да одлучат дали ќе станат членки или не.
За спецификите на Молдавија и Украина
Знам дека ниту еден комесар за проширување не сака да се обврзува на рокови, но ја споменавте Црна Гора, ја споменавте Албанија. Дали тие се земјите-членки на ЕУ број 28 и 29 кога ќе ја напуштите функцијата во 2029 година? Дали има некоја друга земја освен овие две?
Можно е. Молдавија е навистина добар ученик во целата група. Тие навистина го чувствуваат овој историски момент. И ова е нешто што веројатно не сме го виделе порано, бидејќи тие сакаат да припаѓаат на заедница на вредности и демократија. Тие се подготвени да направат сè што е можно.
Дури и Украина. За прв пат во историјата, преговараме со земја во војна. Никогаш, ама баш никогаш порано не сме го правеле ова. Па сигурна сум дека би можеле да имаме повеќе од само две нови членки.
Дали е време да се одвојат процесите со Молдавија и Украина како што направивте, односно не вие лично, туку ЕУ го направи тоа со Албанија и Северна Македонија?
Веќе разговараме со земјите-членки што да правиме, бидејќи ниту една земја-членка не е против отворањето на првиот кластер со Молдавија. Затоа се надевам дека наскоро ќе најдеме решение и дека ќе можеме да го отвориме не само првиот кластер, туку и сите други оваа година.
Значи, не можете да ја исклучите можноста за разделба уште сега, на пример, во јуни?
Не.
Како да се убеди Унгарија?
Кога станува збор за Украина, очигледно е дека постои прашање за националните малцинства, нешто што Унгарија го покрена. Дали гледате простор за договор тука? На пример, дали Украина направила доволно кога станува збор за нејзиното законодавство за националните малцинства? Или мислите дека Будимпешта бара повеќе?
Украина направи доволно, можам да ви кажам од лично искуство, бидејќи јас посредував во дијалогот меѓу Унгарија и Украина. Имаше многу точки и Украина е подготвена да ги исполни сите. Но, тоа не е доволно за Унгарија.
И мора да видиме како да ја убедиме Унгарија да дозволи отворање на првиот кластер. Украинците знаат дека ова не важи само за унгарското малцинство. Заштитата на малцинствата е еден од најважните делови или задачи што треба да ги изврши една земја-членка или земја-кандидатка. И за сите малцинства, не само за унгарското малцинство.
Значи, ќе видиме што ќе донесат таканаречените јавни консултации во Унгарија. Тоа е еден дел.
Вториот дел е како земјите-членки ќе реагираат на фактот дека ова не може да биде „вообичаена работа“ со проширувањето со оглед на геополитичките промени што ги имаме денес. Некако сме привлечени од тензиите меѓу геополитичките и безбедносните потреби од една страна и од друга страна, од методологија која е, да речеме, стара околу 30 години со мали промени.
Но, каков е вашиот план да го заобиколите унгарското вето?
Тоа е преку разговор со Унгарците, знаете, дијалогот секогаш, секогаш помага. Унгарија не беше против кога дваесет и седум членки на ЕУ донесоа одлука да ѝ дадат на Украина статус на кандидат, па затоа ние продолжуваме да работиме на тоа.