Достапни линкови

Реакции по упокојувањето на папата: Во ова време на бруталност, тој имаше чувства за другиот, за најкревкото


Папата Франциск
Папата Франциск

Претседатели, премиери, дипломати и државници упатуваат последен поздрав и зборови на сочувство за денеска починатиот поглавар на Римокатоличката црква, папата Франциск.

Папата Франциск, 266-иот поглавар почина на Велики Петок, 21 април 2025 година, на 88-годишна возраст соопшти Ватикан.

Неговото папство беше обележано со фокусирање на милоста, социјалната правда и заштитата на животната средина.

Макрон: Тој имаше смисла за другиот, за најкревкото

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека во текот на неговиот понтификат папата Франциск секогаш застанувал на страната на најранливите и најкревките и дека тоа го правел со многу понизност.

„Во ова време на војна и бруталност, тој имаше смисла за другиот, за најкревкото“, им рече Макрон на новинарите.

Меѓу првите кои објавија на социјалните мрежи за смртта на папата беше и холандскиот премиер Дик Шуф, кој на Х напиша дека „Папата Франциск на секој начин беше човек на народот“.

„Глобалната католичка заедница се збогува со водачот кој ги препозна горливите прашања на нашето време и го привлече вниманието на нив. Со својот трезвен начин на живот, чиновите на служба и со сочувството, папата Франциск беше пример за многумина – католици и некатолици. Ние го паметиме со голема почит“, напиша Шуф.

Американскиот претседател Доналд Трамп се прости од поглаварот на Католичката црква со објава на својата социјална мрежа Truth Social.

„Почивај во мир, папа Франциск! Нека Бог го благослови него и сите што го сакаа“, напиша Трамп.

Џо Бајден, вториот католички претседател во американската историја по Џон Ф. Кенеди, на X напиша дека Франциск „ќе биде запаметен како еден од најважните водачи на нашето време“.

„Тој беше поинаков од своите претходници. Тој беше народен папа, светлина на верата, надежта и љубовта“, напиша Бајден.

Мерц: Неуморна посветеност на најслабите

Германскиот канцелар во очекување Фридрих Мерц изјави дека папата Франциск ќе биде запаметен по неуморната посветеност на најслабите членови на општеството.

„Тој беше воден од смиреноста и вербата во Божјата милост“, се вели во објавата на Мерц на X.

На молитвите на Франциск се потсети и израелскиот претседател Исак Херцог.

„Папата Франциско беше човек со длабока вера, мир и сочувство, кој негуваше врски со еврејскиот свет. Човек со длабока вера и безгранично сочувство, тој го посвети својот живот на издигнување на сиромашните и повикување на мир во еден проблематичен свет. Навистина се надевам дека неговите молитви за мир на Блискиот Исток и за безбедно враќање на заложниците (во Газа) наскоро ќе бидат одговорени“, рече во понеделникот израелскиот претседател Исак Херцог, во пораката на сочувство до христијанскиот свет и неговите заедници во Светата земја, пренесе Ројтерс.

Полскиот претседател Анджеј Дуда, пак, го нарече папата апостол на милоста.

„Тој беше голем апостол на милоста, во него го видовме одговорот на предизвиците на современиот свет“, рече Дуда.

Од Московската патријаршија објавија дека „Папата Франциск играше значајна улога во активниот развој на контактите меѓу Руската православна црква и Римокатоличката црква“, пренесе ТАСС.

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс објави дека неговото срце е со милионите христијани ширум светот

„Штотуку дознав за смртта на папата Франциско. Моето срце е со милионите христијани ширум светот кои го сакаа“, објави Венс.

Мелони: Имав привилегија да уживам во неговото пријателство

Италијанската премирка Џорџа Мелони изјави дека веста за смртта на папата Франциско е причина за голема тага поради заминувањето на „голем човек, голем пастир“.

„Ја имав привилегијата да уживам во неговото пријателство, неговите совети, неговите учења, кои никогаш не престанаа дури и за време на искушенија и страдања. Со срце полно со тага се простуваме со Светиот Отец“, рече Мелони во изјавата.

Папата Франциск, роден како Хорхе Марио Бергољо во Буенос Аирес, Аргентина, почина на Велики Понеделник, 21 април 2025 година, на 88-годишна возраст во неговата резиденција во Ватикан, Каса Санта Марта.

Тој беше 266-тиот папа на Римокатоличката црква, првиот од Америка, првиот језуит и првиот понтиф роден надвор од Европа во повеќе од еден милениум.

Избран за папа во 2013 година, по оставката на папата Бенедикт Шеснаесетти, тој го избра името Франциск во чест на Свети Франциск Асишки, што ја одразува неговата посветеност на смирението и сиромашните.

Неговото папство беше обележано со фокусирање на милоста, социјалната правда и заштитата на животната средина.

XS
SM
MD
LG