Достапни линкови

Трамп се залага за договор за цивилна нуклеарна програма на Саудиска Арабија и покрај загриженоста на Израел


Лидерите на груата Г20 на самитот во Осака
Лидерите на груата Г20 на самитот во Осака

Во промената на политиката што ги вознемири функционерите во Израел, Соединетите Држави под водство на претседателот Доналд Трамп повеќе не ги условуваат цивилните нуклеарни амбиции на Саудиска Арабија со нормализацијата на одосите со Израел.

Овој потег, првпат објавен пред посетата на Трамп на Ријад на 13 мај, означува остро отстапување од пристапот на администрацијата на Бајден, која ја поврза нуклеарната соработка и безбедносните гаранции со поширок регионален договор што вклучува израелско-палестински мировни напори.

Под водство на Бајден, саудиските нуклеарни разговори беа поврзани со напредокот во разговорите за нормализација на дијалогот со Израел, при што Вашингтон се надеваше дека влијанието на Ријад би можело да помогне да се извлечат отстапки од Израел за воспоставување палестинска држава.

Но, со ефикасно замрзната нормализација - главно поради војната во Газа и инсистирањето на Саудиска Арабија за палестинска државност - администрацијата на Трамп се одлучи за „потрансакциски“ пристап.

Ова раздвојување некои го сметаат за одраз на приоритетите на Трамп.

Грегори Бру, виш аналитичар во групата Евроазија со седиште во Њујорк, вели дека промената на политиката „не е премногу изненадувачка“ со оглед на заедничкиот интерес на Вашингтон и Ријад за воспоставување поблиски врски.

Тој за Радио Слободна Европа изјави дека, засега, саудискиот престолонаследник Мухамед бин Салман е задоволен со „добивање масовна продажба на оружје и усна обврска за помош на Саудиска Арабија доколку биде нападната“, дури и кога нормализацијата останува надвор од масата сè додека „не се реши ситуацијата во Газа и не се постигне напредок кон палестинска држава“.

За Трамп, економските резултати се чинат најважни и Саудијците се чини дека го разбираат тоа.

Мајкл Хоровиц, независен аналитичар со седиште во Израел, сугерираше дека Ријад можеби ја прилагодил својата понуда на интересите на Трамп.

„Мислам дека тие разбираат што го мотивира Трамп и добро ги играа своите карти. Трамп сака неговата прва регионална турнеја да биде успешна, што подразбира обезбедување големи најави, вклучително и саудиски инвестиции во Соединетите Држави“, изјави Хоровиц за РСЕ.

Договор по секоја цена?

Трамп е заинтересиран да обезбеди големи саудиски инвестиции и да обезбеди САД да бидат вклучени во нуклеарната програма на кралството, без оглед на импликациите за Израел или Блискиот Исток.

„Трамп ќе го смета ова за победа на два фронта - без да ги разгледува можните последици регионално или за Израел, особено ако смета дека Израел е „тежок“ по други теми, вклучувајќи ги Газа и Иран“, рече Хоровиц.

Иако некои не се согласуваат, тензиите меѓу Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се зголемуваат, а американскиот претседател наводно е фрустриран поради неподготвеноста на Нетанјаху да се усогласи со Вашингтон по клучните регионални иницијативи. За Израел, нормализацијата со Саудиска Арабија е стратешка цел и критична компонента на секој иден договор меѓу САД и Саудиска Арабија.

Сега, се чини дека тој договор се движи напред без израелски придонес, претставувајќи „голем неуспех“ за Израел, според Хоровиц.

„Она што Саудијците се обидуваат да го обезбедат е одобрение од САД за програма што не го следи златниот стандард и би им овозможила да збогатуваат ураниум на домашно ниво. Ова е уште еден слој на загриженост за Израел“, додаде тој.

Израелските лидери, исто така, изразија сомнежи дека саудискиот нуклеарен договор може да помине во Сенатот на САД без вклучување на Израел. Но, администрацијата на Трамп се чини дека е решена да продолжи понатаму.

Аголот на Иран

Аналитичарите предупредуваат дека импликациите би можеле да одекнат низ целиот регион - особено во Иран, каде што нуклеарните разговори со САД остануваат кревки.

Вашингтон вели дека Техеран треба да се откаже од збогатувањето и наместо тоа да увезува ураниум, под претпоставка дека дури и му е дозволено да одржува цивилна нуклеарна програма.

Сепак, Иран тврди дека неговите капацитети за збогатување се „непреговарачки“.

Доколку САД се согласат да и дозволат Саудиска Арабија да збогатува ураниум,„ќе им биде уште потешко да тврдат дека Иран не треба самиот да го прави тоа“, вели Хоровиц.

„Ова би бил уште еден јасен сигнал дека САД не сакаат „целосно да ја демонтираат“ иранската програма како што бара Израел, туку едноставно да постават ограничувања“, додаде тој.

За Саудијците, можноста за збогатување ураниум е повеќе од енергија - таа носи стратешка тежина.

Ја задржува опцијата за вооружување на маса, служејќи како форма на одвраќање.

„Тоа претставува веродостојна закана дека секое иранско вооружување веројатно би предизвикало сличен одговор од Саудиска Арабија. Тоа не е нешто што Иранците би го поздравиле“, заклучува Бру.

XS
SM
MD
LG