Рано наутро на 12 мај, во куќа во северозападен округ на Лондон, пожарникарите реагираа на пријава за пожар на влезот од имотот. Пожарот бил мал, предизвикувајќи мала штета на влезната врата и не бил ништо посебно освен за едно нешто.
Куќата, во населбата Кентиш Таун, му припаѓала на британскиот премиер, Кир Стармер, кој ја изнајмил откако се преселил на Даунинг стрит. Тоа бил еден од трите акти на палење што го погодиле имотот поврзан со Стармер во мај, соопшти полицијата.
Мистеријата се продлабочила три дена подоцна кога полицијата објави обвиненија против еден Украинец, Роман Лавринович. Оттогаш се уапсени уште тројца мажи, вклучувајќи уште еден Украинец и еден Романец кој претходно живеел во Украина.
Лавринович, 21 година и уште двајца мажи требаше да се појават во Централниот кривичен суд во Лондон, познат како Олд Бејли, на 6 јуни.
Дополнително на мистеријата: британските безбедносни службеници сега истражуваат дали Русија може да биде вмешана, според „Фајненшл тајмс“.
Освен Лавринович, британската полиција и обвинителите ги идентификуваа другите двајца мажи како Станислав Карпјук (26) и Петро Починок (34). Четвртиот маж, кој беше уапсен на 2 јуни, не е идентификуван.
Ниту обвинителска служба ниту Метрополитенската полиција не коментираа кога беа контактирани од Радио Слободна Европа.
Олександр Шаповалов, портпарол на Националната полиција на Украина, рече дека агенцијата соработува со британски и други европски органи за спроведување на законот и се обидува да утврди дали постои врска со „странски разузнавачки служби или други терористички групи“.
Не е јасно точно како мажите се поврзани со наводните злосторства.
„Ќе разгледам какви било опции“
Една индикација за местото на живеење и активностите на Лавринович доаѓа од групите за разговор за вработување во апликацијата за пораки Телеграм откриени од „Schemes“, истражната единица на украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.
Помеѓу 2022 и 2025 година, Лавринович, кој живее во Велика Британија веќе неодредено време, бил активен член на неколку групи насочени кон луѓе кои зборуваат руски и украински јазик и бараат работа.
Лавринович ја оставил својата последна порака во една од овие групи на 3 мај, пет дена пред да биде запален автомобил кој претходно бил регистриран на име на британскиот премиер Кир Стармер. Во групата „Лондон Работа“ (London Work) тој напишал:
„Здраво, барам работа, ги имам сите документи. Можам да бидам мајстор или помошник на надзорник“.
На 2 мај, Лавринович објавил порака во друга група за барање работа наречена Лондон УА (УА се однесува на Украина) каде што напишал на украински:
„Здраво, барам работа, ќе разгледам какви било опции“.
Два часа подоцна, корисник по име Јури одговорил:
„Пишете ми во приватна порака“.
Не е јасно дали Лавринович одговорил. На 30 мај, новинарите на РСЕ го контактирале Јуриј за коментар. Тој негираше дека му понудил работа на Лавринович или на некого. Кога му ја покажале размената на пораки од 2 мај, Јуриј рече дека се сетил дека станува збор за „понуда за работа како асистент за полски познаник“.
Јуриј за РСЕ изјави дека Лавринович никогаш не одговорил.
РСЕ се обиде да контактира со роднините на Лавринович и другите мажи. Сестрата на Починок, Ана, рече дека не била во контакт со својот брат подолго време и коклу што знае, тој живеел во Романија.
„Агенти за еднократна употреба“
На 2 јуни, истиот ден кога беше уапсен четвртиот неидентификуван маж, украинската воена разузнавачка агенција издаде необично јавно предупредување.
„Руските специјални служби ги интензивираа обидите за регрутирање украински граѓани со цел да ги вклучат во нелегални активности на територијата на Европската Унија“, соопшти агенцијата, позната како ХУР.
„На потенцијалните сторители им се нудат парични награди за учество во нелегални активности, следење на критични инфраструктурни објекти и извршување други задачи во корист на државата агресор. Ова се главно Украинци од привремено окупирани територии кои се нашле во тешка ситуација“, се вели во соопштението.
Виктор Јагун, поранешен заменик-директор во главната безбедносна агенција на Украина, СБУ, рече дека каналите на Телеграм се една алатка што руските разузнавачки агенции ја користат за идентификување и вработување луѓе, некои без никаков сомнеж.
„Тие „се современ метод за привлекување луѓе кои се во тешка ситуација и се обидуваат некако да се пронајдат во животот. Покрај тоа, истите Украинци не бараат работа на полски или британски страници, туку често на страници на руски јазик“, изјави Јагун за РСЕ.
Тој додава дека се работи за културни и спортски центри, каде што поранешни воени лица или претставници на руските специјални служби би можеле да работат како тренери.
Франк Умбах, консултант за безбедност на Универзитетот во Бон, ги опиша луѓето што несвесно ги регрутираат странските разузнавачки агенции како „агенти за еднократна употреба“.
„До нив се пристапува со криминални елементи. Често луѓето се регрутираат преку Даркнет или преку Телеграм и други платформи. Честопати тоа се луѓе кои само сакаат да заработат пари“, изјави Умбах за РСЕ.
Друга алатка што се користи за регрутирање во разузнавачките служби е Православната црква, вели Фјодор Вениславски, пратеник кој е член на Комитетот за безбедност, одбрана и разузнавање на украинскиот парламент.
Православната црква во Украина се подели во годините што доведоа до руската инвазија во февруари 2022 година, при што една гранка се сметаше за зависна од Руската православна црква во Москва.
Вениславски рече дека гранката што се смета за зависна од московската црква отворила десетици парохии низ Европа во последните години.
„Со оглед на тоа што не е многу тешко да се дознае дека некое лице е од Украина, тоа може да стане предмет на соодветно влијание, а не нужно од страна на свештеници“, вели Вениславски.
Портпаролот на црквата поврзана со Москва за РСЕ изјави дека не била свесна за тоа дека Украинците се регрутирани од руските разузнавачки служби во црковните парохии.
Русија има цел да го дискредитира имиџот на Украина во очите на западните партнери, рече Јагун.
„Тие се заинтересирани да покажат дека Украинците се потенцијални терористи, Украинците се потенцијални саботери, Украинците се потенцијални криминалци. Тие го прават ова само со една цел - да ја намалат количината на поддршка за Украинците во странство“, уверува Јагун.
Во октомври 2024 година, „Shemes“ откри онлајн кампања од руски разузнавачки агенции кои регрутирале украински тинејџери за да палат возила што ги користат воениот персонал и воените регрутери.
Денови по објавувањето на извештајот, стотици украински државни институции, вклучувајќи амбасади и училишта, добија заканувачки е-пораки во кои се споменуваа имињата на новинарите на Радио Слободна Европа како одговорни за истрагата.