Јанчовски: Би сакал да ми дојде да пишувам љубовна поезија

Тихомир Јанчовски. Фото: Сашо Димоски

Во неделата, на 10 јуни, во скопски Сули ан, се одржа промоцијата на „Два света“ од еден од најголемите поети и мислители на сите времиња Џелалудин Мохамед Руми во превод на Тихомир Јанчовски. Станува збор за издание на Матица Македонска и за втора книга, по „Влакно на јазикот“, на која за релативно кратко време, само два месеца, се наоѓа потписот на овој наш автор.

Мене ни малку не ми е тешко да издавам вака едноподруго две книги. Иако од страна изгледа дека често ме има, сепак тоа се веќе направени работи. „Влакно на јазикот“ е пишувана во тек на две години. Последните песни се напишани негде јануари, февруари оваа 2018 година. После тоа беа потребни два месеца сето тоа да се спакува и да излезе. А, вторава книга, преводот на Руми - „Два света“, тоа го работев во изминативе 11 години и по нешто е завршено сега.

Вака Тихомир Јанчовски ќе го прокоментира фактот дека неговото име како автор и преведувач, за релативно кратко време – нецели два месеца, се најде на две книжевни објави. На неговата 10 поетска збирка „Влакно на јазикот“ и на изборот и преводот на стиховите на персискиот филозоф, поет, правник, учител и суфист Џелалудин Мохамед Руми поместени во книгата насловена „Два света“.

Говорејќи за „Влакно на јазикот“, поетот истакнува дека таа книга е во многу што продолжение на претходната, на „Игла и конец“. Дека има многу сличности во атмосферата, во духот во кој се пишувани песните. Дополнува дека иако се различни, тие две книги некако одат во целина и дека токму затоа се решил на нив да стави идентичен цртеж, со тоа што на претходната корицата е светла, а на актуелната црна. Сепак верува дека обете прават целина и „делуваат“ како прв и втор дел од збирката која може да е насловена и како „Игла и конец и Влакно на јазик“.

„Она што го има повеќе во „Влакно на јазикот“ во однос на „Игла и конец“ е преживувањето на тие општи ситуации кои овде станаа секојдневие. И не само овде. Јас имав можност да патувам по Балканот овие години и она што можев да го согледам е поразително бидејќи она што се случуваше кај нас со сите револуции и контрареволуции, протести и контрапротести, големо незадоволство кај луѓето, чувство на промашеност, сето тоа истото го видов и на други места. Па дури и со исти зборови се служеа луѓето кога зборуваа за тоа. Еве и на телевизија кога се гледа говорите на тие луѓе што беа власт таму беа исти како и говорите на тие луѓе што беа власт тука, а најпоразително е тоа што тие што требаше да се некаква опозиција и борци за некаква правда и слобода и тие имаа исти говори. Се служеа со идентични зборови, така што поразот за мене беше што видов дека како да има некоја пи-ар агенција која им ги прави говорите и на едните и на другите и сето тоа е по ист шаблон. Како да нема ништо спонтано и природно во сето тоа“, вели Јанчовски.

Тој смета дека никој не е имун на состојбите што се случуваат околу него, во градот, земјата. Дека сето тоа не погаѓа сите и дека луѓето зрачат вибрации на она што го чувствуваат. Притоа забележува дека посебно ги опфаќаат и луѓето кои се бават со уметност кои, според него, по природа се поосетливи и тоа после можат да го изразат низ своите дела.

„Ова што го напишав се поврзува не само со нашето време туку тоа се работи кои постоеле и ќе ги има и понатаму. Некако, слабоста на луѓето се повторува во вакви ситуации. Во вакви состојби. Слабостите се појавуваат пак и пак повторно“, вели тој.

Во натамошното појаснување, поетот истакнува дека читал една книга за времето на Јустинијан од Прокопи, кој бил врвен историчар од тоа време и дека она што таму го пишувало е многу блиску до она што луѓето го чувствуваат кај нас во овој период на 20–на години транзиција.

„Прокопи пишува дека како една власт се заменува со друга мислите дека тие од власта се најголемите ѓубриња што може да постојат. Кога ќе дојдеа следните по нив, како што вели, овие првите ни се чинеа како пристојни во однос на новите. Работата одеше дотаму што кога ќе дојдеа третите и вторите ни се чинеа нормални, а првите ни изгледаа добри. И затоа како што вика Прокопи, границата на ова оѕверување на човек, на таа корупција на душата е само во тоа колку човек има праг на подносливост и може да издржи физички. Тоа е нешто што тој го пишувал во шести или почеток на седми век. Тоа е пред 1300 години“, вели Јанчовски.

Во контекст на ова поетот знае да каже дека многу би сакал да има многу поинаков тип на мотивација од она што било за последната книга, оти „таму бил повеќе изразен тој општествен момент отколку претходно“.

„Јас да се прашувам би сакал да ми дојде да напишам лирика. Љубовна поезија. Тоа е многу убаво. Луѓето повеќе сакаат тие работи да ги читаат. Ако има нешто убаво. Ако има нешто пријатно. Не само црнила да гледаат и да ги препознаваат“, вели тој.

Од друга страна, прашан за промовирањето на книжевните објави Јанчовски е категоричен дека секоја книга што ќе излезе треба умно да се промовира. Како што вели, ако ништо друго барем луѓето да чујат за неа. Да знаат за што се работи. Смета дека на таков начин се создава и негува читателска публика. Потсетува дека има многу добри книги во Македонија кои се издадени, но кои не добиле соодветна промоција и дека така за нив луѓето и не знаат дека постојат. Како пример за тоа ја наведува „Приказната на Генџи“ од Мурасаки Шикидо, ремек дело на јапонската литература. Дополнува дека токму поради тоа сака да му даде што повеќе публицитет на својот превод на Руми - „Два света“ со идеја македонската јавност да ги чита песните на овој извонреден поет.

Појаснува дека тоа не е прва книга од Руми кај нас. Дека досега се излезени барем четири-пет други преводи кои се правени овде од 1980-те до денес, но дека ниту еден не е соодветно претставен и затоа тие се релативно незабележани.

„Одамна сакав да го преведам Руми ама работите некако не се редеа. Не е тоа толку просто. Јас било што да читам во главата автоматски симултано си го преведувам на македонски. Главен критериум во преведувањето на песните на Руми беше тие да звучат убаво на македонски. Има некои негови одлични песни кои ги изоставив бидејќи не можев да најдам вистински зборови тоа да звучи спонтано и убаво на нашиот јазик. Почнав да преведувам песни негови уште таму 2007 – 08 и до скоро имав некаде шеесетина. Тоа не беше доволно и лани некаде есента работите се наместија конечно, тркалцето си дојде на место, запчаниците фатија и тогаш го завршив најголемиот дел од работата. Песните беа готови во ноември и од тогаш работам на полирање на она што е преведено, на склопување и конечно еве книгата од печат излезе во средата, на 6 јуни“, вели Јанчовски.

Македонска работа

Ако со луѓето си културен и фин
кај нас, тешко да завршиш работа.
Еве, ако треба да направат нешто
што сте се договориле
и времето на договореното наближува
и ти се јавуваш и ти велат
уште не е готово, ама ќе биде, ќе биде.
Ако, нема проблем, ќе почекам
само да е на време, тогаш!
И како да им викаш
не го ни прави, гледаш, не сум бесен...
И времето еднаш ќе дојде...
и ќе ти одговорат
не направивме, ова и ова не најдовме,
не можевме, овој и овој
нѐ зафркна и поради него...
не е до нас...
Не ти се верува!
Си бил со луѓето човек
а тие со тебе – стока
не разбираат од збор, ни даден ни кажан
нели им рече со убаво?
И после нова тактика,
се кријат и не креваат слушалка.
И конечно, кога ќе ги најдеш,
и ќе им свикаш
и ќе ти сетат ровја во гласот
и ќе ги отераш кај што не треба
и ќе им кажеш: ќе те најдам,
и ќе ми платиш за ова и ќе те правам сол...
И оп, гледаш, работата одеднаш
можела да се заврши
се нашло сѐ што требало
и сепак сѐ е навреме
баш во последен час...
И после ти си испаднал силеџија,
македонска работа.

Тихомир Јанчовски - „Влакно на јазикот“

Суштината на машкоста

Суштината на машкоста не произлегува
од фактот дека си маж, како што ни сушноста
на пријателското чувство не доаѓа од оние што тешат.
Твојата стара баба ти вели„ Може не треба
да одиш на школо. Нешто си ми блед.“
Бегај од таквите изјави.
Подобри се силните шамари на татко ти.
Твоето телесно битее копнее по утехи.
Строгиот татко бара духовна јасност.
Тој те кара, но на крајот
те изведува на отворено поле.
Моли се за строг учител,
да те наслушне, подучи и да остане во тебе.
Се замајувавме со собирање утехи.
Направи да се уплашиме од тоа какви сме биле!

Руми - „Два света“