Сликите на Дренуша Палоши го откриваат просторот и сцената за фантастичното случување на знаците и all-over ефектите, настанати преку нанесување на боја во широки потези и разлеани колоритни партии врз кои се испреплетуваат бои нанесени со dripping техника, а во позадината се насетуваат и дискретни линиски структури (евокација на нотното петолиние). Начинот на кој авторката ја чувствува и осмислува просторноста во сликите резултира во специфични лирски апстрактни пејзаж со трансцедентален призвук.
Ова ќе го забележи Маја Чанкуловска Михајловска во текстот за каталогот за втората самостојна изложба на младата тетовска уметница Дренуша Палоши, што од 11 јули се одржува во Културно-информативен центар во Скопје. Постановката доаѓа по цели две години од нејзиното првично појавување пред публиката и културната јавност во Ректоратот на Тетовскиот универзитет , а за нејзиното творештво Чанкуловска Михајловска и со дополна дека „се базира врз забележителните афинитети на авторката кон двете уметности - сликарството и музиката“. Во нејзината ликовна естетика тие се неразделни фактори на создавање на уметничкото дело кои меѓусебно се испреплетуваат. Следствено на оваа констатација, релацијата помеѓу двете уметности е основа која може да ја дефинираме како круцијален елемент пред се за создавање, а потоа и за препознавање на нејзиниот индивидуален ликовен ракопис – пишува историчарката на уметност.
- Темата „Музички реминисценсии во сликарство“ ја означува мојата носталгија или моите спомени што ги имам за музиката. Јас завршив основно и средно музичко училиште и отсекогаш сакав да ги спојам овие две уметности, сликарството и музиката, нормално инспирирајќи се од оние пред мене на кои тоа им пошло од рака – големиот италијански композитор Антонио Вивалди, авторот на прекрасното дело „Четири годишни времиња“, и величенствениот сликар Василиј Кандински, вели Дренуша Палоши.
Уметницата истакнува дека Вивалди преку музичките ноти се обидува и успева да ја долови природата и да ни каже за кое годишно доба станува збор. Слично на него и таа преку содветните бои се осмелила да ги прикаже 12-те месеци во годината во своите слики. Безмалку идентичен бил и нејзиниот интерес за Кандински.
Сакам музиката и натаму да биде присутна во мојот живот и од таму поривот за спојување на овие две уметности и верувам дека таквото чувство се гледа во моите слики. Музиката и сликарството заедно се споени и живеат на платното, смета Палоши.
Родена 1989 година, Дренуша Палоши основното и средното образование ги завршува во родниот град Тетово. Во 2013 година дипломирала на Факултетот за ликовни уметности, педагошка насока, отсек сликарство на тема „Акордни звуци во слика“ под менторство на проф. Илирјан Беќири. Две години подоцна магистрирала исто така на Тетовскиот универзитет кај проф. Решат Амети, овојпат определувајќи се да истражува под наслов „Музички спомени во сликарството“.
Сепак, наспроти ваквите потраги, младата уметница знае да каже дека само што е почната нејзината ликовна авантура и дека и самата не знае каде ќе ја одведе патот. Истакнува дека со она што досега го сторила сакала да каже дека е силно врзана за музиката. Дека едноставно не може да го заборави тој дел од својот живот.
- Но не мора да значи дека сево ова ќе продолжи и понатаму. Дека таа врска ќе биде доминантна во идните мои циклуси. Со време се менуваат идеите, се менуваат мотивациите и затоа немам некој посебен план како и што ќе сликам понатаму. Единствено можам да кажам дека и во иднина сакам да има музика во моите слики, категорична е Палоши.