Дела на композитори од Австрија, Грција и од Израел, творци како Беат Фурер, Зив Којокару, Даниел Мозер, Ферд Кир и Орестис Туфекцис, како и од македонските автори Јана Андреевска и Панде Шахов, чие што камерно дело „Лебдечка патека“ ќе ја доживее својата светска премиера, ќе бидат изведени на концертот насловен како „Грац го среќава Скопје“ на австрискиот ансамбл ЦАЈТФЛУС што ќе се одржи в сабота, на 6 април во 20 часот, во Камерната сала на Македонска филхармонија.
Со ансамблот ќе диригира маестро Едо Мичиќ, а перформансот на кој е предвидено да бидат претставени „возбудливите текови и убавината на денешната современа музика“ првично беше замислен да биде вториот настан од 42-то издание на фестивалот „Деновите на македонска музика“ чија судбина останува неизвесна откако проектот на Сојузот на композиторите на Македонија, по толку многу години, ја изгуби подршката од Министерството за култура во рамките на Конкурсот за програми од национален интерес.
Уште од своето основање во 2003 година ансамблот ЦАЈТФЛУС (ZEITFLUSS) се востановил како високо ценета дружина што изведува нова музика. Јадрото музичари од Грац има за цел да го разоткрива фасцинантниот развој на современата музика и нејзината убавина - која за поголемиот дел од публиката е скриена, всушност да ја направи видлива, или ако милувате слушлива. ЦАЈТФЛУС се истакнува и со изведби на дела од автори на 20-от век кои се инаку ретко изведувани покрај делата на современите композитори.
Во оваа пригода на концертот „Грац го среќава Скопје“ домашните љубители на современа музика ќе имаат можност да го проследат музицирањето на врвни инструменталисти како Елена Габриели на флејта, Јоханес Фојхтер - кларинети, Клеменс Фриштик - саксофони, Ласло Худачек- перкусии, Цугами Ширакура - пијано, Петер Мосорјак - виолина, Даниел Мозер - виола, Лусија Перез Диего – виолончело и Николаус Фајних на контрабас.
Од друга страна, Едо Мичиќ е роден во Задар, Хрватска. Студирал Музичка теорија и педагогија на Загрепската музичка академија. Во 1988 година се запишал на Универзитетот за музика и узведувачки уметности во Грац, на студии по диригирање кај Милан Хорват и Марин Турновски. Во овој период посетувал неколку мајсторски курсеви, меѓу останатото и со Хајнц Регнер во Вајмар.
Дипломирал во 1993 година, по што во наредните четири години работел со повеќе хорови и вокални ансамбли, фокусирајќи се на духовната и црковната вокална музика. Диригирал бројни миси од Хајдн, Моцарт и Шуберт.
Во периодот што следувал Мичиќ раководел и со оркестри како Симфонискиот оркестар на Дубровник, Симфонискиот оркестар на Хрватската радио-телевизија, Сараевската филхармонија и Оркестарот Савариа од Сомбатхеј. Од 1995 тој почнал да предава на Универзитетот во Грац, истовремено диригирајќи го и универзитетскиот Ансамбл за нова Музика.
Како специјалист за нова музика работел со ансамбли како Загрепски солисти, Задарски камерен оркестар, Ансамблот Кантус од Загреб, Ансамблот Сонемус, Клангфорум, Ансамбл Креатив, Шалфелд и многу други.
Во 2003 година, заедно со композиторот Киаваш Сахебнасаг и саксофонистот Клеменс Фриштик го основале ансамблот ЦАЈТФЛУС и оттогаш е негов диригент. Тој редовно диригира на фестивали како Штаерска есен, Тонраум XXI (претходно познат како Денови на нова музика - Грац), Музичко биенале Загреб, Фестивалот за нова музика во Опатија, Меѓународниот летен фестивал Свети Донат (Задар), Фестивалот Епидаурус (Цавтат), Сонемус фестивал во Босна и Херцеговина и на Шангајскиот меѓународен музички фестивал.