Мице Јанкуловски, од Илинден до 15 август, претставува дел од своето творештво во музеј „Куќата на Робевци“ во Охрид. Изложба како изложба ќе рече некој, арно ама ако се знае дека тој е роден во село Сливово, Дебрца (ајде нека биде и „охридско“) и дека годинава одбележува пет децении од своето уметничко творештво, тогаш поставката во градот под Самоиловата тврдина е нешто што нему му се наметнало како неопходност. Како ново големо доаѓање во родниот крај.
Едноставно да си дозволи себе си барем за миг да биде повторно некаде назад во времето и чисто мисловно да го затвори кругот на сопственото битисување. Да седне на каменот кадешто се искачил.
Ете оттаму, ова прикажување за него и за неговите почитувачи и не е обично, туку неопходно и покрај тоа што овие слики, или барем дел од нив, оние кои и припаѓаат на „црната фаза“ на Јанкуловски, веќе се претставувани ( видени) во Скопје, Солун, во Фиренца, во Венеција... И, еве конечно зрачат со посебна светлина од древниот Охрид.
Тоа е актуелното творештво на авторот за кое Италијанката д-р Мелани Зеферино, во својата анализа насловена како „Формите во царството на естетската меморија“, ќе напише:
Формите се предмет на долгогодишните истражувања на авторот. Забележливо резервирани, дистанцирани и тивки, неговите дела носат длабок филозофски под-контекст, претворајќи ги во визуелни пораки во вечноста.
Дело на Јанкуловски од циклусот „Форми во црно“
А, Јанкуловски во една пригода не многу по добивањето на Наградата за животно остварување „Лоренцо ил Магнифико” на 12. Меѓународно биенале за современа уметност што се одржа во март годинава во Фиренца, Италија, инаку според познавачите еквивалент на филмскиот Оскар и веројатно највисокото признание кое во сверата на визуелните уметности го има добиено некој автор во земјава, со појаснување дека со црната фаза конечно „почнал да дише нормално“.
„Јас сум задоволен од она што во последниве седум – осум години го работам, а тоа е црната фаза. Почнав во 2011, за да комплетно и се посветам во 2016 година. Ги фрлив четките и користам не сликарски прибор – разни гребла, чешли, шпакли... И морам да ви признам дека безмалку по 50 години сликање раката прв пат ми е слободна и дишам нормално. Јас сега прв пат уживам. Прво правев дела со понежна, сега со многу груба структура...А ги фрлив четките затоа што целиот тој спектар го правам со една боја. Како што се движи сонцето и од кој агол паѓа светлината сликите различно се доживуваат. Тоа се сосем различни слики“, вели уметникот.
Мице Јанкуловски е мултимедијален уметник кој од својата најрана возраст истражувал различни дисциплини во уметноста – од цртеж до слика, користејќи различни материјали и техники, вклучувајќи го и сатиричното сликарство на стакло, од палиндром до карикатури и анимирани филмови. Неговото творештво кое опфаќа различни медиуми го рефлектира всушност неговиот поглед кон светот како реалност која постојано се менува, во која многу работи се движат низ времето и просторот, преклопувајќи се на рамнина која се протега бескрајно далеку...
Тој во изминативе пет децении има одржано над педесет самостојни изложби во престижни простори во земјава и на меѓународната сцена, како во Палатата Ка ‘Занарди во рамките на ОСТЕН павилјон во Венеција, Италија; Галерија Лола Николау во Солун, Грција; Градската галерија во Варна, Бугарија; Архиви дела Мизерикордија во Венеција, Италија; Devlet Resim Heykel Muzesi во Анкара, Турција; Југословенскиот културен центар во Париз, Франција и голем број на групни изложби низ светот.
За своето творештво добитник е на повеќе меѓународни награди како споменатата Награда за животно остварување „Лоренцо ил Магнифико” на Биеналето во Фиренца, Италија, наградата „Уметник на светот” на Биеналето Ларнака, во Кипар 2018 година, ГРАН ПРИ на Меѓународното биенале на графика во Варна, Бугарија во 2017 и многу други.
Кон ова само уште информацијата дека по завршувањето на изложбата во музеј „Куќата на Робевци“ во Охрид, неговата „Форми во црно“ до крајот на годината ќе биде прикажана и во Прилеп, Куманово, Тетово.. потем ќе патува во Торино, Италија, па и во Санкт Петербург, во Русија...а со дела од Пикасо, го очекуваат во Солун, соседна Грција.