Шеста ПИН-ТАКСИРАТ музичка средба на врвот

Со идеја да биде едукатор и конектор на македонската музичка сцена со светските стандарди, од 28 до 30 ноември, во рамките на 21-то издание на фестивалот ТАКСИРАТ, ќе се одржи ПИН музичката конференција на која Скопје по шести пат ќе биде домаќин на значајни имиња од европската музичка индустрија.

Во времево во кое генерално интересот на широката публика за (суп)културните настани свесно се насочува на случувањата од Гевгелија до Куманово или, што е уште полошо, се фрлаат немерени пари за некои ислужени балкански турбо„ѕвезди“ и само ретките домашни манифестации дофрлаат малку подалеку кон широкиот свет, на Скопје ќе му се случи уште една, шеста по ред ПИН музичка конференција. Зад овој собир правен со идеја да биде едукатор и конектор на македонската музичка сцена со постојните светски стандарди како и во годиниве наназад стои „Пасворд продукција“, а самиот настан е дел од широката палета што ја чини програмата на фестивалот ТАКСИРАТ како децениски чувар на здравиот урбан дух на градот, читај - на државата, контаминирани од сè и сешто и најмногу од политичките ступидности и локалниот провинцијален дух.

Овој настан годинава ќе биде распослан од 28 до 30 ноември и како што е вообичаено планирано е да понуди средби со стотина значајни делегати, грижливо одбрани соговорници и докажани имиња од актуелната европска музичка индустрија. Така, како што велат организаторите, во Младински културен центар – Скопје, во кино „Фросина“, овојпат присутни ќе бидат Ник Хобс, сопственикот на агенцијата „Charmenko“ која на својата листа ги има артистите како Том Вејтс, RADIOHEAD, THE NATIONAL...Тука се и Џеф Мел од „Paradigm Agency“ која од своја страна ги застапува популарните Ед Шеран, COLDPLAY..., Степан Каразјан, промотор и сопственик на музичка компанија и куратор на првиот шоукејс фестивал во Русија „Московска музичка недела“, Иван Новак – основач и водач на култната словенечка група LAIBACH, и Џорџ Лајтнер од букинг агенцијата која го носи неговото име и кој веќе четири децении ги застапува во Европа американските фанк и соул класици како Џејмс Браун, Реј Чарлс, THE TEMPTATIONS, KOOL & THE GANG и така со ред на исклучително долгата листа со музички ѕвезди... И тука не е крајот оти се очекува и присуството на претставниците на безмалку сите значајни европски фестивали како „Егзит“, „Похода“, „Мент“...

Ник Хобс

Како што е предвидено за време на тридневната програма планирани се панел дискусии за актуелните теми од музичкиот бизнис и промените кои се карактеристични за последнава декада, за секогаш актуелните авторски права и нивното остварување во транзициските општества, потем и за тоа како градот Скопје конечно да дојде до пожелуваното признание – титулата „Европски град на културата“, но и за резервирањето на музички артисти, за менаџментот, за влијанието на политиката врз културата, дигиталниот маркетинг и можностите за промоција...и што уште не.

Од друга страна она што би ја интересирало повеќе широката публика е фактот што во рамките на трите предвидени вечери на ПИН музичката конференција е планирано да се претстават редица одлични музички изведувачи од дури 10 европски држави. Така со ексклузивни настапи е најавено дека доаѓаат BORGHESIA, KUKLA и LJUBLJANA VIBES од Словенија, COMMINOR, OSCAR SOUL EXPERIENCE и THE MAGNETTES од Шведска, ETTE ENAKA и BARA ZMEKOVA од Република Чешка, GUTE GUTE од Израел, MACHINE DE BEAUVOIR од Германија, Марко Луис, ШАЈЗЕРБИТЕРЛЕМОН, МаиКА, ЉУБИЧИЦЕ и ROLL THE DRUMS од Србија, YUKO и RADIOSLAM од Полска, MAZ од Луксембург, OSCAR MIC од Украина, ELEKTRO HAFIZ од Турција, SUREALISTAS од Италија, THEODORE од Грција, како и FUNK SHUI, Сашко Костов со својот бенд, GAME OVER и GOTZEN од Македонија.

Сашко Костов

Инаку, колку за потсетување ТАКСИРАТ 2019 започна триумфално со распродадениот акустичен концерт на миленикот на скопската публика Ману Чао кој во случајов, на 24 октомври, го претстави својот проект „El Chapulin Solo“.

За 1 декември е најавен првиот самостоен и долго очекуван концерт на македонскиот артист LD PISTOLERO во МКЦ на кој тој ќе го претстави својот нов ( втор по „После мостот“ од 2013) студиски албум - „Далеку“, а веќе за 5 декември е закажана и промоцијата на плочата „Во ова време“ со која МУГЕР ФУГЕР и ГоТра ( Горан Трајковски) ќе ја заокружат првата декада од својата исклучително плодна соработка.