Трпчески со премиера на социјалната дуодрама „Мендо и Мајло“ во Прилеп

Трајче Иваноски - Пепио и Андон Јованоски – Аша во сцена од дуодрамата „Мендо и Мајло“ на Игор Трпчески

Во театарот „Водан Чернодрински“ во Прилеп, оваа сабота, на 22 мај, премиерно ќе биде прикажана дуодрамата „Мендо и Мајло“од Мирјанка Р. Селчанец во режија на Игор Трпчески и продукција на Театарска работилница. Играат актерите Трајче Иваноски - Пепио и Андон Јованоски – Аша.

На Прилеп и воопшто на македонската културна сцена, во деновите на олабавување на мерките за превенција и заштита од Ковид -19 и стремежот кон колективна имунизација, конечно ќе им се случи театар. Онаков каков што поодамна си посакуваат и чисто како потреба да се стивне нервозата од досегашната лимбо ситуација и принудноста да не се живее. Посебно на сцена. Да се ползи пред имитацијата на животот, на живуркањето, и да се сонува и довикува слободата на творење. Во театарот „Водан Чернодрински“ , оваа сабота, на 22 мај во 19 часот, премиерно ќе биде прикажана дуодрамата „Мендо и Мајло“од Мирјанка Р. Селчанец во режија на Игор Трпчески и во продукција на Театарска работилница. Играат актерите Трајче Иваноски - Пепио и Андон Јованоски – Аша.

За писателката Мирјанка Ристоска Селчанец ќе биде забележано дека во својата плодна творечка дејност има напишано 20 романи, четири стихозбирки, шест книги за деца, три монодрами и многу поеми и раскази.

Нејзините сограѓани знаат да кажат дека таа својот Прилеп го има најмногу задолжено со ро­ма­ни­те „Ан­ка“, „Ге­на“ и „Маргарита“, кои ја со­чи­ну­ва­ат трилогија­та „Прилеп­чан­ки“ и се напишани на стар прилепски дијалект. Автор­ка е и на мо­но­дра­ми­те „Ка­мен на душа­та“, „Ма­ктуб“, „Жи­ви за­ко­па­ни“... а неј­зи­ни­те драм­ски тек­сто­ви ги изведувале врв­ни македонски актер­ски ими­ња ка­ко Ми­те Гроз­да­нов, Са­би­на Ајру­ла То­зи­ја, Сне­жа­на Ста­ме­ска, Шен­ка и Ѓорѓи Ко­ло­зо­ви... и други.

Трајче Иваноски - Пепио како Мендо

И, така полека доаѓаме до дуодрамата „Мендо и Мајло“ со чие отелотворување на сцена се зафати Игор Трпчески. Тој во своето режисерско обраќање за актуелниот проект на Театарска работилница - Прилеп ќе запише:

Текстот е социјална комедија за двајца повозрасни луѓе, кои по игра на случајот се нашле во притворската келија на затворот Шутка.

Мендо е обвинет за убиство на сопствената невенчана жена, која всушност починала во сон... Мајло е ром - дрвокрадец, кој истотака е обвинет за убиство. Го убил шумарот, кој несреќно загинал, откако неговата магарица Уснија, ја превртува колата со дрва

под кои и самата загинува, а Мајло е тешко повреден. Во ова време кога национализмот константно расте, а толерантноста опаѓа, важно е да разбереме, дека колку и предрасудите да се големи, на крајот, потребен ни е човек!

Андон Јованоски – Аша како Мајло во претставата

И, потем како уметник, актер и режисер, истакнува дека пред себе при подготовката на претставата имал дузина размисли и прашања, и згора силна потреба да одговори на нив.

Можеме ли да си замислиме...Како се чувствува возрасен човек без никакви средства за живот? Или како се чувствува човек кој немал друг избор освен да ја чува својата невенчана жена во фрижидер, само за да продолжи да ја добива нејзината пензија, која му е единствен приход? Како се чувствува невработен ром со пет деца, а невработената сопругата на свет треба да донесе и шестто дете? Можеме ли да си замислиме какво е чувството на невин човек во притворска келија под притисок на јавноста за тешки обвиненија за убиство со предумисла или убиство од користољубие?

Се разбира дека можеме да си замислиме или да претпоставиме, но во никој случај и да ЗНАЕМЕ, што точно се случува во нивните глави и за какви испомешани чувства, мисли и состојби на свеста станува збор, па дури и ние да сме го искусиле истото. Затоа што животот е подеднакво мил и на 20 и на 50 и на 80 години... Затоа што стравовите не исчезнуваат со годините, ни со искуството. Затоа што колку и да се предрасудите големи, кога е животот во прашање, никому не му е важно дали од спротива има ром, црнец, муслиман или атеист...

Единствено е важно препознаеш човек и тој да ти влее верба и надеж, вели Трпчески.

Режисерот Игор Трпчески

Тој и со дополна дека со поставувањето на оваа социјална дуодрама во ова време – без време како да сакал наново да ги извади дилемите на виделина и да си ги провери одговорите. Да ја измолкне сржта.

И затоа во ова време – без време, кога сите критериуми се на преиспитување, кога како за прв пат согледуваме што е навистина вредно и потребно во животот... Низ текот на оваа социјална дуодрама за Мендо и Мајло, преку жанрот на комедијата, како да се обидувам уште еднаш да ги поставам суштинските прашања и да ги разгледам и проверам одговорите. И како најважно ми останува прашањето... Може ли човек да живее со обвинувањата, па дури и да е невин­? Како и констатацијата дека : Со чинот не завршува делото, туку со последиците кои од тој чин произлегуваат, смета Игор Трпчески.

Нему „Мендо и Мајло“ му е веќе седма независна и алтернативна претстава и таа доаѓа по нецела година од поставувањето на монодрамата „Лидија, или сѐ што знам за жените" работена по делото на Тихомир Јанчовски, а каде негови беа адаптацијата, режијата и сценската изведба.

Во актуелната претстава на Театарска работилница Прилеп зад која како покровител застана Министерството за култура, тонот и светлото се на Томе Темелкоски, за сцената и костимите била задолжена Бојана Артиновска Трпческа, за снимањето и монтажата биле ангажирани од ФАН Продукција, дизајнот на плакатот е на Анита Гајтаноска, а типографијата на Зоран Кардула.