Локалните избори ќе се распишат на крајот на јули или почетокот на август

Претседателот на Собранието, Африм Гаши

Претседателот на Собранието, Африм Гаши соопшти дека кон крајот на јули или почеток на август треба да се распишат локалните избори. Информира дека е побарано да се одржи јавна расправа во Собранието околу измените на Законот за локална самоуправа кои од Министерството за локална самоуправа се најавуваат веќе одреден период.

Во коментар за одлуката на крилото на Алијанса на Албанците на Арбен Таравари да одат сами на локалните избори, а не со заеднички листи за кандидати за градоначалници и советници со коалицијата Влен, Гаши уверува дека во моментов нема нова ситуација во однос на прераспределба на пратеници во други групи.

„Сега засега во Собранието е статус кво во однос на нова распределба на пратениците, се е како што било. Значи, сите пратенички групи кои се формирале на почетокот на овој нов собраниски состав продолжуваат да работат, а ако имаме нови промени ќе треба тоа официјално да го достават до службите и до мене, за да ги информирам потоа другите пратенички групи и пратенци“, рече Гаши на денешниот брифинг со новинарите.

Видете и ова: Меџити за Таравари: Не може и да соработува со ДУИ и да биде дел од Владата

Собранискиот спикер вели дека на следната пленарна седница која треба да се одржи на 29 април се очекува да биде ставена интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, поднесена од пратеничката група на Левица.

Оваа партија смета дека причина за интерпелацијата е тоа што „Тошковски, од позиција на министер за внатрешни работи, грубо ја занемарил и несоодветно ја извршувал својата јавна функција, постапувајќи нестручно, непрофесионално, несовесно и неодговорно поради што имало низа противзаконски дејствија, скандали и кадрови поместувања во МВР“.

Гаши го коментираше и евроинтегративниот процес на државата. Тој нагласи дека има нов политички моментум за зголемена волја на државава да го забрза евроинтеграциски процес. Спикерот потенцира дека државата има многу пријатели кои сакаат да помогнат и се надева дека ќе се надмине препреката, односно гласањето на уставните измени.