Конститутивната седница на Собранието на Косово е прекината по деветти пат

Собранието на Косово во четвртокот (01.05) го прекина деветтото продолжение на конститутивната седница, откако не помина предлогот на претседавачот на седницата Авни Дехари за тајно гласање за претседател на парламентот.

Против промена на начинот на гласање се изјаснија пратениците на Демократската партија на Косово, Демократскиот сојуз на Косово, Српската листа и Алијансата за иднината на Косово, а за тајно гласање се изјаснија и Движењето Самоопределување и дел од претставниците на малцинските заедници.

При гласањето за составот на изборната комисија, за него гласаа 55 пратеници, што не беше доволно за да се формира комисијата.

Дехари потоа ја прекина седницата и најави дека таа ќе продолжи на 3 мај во 10 часот.

Видете и ова: Дали е предоцна за разговори за нова влада на Косово?


Процесот е во застој со недели, бидејќи победничката партија, Движењето Самоопределување, не ги обезбеди потребните гласови за кандидатот за претседател на Собранието, Аљбуљена Хаџи.

Најголемите албански опозициски партии не го прифаќаат нивниот кандидат, туку бараат некој друг да биде номиниран, што Самоопределување одбива да го стори.

Според деловникот на Собранието, конститутивната седница завршува со избор на претседател и потпретседател, а за да биде избран претседател на Собранието потребни се 61 глас од вкупно 120 пратеници.

Парламентарните опозициски партии оценуваат дека Движењето Самоопределување кое ја предводеше Владата претходните четири години нема доволно гласови за избор и формирање нови институции.