И по заминувањето на Арбен Таравари, во албанскиот дел имаме легитимитет и ист број пратеници, 13-14, изјави денеска вицепремиерот Изет Меџити. Тој претпладнево, по отворањето на конференцијата „Унапредување на зелената инфраструктура во Западен Балкан“, им рече на новинарите дека во моментов Владата има стабилно мнозинство, но и дека се преговара со пратеници од Европскиот фронт, за кои рече „се опозиција и можеби ќе преминат од другата страна“.
На новинарско прашање дали тие ќе дејствуваат како дел од пратеничката група на Вреди, Меџити одговори дека дел се од мнозинството и од Европскиот фронт и, рече, „ќе бидат поддршка за Владата“.
По оставката на министерот Арбен Таравари, на кого од власта му порачаа дека „не може да биде и дел од Владата и да шурува со ДУИ“, се отвори прашањето за реконструкција на владиниот кабинет, кое премиерот Христијан Мицкоски го затвори со најава само за замена на министри.
Видете и ова: Таравари поднесе оставка на министерската функцијаМеџити претпладнево рече дека се „во преговори за повеќе политички опции за ресорот здравство по заминувањето на Таравари и врз основа на тоа ќе дадат нов предлог за министер“, нагласувајќи дека тие разговори не се само во рамки на Вреди или со премиерот Христијан Мицкоски, туку и со „други поединци, групи и политички субјекти кои се надвор од Влен – во рамки на Европскиот фронт, кои се опозиција и можеби ќе преминат од другата страна“.
Тој не прецизираше дали тоа значи дека преговараат со Зијадин Села, лидер на крило на Алијанса за Албанците која е дел од Европскиот фронт предводен од ДУИ.
Вицепремиерот не беше прецизен ниту за тоа дали вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, кадар од партијата на Таравари, ќе остане на функцијата, со оглед дека се уште не најавил оставка: „Добро ја тера работата, успешно придонесува за промените и се надевам дека ќе продолжи“.