Бислимоски: Војната меѓу Израел и Иран ќе се одрази на цената на нафтата дома

Марко Бислимоски, директор на РКЕ

Војната меѓу Израел и Иран ќе има влијанија врз цената на нафтата и во Македонија, предупредува претседателот на Регулаторната комисија за енергетика водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) Марко Бислимовски, но не очекува влијание на цените на останатите продукти.

По ноќешните напади на Израел врз Иран, тој посочи дека денеска цената на светските берзи на бренд нафтата била зголемена за десетина долари. Зголемувањето, според Бислимовски, е шест-седум долари.

„Апсолутно ќе има влијанија, да видиме како ќе се одрази во следните денови. За следната недела не верувам дека ќе има некое драстично влијание кога ќе ја носиме одлуката, но понатаму доколку продолжи ваквиот тренд на високи цени на нафтените деривати. Апсолутно дека ќе има влијание и на цената која што ќе ја плаќаат корисниците во Македонија, изјави денеска Бислимовски пред обраќањето на панел сесијата „Енергетска ефикасност и интеграција на обновливи извори на енергија во комуналниот сектор“ во рамки на меѓународната конференција „Иднината на комуналниот сектор“, што се одржува во Охрид.

Тој изрази надеж дека по пикот цените ќе се стабилизираат, посочувајќи го примерот со војната во Украина кога цената на дизелот достигна 110 долари по барел.

„Се надеваме дека ова ќе биде само еден пик и понатаму ќе се стабилизираат цените, како што беше тоа случај кога почна војната во Украина, имаше пик па се стабилизира и во последните неколку месеци тие се движеа меѓу 65 и 68 долари за барел. Сега имаме прв пат ситуација утрово цената да е 78 долари за барел, но да се надеваме дека тоа ќе биде само еден пик“, рече Бислимовски.

Видете и ова: Зголемени цени и зголемен револт - можни протести и бојкоти

Бислимоски сепак потсетува дека цените на продуктите кои беа зголемени откако се зголеми цената на нафтата при почетокот на војната во Украина, сепак останаа непроменети.

„Кога зборуваме за цените на нафтените деривати, дизелот кога беше 110 долари беше причина за голем број поскапувања. Денеска цената на дизелот е 66-67 денари, а цените на производите кои тогаш се покачија не се вратија назад. Не верувам дека тоа ќе има драматично влијание на останатите продукти коишто се користат во Македонија“, заклучи претседателот на РКЕ.

Инаку Израел спроведе, како што ги нарече, „превентивни“ напади врз иранските нуклеарни објекти и воени локации низ целата земја на 13 јуни, со предупредување дека нападите ќе продолжат сè додека е потребно, за да се спречи Техеран да произведува нуклеарно оружје.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан најави одговор на израелските напади и рече дека Израел ќе зажали за овој непромислен акт.