До овој момент вкупно 22 лица побарале асистенција од македонските органи за да ја напуштат територијата на Израел и да се вратат во Северна Македонија, информираше Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Станува збор за државјани на Северна Македонија, како и членови на нивните потесни семејства.
„Во тек се активности за нивна скорешна евакуација и трансфер до безбедна локација, од каде што дополнително ќе се организира нивно враќање во земјата“, велат од МНР.
Видете и ова: Цивилите во Израел и Иран бараат засолниште додека двете страни ги засилуваат нападитеОд Министерството нагласуваат дека македонската амбасада во Тел Авив е во постојана комуникација со нашите државјани и се работи активно за да се обезбедат „сите неопходни услови за нивно безбедно враќање“.
Од МНР претходно во текот на денот апелираа сите македонски државјани што се наоѓаат во Израел или Иран, за помош да се обратат преку телефонските броеви на амбасадата во Тел Авив и на СОС бројот во рамки на Министерството.
Исто така, апелираа сите останати граѓани да се воздржат од патување во земјите на Блискиот Исток поради влошување на ситуацијата.
Изминатите три дена, Израел и Иран разменуваат меѓусебни напади со дронови и ракети.
Видете и ова: МНР: Поради влошената состојба, граѓаните да не патуваат на Блискиот ИстокТие започнаа со воздушен напад од израелска страна врз иранските нуклеарни и ракетни постројки на 13 јуни, како и со напади врз генерали и неколку нуклеарни научници.
Двете земји досега продолжија со меѓусебни воздушни напади кои, според информациите кои се достапни, досега зедоа десетици жртви.