Муниција произведена во одбранбените претпријатија во Србија, се праќа кон земјите на НАТО во интерес на Украина за обликување комплетни сетови на делови за монтажа – соопшти прес службата на руската Служба за надворешно разузнавање.
„Ова му овозможува на Киев формално да прими производи на воената индустрија кои веќе не се српски, туку се монтираат во фабриките за оружје во западните земји. Монтажата и полнењето на муницијата пред сѐ, се врши во Чешка и Бугарија“, се наведува во соопштението кое денеска (23 јуни) беше објавено на веб страницата на Службата.
Во соопштението се додава дека според информациите кои ги добила Надворешната разузнавачка служба на Русија (СВР), „украинската војска е благодарна на српските производители на оружје и муниција за нивниот придонес во одржувањето на борбената готовност на вооружените сили на Украина“.
Видете и ова: По средбата со Вучиќ, Зеленски ѝ се заблагодари на Србија за поддршкатаСе наведува и дека според податоците на СВР, фабриката „Крушик“ од Ваљево на западот на Србија, „продала неколку големи серии комплети за склопување на ракети на чешката компанија „Poličske strojerni", а компанијата „Елинг“ како што се додава, пратила комплети за производство на истите ракети како и на мини, на бугарската компанија „ЕМКО“.
Во соопштението се наведува дека производителите на оружје и воена опрема во Србија „добро се свесни за вистинските потрошувачи на нивните производи“.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека Србија го прекинала извозот на муниција. Неговата изјава доаѓа во екот на судирот меѓу Израел и Иран.
Видете и ова: САД го бомбардира Иран: Што треба да знаете за можните промени во светотВо обраќањето пред новинарите, Вучиќ се осврна и на наводите дека Србија извезува муниција во Украина.
„Да променам нешто, можам само на ваков начин – да кажам, целата муниција некое време е само во нашите касарни“, изјави Вучиќ.
Прецизни податоци за тоа што од оружјето и воената опрема и во кои количини Србија извезува во Украина, Израел и други држави не се јавно достапни. Ресорното министерство последните години на својата веб страница не објавува годишни извештаи за издадените дозволи за извоз. Осврнувајќи се на критиките поради извозот на оружје, Вучиќ рече дека води сметка за безбедноста на државата, но води сметка и за работниците во наменската индустрија каде што се произведува муницијата која Србија ја извезувала во странство.
Ова не е првпат руската надворешна разузнавачка служба да ја обвини Србија за испорака на муниција кон Украина. Во претходното соопштение од 28 мај, Службата наведе дека Србија „и покрај официјално декларираната неутралност“, продолжува со воените испорани на Украина.
Реакцијата од Москва доаѓа откако со години наназад одредени медиуми пишуваа за тоа дека српското оружје и муниција преку трети земји завршуваат во рацете на украинските војници. Официјален Белград повеќепати демантираше дека Србија директно извезува оружје во Украина или Русија, со оценка дека „не може да влијае на тоа" дали српското оружје од трети земји ќе заврши на украинскиот фронт.