Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на 11 јуни објави дека разговарал со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на маргините на самитот Украина-Југоисточна Европа во Одеса.
Зеленски на платформата Телеграм напиша дека Украина и е благодарна на Србија за нејзината поддршка во зачувувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на таа земја.
„Разговаравме за меѓусебна поддршка на патот кон Европската Унија, билатерална соработка и обнова на Украина. Ви благодарам за иницијативата да помогнете во обновата и да преземете покровителство за обнова на неколку населени места во Украина. Ова е навистина ефикасен формат на соработка и ќе сметаме на добри резултати“, напиша Зеленски.
Украинскиот претседател потсети дека претседателот на Србија ја посетува Украина за прв пат и нагласи дека „важно е да се биде тука и да се види војната со свои очи“.
Претходно на 11 јуни, Вучиќ на Инстаграм напиша дека имал „значаен и отворен разговор со Зеленски за клучните прашања на современите геополитички предизвици со кои се соочува Европа и целиот свет“.
Словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон го поздрави учеството на Вучиќ на самитот Украина-Југоисточна Европа, наведувајќи дека тоа може да се протолкува како силна поддршка за украинското раководство.
Вучиќ е единствениот учесник на Самитот кој не ја потпиша усвоената декларација, бидејќи, како што изјави за српските медиуми, таа повикува на воведување санкции против Русија поради војната против Украина.
Вучиќ, сепак, рече дека Зеленски „покажал почит кон територијалниот интегритет на Србија“ бидејќи на Самитот немало претставник на Косово и додаде дека тоа е „одличен гест“ кон Србија што „ќе го цени колку што е можно повеќе“.
Декларацијата, која беше потпишана на самитот во Одеса од страна на лидерите на Западен Балкан, вклучувајќи ги Романија, Молдавија, Грција и Хрватска, ја осудува инвазијата, повикува на членство на Украина во НАТО и ги осудува воените злосторства извршени од Русија, објави АФП.
Во документот, меѓу другото, се повикува Русија да ги повлече своите трупи од Украина и се осудува депортацијата на илјадници украински цивили, вклучувајќи и деца, од страна на Русија.
На почетокот на руската инвазија на Украина, Србија го поддржуваше територијалниот интегритет на таа земја, но до денес одбива да воведе санкции против Москва.
Српските власти продолжија да одржуваат врски со Русија, а на 9 мај Вучиќ беше во Москва на Парадата на победата по повод 80-годишнината од победата над фашизмот. Потоа се сретна со рускиот претседател Владимир Путин.
Претседателот на Србија на својот Инстаграм профил објави дека на 11 јуни во Одеса се залагал за интензивирање на дијалогот и брзо постигнување мир.
Србија одржуваше официјална политика на неутралност за време на тригодишната офанзива на Москва против Украина и негираше вооружување на која било страна.
Сепак, на 28 мај, Службата за надворешна безбедност на Руската Федерација ја обвини Србија дека продолжува да испорачува муниција на Украина, „и покрај нејзината официјално прогласена неутралност“, и дека со тоа „и пука во грб на Русија“.
Реакцијата од Москва доаѓа откако пред години некои медиуми објавија дека српското оружје и муниција преку трети земји завршуваат во рацете на украински војници.
Официјален Белград постојано негира дека Србија директно извезува оружје во Украина или Русија и дека не може да влијае на тоа дали српското оружје од трети земји ќе заврши на украинскиот фронт.
По објавата на руската служба, Вучиќ изјави дека договорите за продажба на оружје и муниција, каде што постои сомневање за злоупотреба и испраќање на украинското бојно поле, ќе бидат прекинати.