Трамп ќе го скрати рокот што го даде на Путин за договор со Украина

Претседателот на САД Доналд Трамп разговара со новинарите во друштво на британскиот премиер Кир Стармер и неговата сопруга Викторија во Тарнбери, Шкотска, 28 јули.

Поради растечката фрустрација околу континуираното бомбардирање на Украина од страна на Русија и немањето напредок за мировен договор, претседателот на САД, Доналд Трамп, вели дека ќе го скрати рокот за прекин на огнот даден на рускиот претседател Владимир Путин.

Во разговор со новинарите во Тарнбери, Шкотска, на 28 јули, Трамп изјави дека е „многу разочаран“ од Путин и дека „не треба да чека“ до крајот на почетниот рок од 50 дена што им го даде на двете страни претходно овој месец.

„Ќе одредам нов рок за околу 10 или 12 дена од денес“, им рече Трамп на новинарите за време на средбата со британскиот премиер Кир Стармер.

„Кога се справувате со некого доволно долго, знаете што ќе направи – или нема да направи“, рече тој. „Му дадов шанса [на Путин]. Тој не ја користи.“

Видете и ова: Трамп ѝ се закани на Москва со царини ако не постигне договор со Украина за 50 дена

Белата куќа не прецизираше какви чекори може да следат ако Русија не одговори, иако Трамп рече „можеби сепак ќе склучиме договор со Русија, но е многу доцна во процесот“.

Минатиот петок, државниот секретар Марко Рубио рече дека Трамп „губи трпение“ со Москва и „ја губи желбата да продолжи да чека“, алудирајќи на потенцијални сериозни последици.

Украина ги поздрави забелешките на Трамп. Андриј Јермак, шеф на Кабинетот на претседателот на Украина Володимир Зеленски, напиша на Телеграм:

„Му благодариме на претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп за неговата цврста позиција и јасниот сигнал – мир преку сила“, рече Јермак.

„Претседателот Трамп изјави дека го скратува рокот што му го даде на Путин за да ја заврши војната затоа што верува дека одговорот е очигледен. Путин разбира само сила, а таа порака сега е јасно и гласно доставена. Ова е став што целосно го дели и претседателот Володимир Зеленски“, наведе тој.

Видете и ова: Кремљ: Путин е подготвен да разговара за мир во Украина, но сака да ги постигне целите

Русија сè уште официјално не ја коментираше последната изјава на Трамп.

Украинските и руските делегации се состанаа за мировни преговори на 23 јули. Тоа беше третата рунда од серијата преговори што започнаа на 16 мај, но постигнаа мал напредок.