Во 150 училишта веќе има едносменска настава – информираше министерката за образование и наука, Весна Јаневска денеска (11 август). Ваквата настава е воведена во оние училишта во кои, според Јаневска, немало или имало многу малку градежни интервенции за да може да биде воведена.
Ресорната министерка очекува овој процес да продолжи во 25 училишта во кои, како што рече, ќе има потреба од градежни зафати т.е. доградба на училници за да може да ги опфатат сите ученици во една смена.
„Сигурно почнуваме во пет, почнуваме во општините Ѓорче Петров и Карпош, а потоа продолжуваме и во други. Оваа година очекувам да започнеме работи во 25 училишта, кои секако, ќе бидат подолготрајни и ќе преминат во следната година“, изјави Јаневска.
Видете и ова: Електронскиот индекс ќе стигне побрзо од топла вода во студентските домовиТаа додаде дека воведувањето на едносменската настава е поврзано со оптимизација на училишната мрежа:
„Тој е почнат, добро се одвива и понатаму ќе се одвива. Верувам дека најголем дел ќе успееме да го завршиме во еден мандат, но верувам дека и тие што ќе дојдат после нас ќе го продолжат затоа што тоа е исклучително важно за квалитетот на образованието и во корист на учениците“, посочи министерката за образование и наука.
Таа го најави воведувањето на едносменската настава уште минатата година, посочувајќи дека тоа функционира во високо развиените земји.
Јаневска лани во јули истакна дека во внатрешноста на државата има поголеми можности за воведување на едносменска настава:
„Голем проблем е Скопје, односно одредени општини во Град Скопје, каде што има многу ученици, се учи во две смени, а дури имаме и училишта каде што се учи во три смени, но тука ќе доградуваме и градиме“, напомена тогаш ресорната министерка.