Трамп бара „конструктивни“ разговори со Путин, додека ЕУ инсистира на вклучување на Зеленски

Комбинација од архивски фотографии ги прикажува американскиот претседател Доналд Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин.

Американскиот претседател, Доналд Трамп изјави дека очекува „конструктивен разговор“ со рускиот претседател, Владимир Путин за прекин на војната во Украина, додека Брисел се обидува да ја обезбеди улогата на Киев на самитот.

„Ќе му кажам: ’Мораш да ја завршиш оваа војна’“, истакна Трамп на конференцијата за новинарите во Белата куќа, прашан за неговиот состанок со Путин на 15. август на Алјаска додавајќи дека би сакал да види брз прекин на огнот во судирот кој трае повеќе од три години.

Истовремено, министрите за надворешни работи на ЕУ одржаа видео конференција со украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха. Тој предупреди дека самитот на Алјаска би можел да претставува дипломатска „замка“, која Русија би можела да ја искористи за да избегне одговорност за војната.

Видете и ова: Венс: И Украина и Русија, најверојатно ќе бидат „незадоволни“ од каков било мировен договор

Разговарајќи со новинарите денеска (11 август), Трамп повтори дека потенцијалниот договор меѓу Украина и Русија би можел да вклучува „размена на територии“.

„Можеби ќе отидам и само ќе кажам ‘среќно’. И тоа ќе биде крај“, изјави тој.

Трамп понатаму посочи дека веднаш по состанокот ќе го повика украинскиот претседател, Володомир Зеленски, но и другите европски лидери сугерирајќи дека веднаш ќе биде јасно дали постојат некакви изгледи за крај на војната.

Тој додаде дека САД не одлучуваат за самиот потенцијал на мировниот договор и го опиша состанокот на Зеленски и Путин како клучен за решавање на судирот:

„Следниот состанок ќе биде со Зеленски и Путин, или Зеленски и Путин со мене. Ќе бидам таму ако им требам“.

Видете и ова: ЕУ лидерите бараат поголем „притисок“ врз Русија откако Зеленски одби размена на територии

Еден ден претходно, по бројните повици на Зеленски до европските престолнини, Брисел ја потврди својата позиција, повикувајќи го Трамп да изврши поголем притисок врз Русија.

„Патот кон мирот во Украина не може да се одлучи без Украина“, порачаа лидерите на Франција, Германија, Италија, Полска, Велика Британија и Финска, заедно со шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во заедничка изјава на 10 август.

На прашањето дали Зеленски ќе присуствува на самитот во Алјаска, Трамп не даде јасен одговор, но рече дека е „малку вознемирен“ од коментарот на Зеленски дека за какви било територијални отстапки ќе биде потребно уставно одобрение.

„Мислам, тој има одобрение да оди во војна и да ги убие сите. Но, му треба одобрение за размена на територии?“, рече Трамп. „Русија окупираше некои важни територии, ние ќе се обидеме да вратиме дел од таа територија на Украина.“

Иако Вашингтон се чинеше дека ги подготвува Киев и Москва за големи компромиси за завршување на војната, Сибиха на конференцијата на министрите за надворешни работи на ЕУ изјави дека Путин го гледа својот состанок со Трамп како „награда и оправдување“ за руската агресија.

Претходно на 10 август, потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс за „Фокс њуз“ изјави дека секој мировен договор веројатно ќе ги остави двете страни „незадоволни“.

„Тоа нема никого да направи среќен. И Русите и Украинците веројатно ќе бидат незадоволни од тоа на крајот на денот“, додаде тој.

Сепак, Сибиха посочи дека преговорите меѓу САД и Русија би можеле да бидат корисни за Путин.

„Тој не е миротворец, тој е уништувач на мирот. За да постигнеме вистински мир и да ги избегнеме овие стапици, мора да ги уништиме плановите и сценаријата на Путин“, им рече Сибиха на дипломатите од ЕУ.

Во своето ноќно обраќање на 10 август, Зеленски рече: „Ја разбираме намерата на Русија да се обиде да ја измами Америка - нема да го дозволиме тоа“.

Европските лидери ги поздравија напорите на Трамп да се обиде да го реши 41-месечниот воен конфликт, но ја нагласија потребата да се изврши притисок врз Москва и да се обезбедат безбедносни гаранции за Киев.

Видете и ова: Калас: Договорот за крај на војната во Украина мора да ги вклучи и Киев и ЕУ

Во друго соопштение пак, кое на 10. Август го објавија западните сојузници на Киев, земјите од Нордиско-балтичката група изразија поддршка за Украина истакнувајќи дека мирот може да се постигне само со зголемување на притисокот врз Русија да ја прекине својата „нелегална“ војна.

Лидерите на Данска, Естонија, Финска, Исланд, Латвија, Литванија, Норвешка и Шведска изјавија дека „го потврдуваат принципот дека меѓународните граници не треба да се менуваат со сила“.

„Волстрит џурнал“, повикувајќи се на неименувани преговарачи, објави дека европските претставници поднеле контрапредлог на нејасниот американски план, вклучувајќи го и барањето за прекин на огнот пред да се преземат какви било други чекори и секоја размена на територија да биде реципрочна и да вклучува безбедносни гаранции.

Европските претставници му ги презентираа своите предлози на Венс за време на состанокот со украински и европски претставници во вила надвор од Лондон на 9 август, се наведува во извештајот.

Руската инвазија се претвори во најголемата копнена војна во Европа во повеќе од 50 години, уништувајќи ја Украина.

Според западните проценки, бројот на жртви во Москва, мртви и ранети, изнесува повеќе од еден милион. Се верува дека бројот на мртви во војната во Украина е повеќе од 100.000, а вкупниот број на жртви е околу 400.000.