Достапни линкови

ЕУ лидерите бараат поголем „притисок“ врз Русија откако Зеленски одби размена на територии


Руски војници чуваат стража за време на запленувањето на украинските воени бродови откако Кремљ нелегално го окупираше Крим во 2014 година.
Руски војници чуваат стража за време на запленувањето на украинските воени бродови откако Кремљ нелегално го окупираше Крим во 2014 година.

Во заедничка изјава европските лидери порачаа дека се потребни безбедносни гаранции за Украина ефикасно да го брани својот суверенитет и територијален интегритет. Пораката доаѓа откако беше најавена средба на Трамп и Путин, а американскиот претседател спомена и потенцијална размена на територии.

Европските лидери на 9 август „силно“ ја повторија поддршката за Украина откако Киев ги отфрли американските сугестии дека ќе треба да отстапи дел од територијата на Русија. Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека иднината на Украина „не може да се одлучи без Украинците“.

„Убедени сме дека само пристап што комбинира активна дипломатија, поддршка на Украина и притисок врз Руската Федерација за да ја прекине нејзината нелегална војна може да успее“, се вели во заедничката изјава на лидерите на Велика Бриталија, Франција, Италија, Германија, Полска и Финска која доаѓа паралено со извештаите дека Европејците понудиле алтернативен план на предлогот за прекин на огнот на САД.

Во соопштението се додава дека лидерите се согласиле со „потребата од робусни и веродостојни безбедносни гаранции што ќе ѝ овозможат на Украина ефикасно да го брани својот суверенитет и територијален интегритет“.

„Украина има слобода на избор врз сопствената судбина“, се вели во соопштението, потпишано и од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Подготвени сме да ја поддржиме оваа работа дипломатски, како и преку одржување на нашата суштинска воена и финансиска поддршка за Украина“, се вели во изјавата на лидерите, во која се додава дека „продолжуваме цврсто да стоиме на страната на Украина“.

Пораките доаѓаат во пресрет на планираните разговори лице в лице во Алјаска на 15 август меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин – нивниот прв состанок откако Трамп се врати на функцијата во јануари – во обид да се реши 41-месечната војна во Украина.

NBC News, повикувајќи се на висок американски функционер и тројца други извори брифирани за ова прашање, доцна на 9 август објави дека Белата куќа размислува да го покани украинскиот лидер Володимир Зеленски на состанокот во Алјаска.

Сепак, Ројтерс подоцна цитираше друг функционер од Белата куќа кој рече дека иако Трамп би бил отворен за тристран состанок во Алјаска, засега плановите се само за билатерални разговори меѓу Трамп и Путин, како што побара рускиот лидер.

Путин досега ја исклучуваше можноста за средбата со Зеленски, кој рече дека е подготвен за такви директни разговори.

Трамп сугерираше дека секое решение за војната би можело да вклучува „размена на територии“. Тоа потенцијално би било во спротивност со долгогодишната позиција на Киев дека мора да ја врати назад целата територија што Русија моментално ја окупира.

„Ќе добиеме дел назад, а дел ќе го замениме“, рече Трамп во Белата куќа на 8 август. „Ќе има размена на територии за доброто на двете страни, но за тоа ќе разговараме или подоцна или утре“.

Во видео објавено неколку часа подоцна, Зеленски предупреди дека секој мировен договор што го исклучува Киев или го принудува на отстапувањето на територија нема да биде прифатлив.

„Украинците нема да ја дадат својата земја на окупаторот“, рече тој.

„Секоја одлука што е донесена без Украина е во исто време и одлука против мирот. Тоа нема да донесе ништо. Тоа се мртви одлуки. Тие никогаш нема да функционираат“, порача Зеленски.

„Патот кон мирот за Украина треба да се одреди заедно – и само заедно со Украина – ова е клучен принцип“, рече тој.

Макрон – по телефонските разговори со Зеленски и другите западни сојузници – ги повтори тие забелешки, велејќи дека „иднината на Украина не може да се одлучи без Украинците, кои се борат за својата слобода и безбедност повеќе од три години“.

„Волстрит џурнал“, повикувајќи се на неименувани преговарачи, на 9 август објави дека европските претставници презентирале контрапредлог на неодредениот американски план, вклучувајќи барање за прекин на огнот пред да се преземат какви било други чекори и секоја размена на територии да биде реципрочна и да вклучува безбедносни гаранции.

Европските претставници ги презентираа своите предлози на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс за време на состанокот со украински и европски претставници во селска вила надвор од Лондон на 9 август, се вели во извештајот.

Извештајот на „ВСЈ“ не можеше веднаш да се потврди. Ројтерс објави дека европски претставник потврдил дека е поднесен контрапредлог, но не даде детали.

Зеленски рече дека неговиот шеф на кабинетот, Андриј Јермак, бил на состанокот во Велика Британија.

„Имаше разговори меѓу безбедносните претставници на Соединетите Американски Држави и Европа – Украина, САД – потпретседателот Венс, Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Финска и Полска. Средбата беше конструктивна. Сите наши пораки беа пренесени. Нашите аргументи се слушаат“, рече Зеленски.

Тој додаде дека „е важно нашите заеднички пристапи и споделена визија да работат кон вистински мир. Консолидирана позиција. Прекин на огнот. Крај на окупацијата. Крај на војната“.

Во соопштението од Даунинг стрит се вели дека британскиот премиер Кир Стармер и Макрон во телефонски разговор „разговарале за најновите случувања во Украина, повторувајќи ја својата непоколеблива поддршка за претседателот Зеленски и за обезбедувањето праведен и траен мир за украинскиот народ“.

„Тие ги поздравија напорите на претседателот Трамп да ги запре убиствата во Украина и да ја прекине агресивната војна на Русија и разговараа за тоа како понатаму да соработуваат тесно со претседателот Трамп и претседателот Зеленски во наредните денови“.

Разговорите меѓу Трамп и Путин доаѓаат во клучен момент – Трамп е сè повеќе фрустриран од Путин, а рускиот претседател не покажува знаци дека ќе се откаже од максималистичките барања на Кремљ.

Трамп и Путин имаа шест телефонски разговори, а претставник на Белата куќа патуваше во Москва најмалку три пати.

Советникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков, ја потврди средбата и рече дека Алјаска е симболична локација, со оглед на заедничките арктички граници на двете земји.

Руската инвазија се претвори во најголемата копнена војна во Европа од Втората светска војна, уништувајќи ја Украина и трансформирајќи ја Русија – претворајќи ја нејзината економија во воена машина и воспоставувајќи влада на полициска држава што го криминализираше различното мислење.

Жртвите на Москва, мртви и ранети, се повеќе од 1 милион, според западните проценки. Се верува дека бројот на жртви во војната во Украина надминува 100.000, со вкупни жртви од околу 400.000.

И покрај бројот на жртви и меѓународниот притисок, Путин ја искористи својата предност на и надвор од бојното поле.

Руските трупи ја намалуваат украинската одбрана, приближувајќи се кон два големи града, Покровск и Часив Јар.

Руските сили, исто така, ги нападнаа украинските градови со рекорден број ракети и беспилотни летала во последните месеци, таргетирајќи цивили, станбени згради и електрична инфраструктура.

Украина, исто така, со напади со дронови ја таргетираше воената инфраструктура длабоко во Русија. Утрото на 10 август, властите во рускиот регион Саратов соопштија дека во украински напад со беспилотни летала бил оштетен неидентификуван индустриски објект, при што загинало најмалку едно лице.

Средба во Алјаска

Одлуката да се сретне со Путин лице в лице – нешто што претходникот на Трамп, Џо Бајден, одби да го направи по инвазијата – го одразува верувањето на Трамп дека неговиот однос со рускиот лидер ќе доведе до траен мировен договор.

За Путин, средбата со Трамп лично – без присуство на Зеленски или украински функционери – е мала победа, што го одразува ставот на Путин дека Зеленски е нелегитимен лидер и дека голем договор за завршување на војната може да се постигне само директно со Соединетите Држави.

Патувањето во САД е исто така мала победа за Путин, кој е под потерница за воени злосторства издадена од Меѓународниот кривичен суд. Земјите членки на судот се обврзани да го притворат, но администрацијата на Трамп е отворено непријателски настроена кон Хашкиот трибунал.

Во врска со можноста за потенцијално покана на Зеленски на состанокот во Алјаска, NBC цитираше неименуван американски функционер кој рече: „Сите многу се надеваат дека тоа ќе се случи“. Сепак, функционерот додаде дека сè уште не е пратена покана.

„Размена“ на територии

Не беше јасно што мисли Трамп под „размена“ на територија; Украина во моментов не држи никаква руска територија.

Русија ја презеде контролата врз Кримскиот Полуостров и делови од источна Украина во 2014 година и сега окупира околу една петтина од земјата, вклучувајќи го речиси целиот регион Луганск и значителни делови од регионите Донецк, Запорожје и Херсон, за кои Москва сега неосновано тврди дека ѝ припаѓаат на Русија.

Ројтерс цитираше жителката на Киев, Олесија Петрицка, која рече дека „ниту еден војник нема да се согласи да отстапи територија, да повлече војници од украинските територии“.

Најавата за средбата во Алјаска се совпадна со рокот што Трамп му го постави на Путин да се согласи на прекин на огнот или да се соочи со строги тарифи насочени кон руската нафта и другиот извоз, заедно со нејзините трговски партнери кои се соочуваат со секундарни тарифи за нафта купена од Русија.

XS
SM
MD
LG