Путин телефонски го информирал Ердоган за развојот на војната во Украина

Архивска фотографија,од средба на рускиот претседател Владимир Путин со турскиот колега Реџеп Таип Ердоган

Рускиот претседател Владимир Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган разговараа по телефон за развојот на настаните во војната во Украина, јавува герамнската новинска агенција ДПА.

Кремљ и претседателската канцеларија во Анкара во средата соопштија дека Путин го информирал својот турски колега за самитот со американскиот претседател Доналд Трамп во Алјаска минатата недела.

Трамп се обидува да ја заврши војната во Украина, обидувајќи се да организира средба меѓу Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Путин ѝ се заблагодари на Турција за нејзината поддршка за време на разговорите меѓу Русија и Украина во Истанбул, се вели во соопштението на Кремљ.

Видете и ова: Додека Трамп ги подобрува односите со Путин, му се јавува и на Лукашенко

Преговарачки тимови на Украина и Русија три пати седнаа на маса во Истанбул од мај годинава, но без никакви резултати освен неколку размени на затвореници.

Ова беа првите директни разговори меѓу завојуваните страни од 2022 година, што значи дека Турција би можела да се разгледа и за понатамошни средби. Путин, исто така, разговараше по телефон со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман во вторникот. Русија, САД и Украина, исто така, ја користеа Саудиска Арабија како точка за средба во последните месеци.