Достапни линкови

Додека Трамп ги подобрува односите со Путин, му се јавува и на Лукашенко


Американскиот претседател Доналд Трамп и белорускиот претседател Александар Лукашенко
Американскиот претседател Доналд Трамп и белорускиот претседател Александар Лукашенко

Само неколку часа пред неговиот самит во Алјаска со Владимир Путин минатата недела, американскиот претседател Доналд Трамп му се јави телефонски на белорускиот моќник Александар Лукашенко. Потег, што изненади многу аналитичари и политичари.

Трамп на социјалните мрежи го опиша Лукашенко како „високо почитуван претседател“, и рече дека неговиот разговор со него се фокусирал на ослободувањето на 1300 политички затвореници.

Според Валер Кавалеуски, раководител на протераниот тинк-тенк наречен Агенција за евроатлантски прашања, акцентот на Трамп на политичките затвореници бил длабоко симболичен.

„Трамп го стави хуманитарното прашање, ослободувањето на политичките затвореници, на почетокот на својата порака“, изјави Кавалеуски за Радио Слободна Европа.

„Ова значи дека хуманитарните преговори се погодни и за Минск и за Вашингтон. Тие избегнуваат тешки прашања како геополитиката или војната во Украина, и изгледаат благородно и достоинствено затоа што се однесуваат на животите на луѓето“, вели тој.

За Лукашенко, долго критикуван и изолиран од Западот како диктатор и верен сојузник на Путин, повикот на Трамп претставуваше дипломатски пробив.

„Подарок за Лукашенко“

Валер Карбалевич, политички аналитичар за белорускиот сервис на Радио Слободна Европа рече дека тоа е „огромен подарок“ за Лукашенко, нудејќи му пат назад откако ги „запали“ мостовите со Западот со брутално потиснување на масовните протести против изборните измами во 2020 година.

„Лукашенко е задоволен. Тој очигледно чувствува психолошка непријатност што веќе пет години западните земји не го признаваат за претседател на Белорусија“, вели Карбалевич.

Но, Кавалеуски го гледа тоа поинаку:

„Дури и со ужасни карти во рака, непризнаен, под руска контрола и соучесник во агресијата против Украина, Лукашенко успеа да се доближи до Трамп... Ова не беше подарок. Тоа беше резултат на целна, вешта белоруска дипломатија“, рече тој.

Свјетлана Циханускаја, протераната белоруска опозициска лидерка, ги поздрави напорите на Трамп да ослободи политичките затвореници во Белорусија, но повика на континуиран притисок врз режимот на Лукашенко.

„Ова е важна хуманитарна мисија на претседателот (Трамп) - да се спасат животите на невини луѓе. Сега очекуваме режимот на Лукашенко целосно да ја прекине својата репресија и да ги ослободи сите невини луѓе од затвор, што е прв витален чекор кон мир, слобода и помирување. И додека ова не се случи, не треба да има промена во политиката кон режимот“, напишаЦиханускаја на социјалните медиуми.

Лукашенко досега понуди малку детали. Неговата прес-секретарка, Наталија Ајсмант, само изјави дека „работата во оваа насока е во тек“.

Организациите за човекови права се скептични.

Павал Сапелка од белорускиот центар за човекови права „Вјасна“ забележа дека репресијата се интензивирала во последните месеци, дури и кога повремено се даваат помилувања.

Нема политичко затоплување

„Властите демонстрираат паралелни процеси. Репресијата продолжува и се влошува, според некои индикатори. Во исто време, некои луѓе се ослободуваат со помилувања, повремено со итна депортација, што е неприфатливо“, изјави Сапелка за РСЕ.

„Никој не зборуваше за запирање на апсењата или за политичко затоплување“, рече Дзмитри Јахорау од Фондацијата БајСол, која им помага на жртвите на репресија во Белорусија.

Марина Касинерава од Дисидентби, која ги поддржува политичките затвореници, рече дека може да има повеќе од 1300 луѓе зад решетки поради спротивставување на режимот.

„Системот направи сè за да ги скрие злосторствата против човековите права, вклучително и затворањето на судските расправи“, вели Касинерава.

Руска империјалисичка индоктринација во белоруски училишта
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:56 0:00

Касинерава предупреди дека Лукашенко може да бара „насилни трансфери“ наместо вистински ослободувања.

„Режимот може да ги протера луѓето со вреќа преку главата. Тоа нема никаква врска со слободата во здрава смисла на зборот“, рече таа.

„Недостиг на надеж“

Од 2020 година, Вјасна има документирано 360 помилувања во Белорусија, при што најмалку осум лица се депортирани директно од затвор и покрај тоа што имаат само белоруско државјанство. Во изминатите пет години, 8532 лица се соочија со политички мотивирани кривични обвиненија, а 7299 се осудени.

За бранителите на правата, можноста 1300 затвореници да излезат на слобода навистина би била историска. Но, тие нагласуваат дека доколку не престане репресијата, таков потег ќе биде повеќе тактички маневар отколку системска промена.

Сепак, Кавалеуски нагласува дека ангажманот на Трамп со Лукашенко, како неговите напори за воспоставување мир во Украина, може да биде извор на охрабрување.

„Во моментов постои дефицит на надеж и во Белорусија и во Украина. Луѓето во обете земји го сметаат Трамп за некој кој, колку и да е несовршен, е подготвен да се ангажира и да се обиде да ги реши кризите со кои се соочуваат.“

Спротивно на тоа, европските креатори на политики ја задржаа својата дистанца, држејќи се достроги санкции и изолација, што, според Кавалеуски, го прави ангажманот на Трамп позначаен.

„Можеби тоа не е идеалниот пат. Можеби бара компромиси, вклучително и реалноста дека Лукашенко останува на власт. Но, нуди шанса да се ослободат луѓе од затвор и да се забави репресијата“, нагласи тој.

Засега, интересот на Трамп за Лукашенко се проби низ годините застој. Останува нејасно дали тоа сигнализира еднократен гест од хуманитарни причини или почеток на нов канал на американската дипломатија.

За белоруската опозиција, загриженоста е дека хуманитарните гестови на Трамп може да ја отворат вратата за легитимирање на Лукашенко без да се спроведат фундаментални реформи.

XS
SM
MD
LG