Повеќе илјади граѓани се собраа на антивладин протест на Савскиот плоштад во Белград на 1 септември, по повикот од средношколците во блокада на првиот ден од учебната година.
На протест тие повикаа преку социјалните мрежи со пораката „Средношколците памтат“.
Собрани кај поранешната зграда на Главната железничка станица, на барање на учениците и студентите, демонстрантите не креваат никаква бучава. Тие беа замолени да ги остават свирчињата дома бидејќи ова е комеморативен марш, пренесува агенцијата Бета.
Граѓаните се собраа на протестот доаѓајќи во колони од повеќе правци, а сообраќајот во тој дел од Белград е запрен.
Радио Слободна Европа (РСЕ) разговараше со некои од учесниците на протестот.
Сања Тасиќ вели дека протестира „од истата причина како и другите луѓе“.
„Да бараме промени што сè уште не се случиле. Бараме владеење на правото, еднаквост за сите, праведно општество“, рече таа.
Собир се организира и на кампусот на Универзитетот во Нови Сад, каде што беа прочитани имињата на загинатите во трагедијата на Железничката станица со пораката: „Нема да заборавиме и нема да се откажеме“.
На протестот се придружија и земјоделците.
Видете и ова: Десет месеци од трагегијата во Нови Сад, комеморативни собири во неколку српски градовиПретходно во текот на денот и во други градови низ Србија, студенти и граѓани одржаа комеморативни собири со кои им одадоа почит на 16-те лица кои загинаа при уривањето на настрешницата на реконструираната Железничка станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 г. Меѓу загинатите беше и еден македонски државјанин, Васко Саздовски, кој работеше како научник во Нови Сад.
Причината за протестот во Белград и собирите во останатите градови е одбележување на десет месеци од трагедијата во Нови Сад која предизвика масовни протести низ Србија и блокада на високообразовните институции.
Демонстрантите бараат одговорност од власта за оваа несреќа.
Власта, пак, отфрла одговорност, а претседателот Александар Вучиќ одби да распише предвремени парламентарни избори, кои беа побарани во мај од страна на демонстрантите предводени од студентите.
Вишото јавно обвинителство во Нови Сад, на 30 декември, поднесе обвинение за случајот со настрешницата, но кон средината на април Вишиот суд во Нови Сад го врати „на понатамошна обработка“.
Со ова постапката се врати во фаза на истрага.
Видете и ова: Вучиќ ги пoвика претставниците на демонстрантите на јавна дебата, тие одбија додека не се распишат избориВо одделна постапка, Обвинителството за организиран криминал на Србија на 1 август објави дека уапсило 11 лица осомничени за корупција во врска со проектот за модернизација на пругата од Нови Сад до унгарската граница. Дел од тој проект беше и реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад.
Покрај поранешниот министер за градежништво Томислав Момировиќ, кој беше уапсен на 1 август, во случајот е опфатен и поранешниот министер Горан Весиќ, кој е на болничко лекување.
Медиумите на 15 август објавија дека сите осомничени се испратени во домашен притвор.