Поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Виктор Димовски тврди дека премиерот Христијан Мицкоски не бил следен и прислушкуван во времето кога Димовски беше директор на Агенцијата за национална безбедност. Тој денеска преку својот Фејсбук-профил, одговори за наводите за злоупотреби во Агенцијата што биле правени во периодот додека тој раководел со службата, а се однесуваат на следење и прислушување на тогашниот лидер на опозицијата, а сега актуелен премиер Христијан Мицкоски, како и на бизнисмени и новинари.
„Во текот на вчерашниот ден од страна на премиерот и од актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност беа изнесени сериозни обвинувања за наводна злоупотреба на државни ресурси за прислушкување на поранешниот лидер на опозицијата (сега премиер), бизнисмени и новинари од страна на АНБ и Агенцијата за разузнавање. Со оглед на тоа што во претходен брифинг за медиуми во АНБ бил споменат периодот од 2019 до 2024 година во дел од кој и јас ја извршував должноста директор на АНБ, одговорно тврдам дека тој како лидер на тогашна опозициона партија во периодот од 2019 -2022 година не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата, не бил предмет на организирана оперативна работа, а со тоа ниту таргет кон кого биле применувани било какви оперативно-технички мерки“, наведува Димовски во својата објава на Фејсбук.
Димовски го повикува актуелниот директор на АНБ, Бојан Христовски да ги декласифицира документите за наводни злоупотреби, особено оние кои се однесуваат на Мицкоски.
Вели дека е точно оти „во наведениот период согласно законските надлежности во Агенцијата имаше постапка за преиспитување на проверките за безбедносни сертификати, вклучително и за еден тогашен и сегашен пратеник поради оддавање на класифицирана информација, а за што му беше поднесена соодветна кривична пријава до надлежното обвинителство“.
Во врска со тоа, како што посолува, на негово барање, на дневен ред на надлежната собраниска Комисија за надзор на работата на АР и АНБ беше ставена точката за информирање за случајот и изнесените наводи во електронските медиуми.
„Со оглед на сериозноста на изнесените наводи на синоќешниот прес и на претходниот брифинг во АНБ го повикувам директорот на Агенцијата веднаш и неодложно да ги декласифицира документите за наводни злоупотреби, а особено тие кои се однесуваат на прислушкување на тогашниот лидер на опозицијата. Македонската јавност има право да знае кој тоа предлагал, барал, одобрувал и кој ги извршувал наводните прислушкувања! Очекувам дека овојпат нема да има криење со изговори од типот „класифицирани информации со степен на државна тајна", посебно после последните неколку објави во некои „информирани медиуми" кои лифериваат конкретни имиња на лица кои наводно биле таргет на Агенцијата, вклучително и податоци за идентитетот на вработени и тајни соработници“, наведува во објавата на Фејсбук, поранешниот директор на АНБ Димовски.
Видете и ова: Мицкоски и Христовски тврдат дека имало незаконско следење, детали не откриваатКоментарот на Димовски следува откако во петокот беше објавено дека Агенцијата за национална безбедност доставила три известувања до Јавното обивнителство за еден поранешен директор и група вработени во АНБ поради индиции за незаконско, непрофесионално и неетичко постапување.
Нив ги потврдија и премиерот Христијан Мицкоски и директорот на АНБ, Бојан Христовски.
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека најновите информации за незаконско прислушување не се личен напад врз него, туку директен удар врз демократијата и правото на слобода.
„Јас лично, тогаш како претседател на опозицијата, а денеска како премиер, заедно со новинари, медиуми, бизнисмени и јавни личности сме биле жртва на системот кој ги следел своите граѓани. Ова не е напад само врз мене, туку врз демократијата, врз правото на слобода, врз темелите на државата“, изјави денеска (2 септември) премиерот Мицкоски.
Мицкоски и Христовски не посочија детали бидејќи, како што рекоа, станува збор за документи кои се класифицирани како државна тајна, но и двајцата изразија очекување дека случајот ќе добие правна разрешница, а одговорните ќе бидат казнети.
Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), до кое АНБ ги доставило известувањата, вчера во одговор на новинарски прашања излегоа со став дека во моментов се води предистражна постапка и поради нејзината тајност не можат да споделат повеќе детали.
Димовски беше првиот директор на АНБ, која беше основана по реформите на безбедносниот систем на државата. Тој со Агенцијата раководеше од нејзиното основање во 2019 до 2022 година, кога на негово место дојде Зарко Милошевски.