Природно-математичкиот факултет во Нови Сад ја обвини полицијата за насилство врз демонстрантите

НОВИ САД, СРБИЈА – Антивладин протест во чест на жртвите од уривањето на настрешницата на железничката станица

Управата на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во Нови Сад ја обвини полицијата за „физичко насилство и употреба на хемиски средства“ врз студентите и другите демонстранти за време на протестната прошетка во тој град на 1 септември.

Со комеморативни протестни прошетки во повеќе градови низ Србија на 1 септември, десетици илјади граѓани одбележаа десет месеци од загинувањето на 16 лица при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.

Инцидентите во Нови Сад се случија по протестната прошетка, во близина на универзитетскиот кампус, каде што се наоѓаат повеќето факултети.

Откако собирот во Нови Сад заврши, дел од демонстрантите се упатија кон Факултетот за физичко образование во тој град, создавајќи врева.

Видете и ова: Илјадници граѓани во Белград излегоа на протест по повик од средношколците

Десетици припадници на Жандармеријата, кои стоеја пред зградата на факултетот, набргу почнаа да ги потиснуваат кон кампусот.

Студентите кои учествуваа во блокадата ги обвинија на социјалните мрежи за неоправдана прекумерна сила и тепање на демонстрантите.

Министерството за внатрешни работи, од друга страна, тврди дека полицијата „професионално и навремено“ реагирала согласно законот, и дека повеќе демонстранти во Нови Сад фрлале пиротехнички средства и различни предмети кон припадниците на полицијата.

Уапсени се три лица.

Управата на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во Нови Сад во соопштение повика на зачувување на автономијата на универзитетот и на „прекин на сè поизразеното насилство на улиците на Србија, особено кон студентите“.

„Како нивни професори, секогаш цврсто ќе стоиме зад нашите студенти, кои на мирен начин го искажуваат својот протест со кој бараат одговорност за уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад“, се наведува во соопштението.

Видете и ова: Десет месеци од трагегијата во Нови Сад, комеморативни собири во неколку српски градови

„Исто така, никогаш нема да реагираме со сила кон нашите студенти – тие секогаш биле и ќе останат наши млади колеги со кои соработуваме во интерес на образованието и општиот општествен интерес“, соопшти Управата на новосадскиот ПМФ.

Несреќата на Железничката станица во изминатите десет месеци предизвика масовни протести низ цела Србија, на кои се бараше одговорност од власта.

Власта ја отфрли одговорноста за несреќата, а претседателот на државата, Александар Вучиќ, одби да распише вонредни парламентарни избори, кои во мај ги побараа демонстрантите предводени од студентите.