Европската Унија одобри средства во износ од еден милион евра за хуманитарно финансирање на најитните потреби на населението засегнато од силниот земјотрес што во неделата го погоди североисточниот дел на Авганистан, јави МИА.
Дополнително, ЕУ реши да донира и околу 130 тони хуманитарна помош од сопствените резерви. Оваа помош, која вклучува шатори, облека, медицински материјали и средства за прочистување на водата, ќе бидат доставени преку два хуманитарни лета до Кабул финансирани од ЕУ, кои треба да се реализираат во текот на оваа недела.
Доделените финансиски средства, пак, ќе бидат дистрибуирани преку хуманитарните партнери на ЕУ кои веќе спроведуваат операции за помош на теренот.
Видете и ова: Бројот на загинати во земјотресот во Авганистан надмина 1.400, Tалибанците бараат помош од странствоЕУ ја активираше и сателитската услуга Коперник за да изработи мапи за итни случаи, што ќе помогне во испораката на помошта.
Овие средства се надоврзуваат на претходно доделените 161 милион евра хуманитарна помош во 2025 година на хуманитарните организации што дејствуваат во Авганистан.
Во неделата североисточните авганистански провинции Кунар, Нангахар и Лагман ги погоди земјотрес со интензитет од шест степени, при што, според расположливите извештаи, загинале најмалку 1400 луѓе. Се стравува дека конечниот биланс на загинати ќе биде поголем.