Достапни линкови

Вести

Бројот на загинати во земјотресот во Авганистан надмина 1.400, Tалибанците бараат помош од странство

Oштетена куќа по земјотресот на истокот на Авганистан, 1 септември 2025 година.
Oштетена куќа по земјотресот на истокот на Авганистан, 1 септември 2025 година.

Во разорниот земјотрес на истокот на Авганистан на 31 август загинаа повеќе од 1.400 лица - соопштија на 2 септември талибанските власти, кои побараа помош од странство.

Претходно, беше соопштено дека бројот на загинати во земјотресот се искачил на 1.124.

Најмалку 3.251 лице е повредено, а повеќе од 8.000 куќи се уништени во катастрофата, беше наведено.

Талибанските власти утрото по земјотресот, на 1 септември, првично соопштија дека најмалку 800 луѓе загинале, а речиси 3.000 се повредени во земјотресот со јачина од 6 степени според Рихтеровата скала, со епицентар кај Џалалабад, близу пакистанската граница.

„Потребна ни е (помош), бидејќи многу луѓе овде ги загубија своите животи и домови“, изјави портпаролот на Министерството за здравство под контрола на талибанците, Шарафат Заман, за Ројтерс на 1 септември.

Владата предводена од талибанците не е официјално признаена од ниту една земја, освен Русија, иако хуманитарните организации се обидуваат да одржат контакти, и покрај пречките што всушност самите талибански власти ги поставија.

Амнести интернешнл упати повик за „итна хуманитарна помош“, но оваа организација за човекови права со седиште во Лондон исто така остро ги критикуваше талибанците поради отежнување на операциите за спасување. Исто така го критикуваше и Пакистан поради истовремената присилна репатријација на речиси два милиони авганистански бегалци, велејќи дека тоа ги влошува проблемите.

„Де факто, талибанските власти се исто така одговорни за намалувањето на работата на хуманитарните и помошните агенции во земјата, поради рестриктивните политики и забраната за работа на авганистанските жени за ОН, како и за други невладини организации во Авганистан. Ова е дел од систематскиот напад на талибанците врз човековите права во земјата“, се наведува во соопштението на Амнести интернешнл.

Меѓународните организации кои ја подготвуваат помошта вложија напори да нагласат дека целата помош ќе оди кај жртвите, а не во рацете на талибанските лидери.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека светската организација соработува со властите со цел „брзо да се проценат потребите, да се обезбеди итна помош и да се биде подготвен за мобилизирање на дополнителна поддршка“.

Мисијата на ОН во Авганистан додаде дека се „изгубени стотици животи“ и дека се мобилизирала за да обезбеди помош и поддршка за спасување животи, додека Европската унија (ЕУ) изрази „целосна солидарност со народот на Авганистан“.

Катастрофата се случи во време кога осиромашената земја се соочува со намалување на меѓународната помош поради преземањето на власта од страна на талибанците и враќањето на стотици илјади авганистански бегалци од соседните земји.

„Селата се изградени на начин што куќите се поставени, една над друга“, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ) Салам Ал-Џанаби, портпарол на УНИЦЕФ во Кабул.

„Тоа значи дека овие куќи паѓаат една врз друга. И токму затоа гледаме толку голем број жртви.“

Во округот Дарах Нур во Нангархар, жителите рекоа за Радио Азади, програм на РСЕ, дека сѐ уште се чувствувало тресењето на земјата на 1 септември, по земјотресот што се случи непосредно пред полноќ.

„Итно ни се потребни шатори и итна помош за повредените во болницата“, изјави Шад Нур Мазлумјар.

„Немаме храна, сè е уништено — нашите домови, опремата и кујните. Немаме ништо останато.“

Друг жител на Нангархар, 35-годишниот Шукрула Халим, рече: „Домовите на луѓето се уништени.“

„Сè е срамнето со земја. Итно треба да им се достават здравствени пакети, како и храна и основни домашни потреби“, додаде тој.

Ал-Џанаби рече дека „во моментов сите агенции на ОН во Авганистан го зголемуваат бројот на персонал таму“, и дека околу 600 домови се уништени.

„Каде живеат овие семејства? Каде живеат овие деца? Можеби за сега ќе биде во ред да останат под шатори... но во наредните три недели ќе стане студено во овој регион.“

Видео објавено на социјалните мрежи прикажува како луѓе очајно копаат по урнатините, обидувајќи се да стигнат до луѓето заробени под нив.

Повредените преживеани биле пренесени со хеликоптер од оддалечената планинска област. Талибанските официјални лица изјавија дека теренот ја отежнува достапноста на хуманитарните работници и итните служби до местото на настанот.

Забиулла Муџахид, портпарол на талибанската влада, предупреди дека се очекува зголемување на бројот на загинати и наведе дека според податоците од утрото на 1 септември, во провинцијата Кунар околу 800 лица загинале, 2.500 биле повредени, а голем број куќи уништени.

Слично, во провинцијата Нангархар загинале 12 лица, 250 биле повредени, а десетици куќи исто така се оштетени.

Претходниот земјотрес со јачина од 6,3 степени го погоди Авганистан на 7 октомври 2023 година, по што следеа силни дополнителни потреси.

Талибанската влада процени дека загинале најмалку 4.000 луѓе, но ОН дадоа многу помал број, околу 1.500. Тоа беше најсмртоносната природна катастрофа во Авганистан во поновата историја.

види ги сите денешни вести

Зеленски најави разговор со Трамп за санкции врз Русија

САД - Претседателот на Украина, Володимир Зеленски и претседателот на САД, Доналд Трамп, на состанок во Овалната соба на Белата куќа, Вашингтон, 18 август 2025 година.
САД - Претседателот на Украина, Володимир Зеленски и претседателот на САД, Доналд Трамп, на состанок во Овалната соба на Белата куќа, Вашингтон, 18 август 2025 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека се надева дека ќе разговара со американскиот претседател Доналд Трамп во четврток, на 4 септември, за да се заложи за нови санкции против Русија поради нејзината инвазија, јави агенцијата АФП.

„Утре ќе се обидеме да се поврземе со претседателот Трамп и ќе разговараме за тоа“, рече Зеленски за време на посетата на Копенхаген на 3 септември, каде разговараше за дополнителна поддршка за Киев од нордиските и балтичките земји.

Зеленски додаде дека постои „цврста основа“ за безбедносни гаранции за Украина во случај на прекин на огнот, наведувајќи „билатерални договори, вклучително и еден со Данска“.

Трамп досега залудно се обидуваше да организира самит меѓу Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин, откако го постави црвениот тепих за рускиот лидер во Алјаска минатиот месец.

Трамп во изјава од 2 септември рече дека е „многу разочаран“ од Путин што не успеа да се придвижи кон мировен договор за Украина.

Командоси ги спасуваат преживеаните по земјотресот во Авганистан

Авганистан - последици од земјотресот во источен Авганистан, 1 септември 2025 година.
Авганистан - последици од земјотресот во источен Авганистан, 1 септември 2025 година.

Десетици авганистански воздушни командоси се спуштија во оддалечен планински регион долж источната граница на Пакистан за да помогнат во спасувањето на жртвите од земјотресот на 31 август во кој, според талибанските власти, загинале повеќе од 1.400 луѓе.

Смртоносниот земјотрес со магнитуда од 6 степени што ги погоди провинциите Кунар и Нангархар доцна на 31 август, повреди илјадници луѓе, ги срамни селата зо земја и остави десетици илјади бездомници.

Земјотрес со магнитуда од 5,5 степени на 2 септември ја зголеми катастрофата додека екипите брзаа да стигнат до настраданите

Мештани изјавија за Радио Азади, авганистанскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ), дека немаат засолниште и живеат на отворено, додавајќи дека е потребна итна помош во храна, чиста вода за пиење и шатори.

Владини претставници изјавија дека командоси се распоредени од воздух во областите каде што пристапот до патиштата бил отсечен од земјотресот и дека се формирани командни центри за координирање на службите за итни случаи и спасување.

Овие напори доаѓаат во време кога хуманитарни организации предупредуваат дека недостатокот на пристап до хигиенски средства, медицинска помош и засолништа за итни случаи става во опасност многумина, особено жените и девојчињата.

Ниту една земја освен Русија не ја призна владата предводена од Талибанците, иако групите за помош се обидоа да одржат контакт и покрај пречките што ги поставија „де факто“ владетелите.

Организацијата „Амнести интернешнл“ повика на „итна хуманитарна помош“, но групата за човекови права со седиште во Лондон, исто така, ги критикуваше Талибанците за попречување на спасувачките операции.

„Амнести интернешнл“ исто така, го критикуваше Пакистан за присилната репатријација на речиси два милиони авганистански бегалци, велејќи дека тоа го влошува проблемот.

Меѓународните организации за помош вложија напори да нагласат дека целата помош ќе оди кај жртвите, а не во рацете на талибанските лидери.

Катастрофата доаѓа во време кога осиромашената земја се бори со намалена меѓународна помош поради преземање на власта од страна на Талибанците и враќањето на стотици илјади авганистански бегалци од соседните земји.

Во Авганистан често има земјотреси, е погоден од земјотреси. Последниот е од октомври 2023 година, при што Талибанците објавија дека има 4.000 ѓртви, додека Обединетите нации ја проценија бројката на околу 1.500.

Најновиот земјотрес се случи во 23.45 часот на 31 август, а неговиот епицентар беше околу 27 километри североисточно од Џалалабад во авганистанската покраина Нангархар, според податоците од Геолошкиот завод на САД (USGA).

USGA соопшти дека земјотресот бил на длабочина од 8 километри, релативно плитко ниво кое често предизвикува поголема штета од подлабоките земјотреси.

Последователните потреси, исто така, ја комплицираа ситуацијата.

Сиљановска-Давкова: Нема потреба од нова декларација за „црвените линии“ на државата за евроинтеграциите

Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Република Северна Македонија
Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Република Северна Македонија

Нема потреба од нова декларација за „црвените линии“ на државата за евроинтеграциите, рече претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, откако претседателот на СДСМ, Венко Филипче најави дека ќе поднесе декларација со „црвени линии“ која треба да помогне во поместувањето на преговарачките позиции на Северна Македонија на патот кон Европската унија.

„По толку бели линии, сега да зборувате за црвени линии, е апсурдно. Ние имаме декларација, и тоа не само една, туку неколку декларации имаме донесено во Собранието и не беа почитувани. Дури и референдумски резултат не почитувавме, а камоли црвени линии. Не разбирам што значи црвена линија во овој поглед, особено не ја разбирам аргументацијата дека доколку сепак посегне соседот по вето, ние тогаш ќе ги прекинеме преговорите“, рече Сиљановска-Давкова во изјава на 3 септември по врачувањето на признанието „Инженерски прстен 2025“ во Охрид.

Според претседателката, најважно е политичките партии и од опозицијата и од власта да постигнат консензус за тоа како ќе се однесуваат надвор од државата.

Таа се осврна и на писмото на шефот на бугарската дипломатија, Георг Георгиев до неговите колеги од ЕУ, во кое вели дека е непотребна провоција и правна апсурдна постапка иницијативата за оценка на уставноста на Протоколот од Договорот за доброседство со Бугарија, поднесена до Уставниот суд од поранешната пратеничка Лилјана Поповска.

Сиљановска - Давкова рече дека уставните судови не се под јурисдикција на соседни политичари, а одлуките на овој суд се конечни и не се коментираат.

2Ако некој покренал постапка во Уставниот суд, Уставниот суд ќе реши дали има основ за негово проследување“, рече претседателката на државата.

Уставниот суд на 13 август информираше дека е формиран предмет во кој е оспорен Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија донесен на 17.07.2022 година во Софија, за кој во тек е претходна постапка во која се испитуваат податоците и известувањата потребни за донесување на одлука.

Подносителка на иницијативата, поранешната пратеничка Поповска во иницијативата наведува дека со оспорениот Протокол е прекршен Уставот и тврди дека има несоодветна форма и содржина, дека излегува надвор од рамките на правен акт кој обработува еден член од Договор меѓу две земји и произведува штетни дејствија врз идентитетските прашања за македонскиот народ, јазик и држава.

ЕУ одвои еден милион евра помош за Авганистан

Последици од силниот земјотрес во Авганистан, септември 2025 година
Последици од силниот земјотрес во Авганистан, септември 2025 година

Европската Унија одобри средства во износ од еден милион евра за хуманитарно финансирање на најитните потреби на населението засегнато од силниот земјотрес што во неделата го погоди североисточниот дел на Авганистан, јави МИА.

Дополнително, ЕУ реши да донира и околу 130 тони хуманитарна помош од сопствените резерви. Оваа помош, која вклучува шатори, облека, медицински материјали и средства за прочистување на водата, ќе бидат доставени преку два хуманитарни лета до Кабул финансирани од ЕУ, кои треба да се реализираат во текот на оваа недела.

Доделените финансиски средства, пак, ќе бидат дистрибуирани преку хуманитарните партнери на ЕУ кои веќе спроведуваат операции за помош на теренот.

ЕУ ја активираше и сателитската услуга Коперник за да изработи мапи за итни случаи, што ќе помогне во испораката на помошта.

Овие средства се надоврзуваат на претходно доделените 161 милион евра хуманитарна помош во 2025 година на хуманитарните организации што дејствуваат во Авганистан.

Во неделата североисточните авганистански провинции Кунар, Нангахар и Лагман ги погоди земјотрес со интензитет од шест степени, при што, според расположливите извештаи, загинале најмалку 1400 луѓе. Се стравува дека конечниот биланс на загинати ќе биде поголем.

Руте: Очекувам „јасна претстава“ за европскиот придонес кон гаранциите за Украина

Шефот на НАТО, Марк Руте
Шефот на НАТО, Марк Руте

Шефот на НАТО, Марк Руте, изјави дека очекува разговорите меѓу европските лидери во Париз да ги зацврстат плановите за безбедносни гаранции за Украина и да го отворат патот за добивање појасна слика за вмешаноста на Соединетите Држави.

„Утре ќе биде важен состанок, па очекувам утре, или наскоро по утре, да имаме јасна претстава за тоа што можеме колективно да постигнеме“, изјави Руте пред новинарите.

„Тоа значи дека можеме да се ангажираме уште поинтензивно, исто така и со американската страна за да видиме што сакаат да постигнат во однос на нивното учество.“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на разговорите во Париз во четврток (3 септември) со лидерите од таканаречената „Коалиција на добронамерните“.

Предводена од Франција и Велика Британија, групата од околу 30 земји има намера да обезбеди поддршка за војската на Киев и евентуално да распореди дел од своите војници во Украина, ако и кога ќе се договори прекин на огнот.

Распоредувањето би имало за цел да ја одврати идната руска агресија.

Американскиот претседател Доналд Трамп, кој ги поттикнува напорите за завршување на војната, изјави дека Вашингтон би можел да игра улога во поддршката на Европејците. Сепак, тој ја отфрли можноста за испраќање на американски војници на терен, а кои точни обврски би бил подготвен да ги даде остануваат нејасни.

Дипломатите за АФП изјавија дека европските земји во коалицијата биле притиснати да излезат со конкретни детали за тоа што би можеле да придонесат на состанокот на воените началници минатата недела.

Кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон во вторник соопшти дека сега има „доволен придонес за да можеме да им кажеме на Американците дека сме подготвени да ги преземеме нашите одговорности сè додека тие ги преземат своите - што значи давање „заштита“ на европските партнери.

Таа „заштита“ би можела да вклучува различни аспекти, вклучувајќи разузнавање, логистичка поддршка и комуникации.

Трамп досега залудно се обидуваше да организира самит меѓу претседателите Владимир Путин и Володомир Зеленски, откако го постави црвениот тепих за рускиот лидер во Алјаска минатиот месец.

Во вторник, Трамп рече дека е „многу разочаран“ од Путин што не успеа да се придвижи кон мировен договор за Украина.

Израел лансираше нов шпионски сателит како „порака“ до непријателите

илустрација
илустрација

Израел лансираше нов шпионски сателит во орбитата, а министерот за одбрана Израел Кац го опиша како „порака“ до своите непријатели дека се под постојан надзор.

„Лансирањето на сателитот Офек 19 вчера е достигнување од највисоко глобално ниво. Малку земји поседуваат вакви можности“, напиша министерот за одбрана Израел Кац на X.

„Ова е исто така порака до сите наши непријатели, каде и да се - ве следиме во секое време и во секоја ситуација“, додаде тој.

Лансирањето на сателитот во вторник вечер (2 септември)се случи два месеци по 12-дневната војна меѓу Израел и Иран, во која Израел нападна ирански нуклеарни и воени објекти, како и станбени области, на повеќе од 1000 километри (600 милји) оддалеченост.

Според Даниел Голд, раководител на директоратот за истражување и развој на Министерството за одбрана, собрани се над 12000 сателитски снимки од иранска територија за насочување на нападите.

Операцијата „нагласи дека поседувањето напредни капацитети за набљудување во нашиот регион е клучно за постигнување супериорност во воздух и на копно“, рече Боаз Леви, извршен директор на државната компанија „Израел аероспејс индустрис“, која работеше на проектот заедно со Министерството за одбрана.

Инаку Израел се приклучи на клубот на вселенски сили во 1988 година со распоредувањето на својот прв сателит „Офек“.

Кос: Вратите на ЕУ се отворени за тие што ќе ги исполнат Копенхашките критериуми

 Еврокомесарката за проширување, Марта Кос
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос

Копенхашките критериуми во минатото овозможија многу успешно проширување на ЕУ и процесот на прием на нови членки треба да продолжи да се гради врз нив, бидејќи владеењето на правото и демократската отпорност се клучни за кредибилен процес на проширување, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос.

„Нашата Унија е отворена и тие врати ќе останат отворени за оние кои целосно, праведно и транспарентно ќе ги исполнат Копенхашките критериуми“, истакна Кос на заедничката прес-конференција со данската министерка за европски прашања Мари Бјере и еврокомесарот за демократија, правда и владеење на правото Мајкл Мекграт по завршувањето на неформалниот состанок на министрите за европски прашања на членките на ЕУ и на кандидатите за членство во Копенхаген.

Кос додаде дека ако ЕУ сака да стане посилна ќе мора процесот на проширување да го базира на заслуги и на објективниот напредок постигнат од секоја земја кандидатка, при што приемот на секоја од нив ќе зависи од темпото на спроведување на реформите.

Еврокомесарката истакна дека во случајот на Северна Македонија „штом Владата ќе го промени Уставот“ ќе може да продолжи нејзиниот пристапен процес.

Таа нагласи дека на средбата разговорите се фокусирале на тоа како проширувањето ја зајакнува безбедноста на Европа и на условите за успешно спроведување на реформи за членство, со цел граѓаните на идните земји членки да ги почувствуваат придобивките од ЕУ уште пред зачленувањето на нивните земји во Унијата.

„Проширувањето некако се вплетка во геополитичкиот натпревар помеѓу слободните демократски општества, од една и авторитарните режими, од друга страна“, изјави Кос.

Еврокомесарката Кос истакна дека на состанокот се разговарало и за начините за напредок во преговорите за пристапување и покрај „билатералните загрижености на некои земји членки околу преговарачките рамки и одлуките на Советот“.

„Во овој поглед, Комисијата веќе поедностави одредени чекори во пристапните преговори во рамките на ограничувањата на методологијата за пристапување, но секако е отворена и за понатамошни подобрувања, под услов за тоа да се добие согласност од Советот“, рече Кос.

Таа се осврна и на објавените резултати од истражувањето на Евробарометар за проширувањето, нагласувајќи дека загриженост околу безбедноста по избувнувањето на војната во Украина резултирала со растечкиот тренд на јавна поддршка за пристапниот процес.

Сепак, според неа, паралелно со проширувањето мора да се работи и на подготовка на ЕУ за приемот на нови членки.

Трамп: Многу сум разочаран од Путин, оваа војна нема смисла

Американскиот претседател Доналд зборува во Овалната соба на Белата куќа во Вашингтон, на 2 септември 2025 година.
Американскиот претседател Доналд зборува во Овалната соба на Белата куќа во Вашингтон, на 2 септември 2025 година.

Додека рускиот претседател Владимир Путин ја следи парадата во Кина и додека неговите сили продолжуваат да ги напаѓаат украинските градови, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека е „многу разочаран“ од лидерот на Кремљ и дека планира да направи „нешто“ во наредните денови во врска со тоа.

„Многу сум разочаран од претседателот Путин, можам да го кажам тоа“, изјави Трамп во радио емисијата на Скот Џенингс на 2 септември кога беше прашан дали се чувствува предаден од постапките на Путин по нивниот самит на Алјаска на 15 август.

„Имавме одличен однос, многу сум разочаран. Илјадници луѓе умираат. Тие не се Американци. Тие се Руси и Украинци. И тоа е војна што нема смисла“, додаде Трамп.

„Ќе направиме нешто за да им помогнеме на луѓето да живеат. Седум илјади луѓе умираат секоја недела - претежно војници. И ако можам да помогнам да се запре тоа, мислам дека имам обврска да го направам тоа“, додаде тој, без да даде детали.

Трамп, кој го стави крајот на војната на Русија во Украина како врвен приоритет на неговата администрација, изрази растечко разочарување од одбивањето на Путин да се согласи на прекин на огнот или да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во исто време, руските сили продолжија да ги напаѓаат украинските градови, предизвикувајќи цивилни жртви и штети во инфраструктурата, дури и додека одржуваат копнени акции против помалку вооружената и помалку екипажлива војска на Украина.

Нападите продолжија рано на 3 септември, при што властите пријавија уште еден напад со беспилотни летала врз главниот град Киев и рекоа дека се издадени предупредувања за воздушен напад низ целата земја.

Тимур Ткаченко, началник на воената администрација на главниот град, рече дека „воздушната одбрана работи во Киев. Останете во засолништа додека не се даде согласност“.

Деталите не беа веднаш достапни.

Трамп вети дека ќе воведе нови царини или санкции против Москва доколку не се движи кон мир, иако до овој момент се воздржа од преземање какви било мерки. Европските сојузници на Вашингтон и Киев претходно воведоа серија штетни санкции врз Русија по нејзината инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Еден ден претходно, американскиот министер за финансии Скот Бесент за Фокс њуз изјави дека администрацијата оваа недела ќе ги разгледа опциите за одговор на САД на најновите напади на Русија.

Путин „го направи спротивното од тоа што го спроведе она што му го посочи на претседателот Трамп дека сака да го направи“, рече Бесент.

„Всушност, тој, на презирен начин, ја зголеми кампањата за бомбардирање. Значи, мислам дека со претседателот Трамп сите опции се на маса и мислам дека ќе ги разгледаме многу внимателно оваа недела“, додаде Бесент.

Коментарите доаѓаат додека Путин присуствува на воена парада во Кина по повод 80-годишнината од капитулацијата на Јапонија, што го означи крајот на Втората светска војна. Лидерот на Кремљ рече дека врските со Пекинг сега се на „невидено ниво“, што ги загрижува некои лидери на Западот.

Сепак, Трамп, во радио интервјуто рече: „Воопшто не сум загрижен, не.“

„Досега имаме најсилна војска во светот и тие никогаш не би ја употребиле својата војска против нас. Верувајте ми, тоа би било најлошото нешто што би можеле да го направат“, додаде тој.

На други места на дипломатскиот фронт, европските сојузници на Киев во таканаречената Коалиција на волјата - предводена од францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер - треба да се состанат во Париз на 4 септември за да разговараат за потенцијални безбедносни гаранции за Украина.

„Заедно со нашите партнери и во координација со НАТО, ќе работиме на дефинирање робусни безбедносни гаранции за Украина. Ова се неопходен предуслов за кредибилно движење кон мир“, напиша Макрон на X по разговорите со шефот на НАТО, Марк Руте.

Во меѓувреме, Зеленски ги повтори своите предупредувања дека руските сили се подготвуваат за нова офанзива во источна Украина.

„Сега гледаме уште едно зголемување на руските сили во одредени сектори на фронтот. Путин одбива да биде принуден на мир“, рече Зеленски во своето вечерно видео обраќање, без да даде детали.

„Русија продолжува да изведува напади. Секако, ние ќе одговориме на ова“, додаде Зеленски по уште една серија смртоносни напади врз украинските градови, вклучувајќи го и главниот град Киев.

На 29 август, Зеленски, исто така, предупреди дека е неизбежна нова руска офанзива.

„Концентрацијата на руските трупи таму е до 100.000“, рече Зеленски, осврнувајќи се на фронтовските линии во близина на високо стратешкиот град Покровск.

Обвинителството оформи предмет за наводите за незаконско следење на комуникациите

Јавно обвинителство/Фотоархива
Јавно обвинителство/Фотоархива

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска (2 септември) соопшти дека по насоки на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски оформило предмет во кој се преземаат дејствија на проверки на наводите за следење на премиерот.

При тоа, од Обвинителството посочуваат дека детално ќе бидат испитани и наводите во последните известувања од АНБ.

Оттаму додаваат и дека Јавното обвинителство нема никаква можност за незаконско следење на комуникациите.

- Обвинителството единствено ги проследува законски заснованите барања од АНБ за превентивни разузнавачки мерки до Врховниот суд, кој потоа издава соодветна наредба за реализација на мерките. Согласно законот за следење на комуникациите, наредба за посебни истражни мерки може да се издаде само за кривични дела строго предвидени во самиот закон, посочуваат од Обвинителство.

Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски вчера изјави дека за случајот е информирано надлежното јавно обвинителство. Сепак, тој не откри детали колку лица биле опфатени со прислушувањето бидејќи се работи за класифицирани документи.

За периодот кога е вршено прислушувањето, Христовски рече дека во 2019 година АНБ била сѐ, само не реформирана агенција.

- Тоа што се случувало внатре било да една помала група составувајќи ја од еден поранешен директор и помала група вработени, и тоа како имаме индиции дека ја злоупотребиле својата службена положба. За истото е известено надлежното јавно обвинителство и повеќе детали за ова не би можел да споделам, се со висока квалификација и се сензитивни, и не би сакале да нарушиме некој законски процес и воедно да попречиме процес кој е или би бил отпочнат од јавното обвинителство, рече Христовски.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој бил следен во периодот кога бил опозициски лидер, рече дека остава работата да ја заврши обвинителството. Тој се надева дека оние што ја злоуотребиле службената положба во тоа време, ќе одговараат.

- Очекувам овие глодари да завршат онаму каде што им е местото, позади решетки, еднаш засекогаш да се ставио крај на злоупотребата на ваквиот тип на агенции и ресурсите со кои тие располагаат, изјави вчера Мицкоски.

Коментирајќи ги наводите за следење на премиерот и други функционери, лиерот на СДСМ, Венко Филипче денеска рече дека „јавноста заслужува одговори и транспарентност.

„Да ве потсветам имаше најава некаква за поткуп на премиерот, понатаму дека бил следен со дронови, понатаму дека ќе има дестабилизација и еве сега некакво следење. Денеска има изјава и од поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност, и тој самиот вели, еве, барем нека се декласифицираат информацијата, па да видиме каква е вестината. За да нема лов на вештерки, лов на вештерки, лов во матно мислам дека граѓаните јавноста го заслужуваат тоа“, рече Филипче.

Природно-математичкиот факултет во Нови Сад ја обвини полицијата за насилство врз демонстрантите

НОВИ САД, СРБИЈА – Антивладин протест во чест на жртвите од уривањето на настрешницата на железничката станица
НОВИ САД, СРБИЈА – Антивладин протест во чест на жртвите од уривањето на настрешницата на железничката станица

Управата на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во Нови Сад ја обвини полицијата за „физичко насилство и употреба на хемиски средства“ врз студентите и другите демонстранти за време на протестната прошетка во тој град на 1 септември.

Со комеморативни протестни прошетки во повеќе градови низ Србија на 1 септември, десетици илјади граѓани одбележаа десет месеци од загинувањето на 16 лица при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.

Инцидентите во Нови Сад се случија по протестната прошетка, во близина на универзитетскиот кампус, каде што се наоѓаат повеќето факултети.

Откако собирот во Нови Сад заврши, дел од демонстрантите се упатија кон Факултетот за физичко образование во тој град, создавајќи врева.

Десетици припадници на Жандармеријата, кои стоеја пред зградата на факултетот, набргу почнаа да ги потиснуваат кон кампусот.

Студентите кои учествуваа во блокадата ги обвинија на социјалните мрежи за неоправдана прекумерна сила и тепање на демонстрантите.

Министерството за внатрешни работи, од друга страна, тврди дека полицијата „професионално и навремено“ реагирала согласно законот, и дека повеќе демонстранти во Нови Сад фрлале пиротехнички средства и различни предмети кон припадниците на полицијата.

Уапсени се три лица.

Управата на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во Нови Сад во соопштение повика на зачувување на автономијата на универзитетот и на „прекин на сè поизразеното насилство на улиците на Србија, особено кон студентите“.

„Како нивни професори, секогаш цврсто ќе стоиме зад нашите студенти, кои на мирен начин го искажуваат својот протест со кој бараат одговорност за уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад“, се наведува во соопштението.

„Исто така, никогаш нема да реагираме со сила кон нашите студенти – тие секогаш биле и ќе останат наши млади колеги со кои соработуваме во интерес на образованието и општиот општествен интерес“, соопшти Управата на новосадскиот ПМФ.

Несреќата на Железничката станица во изминатите десет месеци предизвика масовни протести низ цела Србија, на кои се бараше одговорност од власта.

Власта ја отфрли одговорноста за несреќата, а претседателот на државата, Александар Вучиќ, одби да распише вонредни парламентарни избори, кои во мај ги побараа демонстрантите предводени од студентите.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG