Обвинителството за случајот „Онкологија“: Несовесното лекување не било случајно, туку систематско

Илустрација

Болните и нивните семејства имале доверба во обвинетите дека ќе ја добијат потребната терапија и нивното здравје нема да биде нарушено, изјави обвинителката Ана Гоговска Јакимовска, во воведен говор во случајот „Онкологија“, против поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев, кој заедно со уште тројца онколози е обвинет за несовесно лекување пациенти.

Обвинителката Гоговска Јакимовска најави дека пред Судот, ќе изнесе докази дека првообвинетиот Никола Васев свесно и систематски постапувал спротивно на основните начела притоа предизвикувајќи тешко нарушување на здравјето на пациентите.

„Обвинетиот извршил повеќе исти дејствија и со што грубо ги прекршил стандардите и препораките на светските и европски онколошки процедури. Обвинетиот без конзилијарна одлука спроведувал и одобрувал терапии со несоодветно дозирање и аплицирање, и без оценка на перформанс статусот и биохемиски параметри на пациентите. Ќе покажеме дека терапиите биле препишувани дури и кога не биле потребни, а со тоа и штетни, без можност за развивање терапевтски ефект“, изјави Гоговска Јакимовска.

Дополнително обвинителство, рече таа, ќе докаже дека ова несовесно постапување било овозможено со директна работа со второобвинетата Мери Пешевска, која во рамки на своето небрежност и постапување му дала свои лозинки за пристап до системот и на тој начин му овозможила финализирање на терапии без соодветен пристап.

Видете и ова: Одобрено е обвинението за случајот „Онкологија“

Поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев, кој заедно со уште тројца онколози е обвинет за несовесно лекување пациенти денеска пред Основниот кривичен суд Скопје рече дека не се чувствува за виновен.

„Не, апсолутно не“, одговори Васев, на прашање од Судот дали се чувствува виновен за кривичните дела кои му се ставаат на товар.

Во судница присутни се и останатите тројца обвинети Мери Пешевска, Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, сите вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје.

На почетокот, судијката Снежана Марковска, информираше дека приговорите на одбраната за вештачењата изработени во Словенија и Србија, се одбиваат како неосновани.