Достапни линкови

Одобрено е обвинението за случајот „Онкологија“


Универзитетска клиника за радиологија и онкологија
Универзитетска клиника за радиологија и онкологија

Кривичен суд го одобри обвинението против ексдиректорите на Клиниката за онкологија, Нино Васев и Нехат Нухи, како и обвинението против онколозите.

„Советот за оцена на обвинител акт, постапувајќи по обвинението со К – ООА 128/25 за случајот, во јавноста познат, како „ Онкологија “, поднесен 22.05.2025 година, донесе решение со кое приговорот на одбраната се одбива, а актот се одобрува. По вака одобрениот обвинителен акт формиран е кривично – правен предмет со К.бр. 1069/25 кој согласно АКМИС системот ќе биде распределен ан понатамошно постапување кај судија, а што биде насрочен термин за главна расправа, истиот ќе биде достапен на календарот за судења на веб страната на судот“, соопштија денеска (5 јуни) од Кривичниот суд.

Поранешниот директор на Онкологија, Нино Васев, е обвинет за два тешки кривични случаи – злоупотреба на функцијата и загрозување на здравјето на пациенти.

Според обвинението, кај најмалку 29 пациенти е утврден несоодветен третман со погрешно дозирање и отстапки од онколошките протоколи.

Основното јавно обвинителство поднесе две обвиненија за случајот „Онкологија“.

Првото се однесува на финансиски злоупотреби, а второто за третманот на пациентите. Двајцата поранешни директори, медицинскиот и економскиот се гонат за злоупотреба на службената положба, измама и проневера во службата.

Со второто обвинение се опфатени четворица онколози кои се товарат дека извршил тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување на болни.

Инаку истрагата за случајот „Онкологија“ започна по медиумските написи за злоупотреби во лекувањето на пациентите болни од рак, а меѓудругото беше објавено и дека скапа биолошка терапија завршувала на црн пазар во Косово.

Информациите предизвикаа остри реакции во јавноста, како и протести пред Владата и Јавното обвинителство со барања случајот веднаш да биде расчистен.

XS
SM
MD
LG