Тошковски не се сомнева дека во моментов се прислушува незаконски

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Тошковски: По трагедијата во Кочани на полицијата ѝ се неопходни огромни реформи

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски го повика обвинителството да го истражи случајот со можни злоупотреби во АНБ со системите за следење. Не се сомнева дека во моментов постојат исти и дека и него го прислушуваат. Вели дека и на полицијата ѝ се неопходни реформи по трагедијата во Кочани.

Афера со незаконско прислушкување повторно ја бранува јавноста. Како вие како министерство сте вклучени во нив во откривањето на сторителите, односно дали навистина постоело незаконско прислушкување?

Согласно јавно достапни информации кои се споделени од страна на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), сме информирани дека од страна на внатрешна контрола во рамки на АНБ е спроведена внатрешна истрага, при што се утврдени одредени незаконитости, врз основа на кои утврдени факти е доставено известување до надлежен јавен обвинител, кој претпоставувам дека ќе преземе во законски утврден рок соодветни процесни дејствија во рамки на негова надлежност, односно согласно она што пак ќе повторам е јавно достапна информација, на чекор е јавното обвинителство да ги преземе оние надлежности кои се во рамки на неговите законски утврдени надлежности, се со цел да и ние како Министерство за внатрешни работи, особено јавноста, бидат известени за предметните незаконитости кои биле утврдени од страна на внатрешна контрола во АНБ.

Како министерството е вклучено во целата истрага, бидејќи од обвинителството рекоа дека веќе има истрага после наводите на премиерот Христијан Мицковски од пред неколку месеци дека има сознанија дека е прислушуван. Значи тоа е истрага која веќе е отворена. Верувам дека Министерството за внатрешни работи е вклучено во оваа истрага, има ли некакви сознанија до каде е таа?

За разлика од оние времиња кои добро ги памтиме, каде имаше еден центар на моќ кој без никакви законски надлежности превземаше, диригираше или контролираше се и сешто, па денес сме на ова дереџе на кое што сме, сега секој во рамки на своите законски надлежности презема чекори, така што Министерството за внатрешни работи во овој конкретен случај нема никаква дополнителна информација која посебно е стигната до Министерството за внатрешни работи освен оние информации кои се јавно споделени од страна на АНБ и така треба да биде.

Секој треба да води истрага во рамки на својата служба, како што е во конкретниот случај внатрешната контрола во рамки на АНБ. Целта беше да имаме посебна Агенција за Национална безбедност надвор од Министерството за внатрешни работи. Како и секоја друга институција која води внатрешна истрага, така и АНБ во конкретниот случај при водењето на внатрешна истрага утврдила незаконитости, презела дејствија согласно закон, на ред е јавното обвинителство да ги даде одговорите, како ќе постапува понатаму, ќе цени дали има доволен број на докази за да отвори соодветни кривични процесни дејствија, понатаму ќе смета дека нема и таму. Тоа не е надлежност во конкретниот случај на Министерството за внатрешни работи и така треба да биде.

Видете и ова: Истражители од ОЈО ГОКК на увид во АНБ за аферата за прислушувањето

Каква е вашата оценка? Значи ги споменавте реформите. Очекувавме и ние како јавност, верувам и граѓаните дека овие афери ќе прекинат, затоа што ја знаеме претходната афера со објавувањето на прислушувани разговори - бомбите и се очекуваше дека оваа пракса ќе прекине. Сега повторно се случува една голема афера за која јавноста повторно се бранува. Како реформите ја постигнале целта ако има ист таков пример?

Пак ќе повторам уште еднаш. Времето на еден центар на моќ кој што треба да ја контролира целата држава заврши. Министерството за внатрешни работи одговара за дејствијата кои ги превзема, а се поврзани со одредени овластувања во рамки на Законот за кривична постапка во рамки на одделот за организиран криминал по наредба на јавното обвинителство и во тој дел.

Вие немате никакви информации во овој оддел кој е во рамки на МВР?

И во тој дел постапуваме во целост согласно закон, ниту имаме информација дека се преземаат какви било незаконитости, ниту пак верувам дека има потенцијална опасност во оваа корелација на односи меѓуинституционални, дека може да постои имајќи ја притоа ОТА како институција, дека може да постои каква било опасност за евентуално прислушкување од денешен аспект. Но пак ќе повторам. Работата на АНБ во рамки на својот дел на утврдување на факти од страна на одделот за внатрешна контрола во таа институција, не би можел да ги имам информациите и не треба да ги има министерот за внатрешни работи, ако сакаме да говориме за навистина поделба на институционална моќ во делот на безбедносните институции, така да кажеме.

Напротив сметам дека е додадена вредност тоа што Министерството за внатрешни работи нема конкретни информации во врска со она кое што било предмет на внатрешна контрола во Агенцијата за Национална безбедност и така треба да биде.

Вие сте убеден дека во моментов не се прислушкува незаконски?

Јас немам никаква информација и не верувам искрено дека има какви било институционални злоупотреби моментално поврзани со незаконско прислушкување.

И сметам дека во споредба со претходно навистина овој систем кој што е поставен е на друго ниво и со поголема гаранција би требало да овозможи законитост во овие постапки кои ги превземаат институциите. Едно е неговата институционална поставеност на повисоко ниво во делот на обезбедување на гаранции, друго е злоупотребата која пак ќе повторам од јавно достапни информации беше споделена од страна на Агенцијата за Национална безбедност. Две различни теми за дискусија.

Видете и ова: Мицкоски не бил таргет на прислушување, тврди Димовски и бара декласификација на документите

Верувате ли дека и вас не ве прислушкуваат во моментов незаконски, повторно зборуваме, со оглед на тоа што беше објавено дека поранешниот министер за внатрешни бил меѓу овие луѓе кои биле прислушувани претходно до 2024 година. Пракса е некако, министрите за внатрешни да се прислушувани?

Безбедносните служби секогаш имаат одреден степен на специфичност во рамки на нивната работа. И таму затоа се бираат луѓе кои што треба да имаат повисок степен на авторитет, легитимитет, морал, етика. Љубов кон државата, кон демократски систем и сето она што би требало да е клучно за избор на луѓе кои работат во такви институции. Дали во секој систем би можело да постои можност за злоупотреба? Да. Но не верувам дека денес има злоупотреба спротивно на закон да биде слушан било кој новинар, јавен функционер или кој не може да се поврзе со сторување на кривично дело. Искрено не верувам.

Инициравте измена на повеќе закони и една од измените, односно еден од законите е Законот за безбедност во сообраќајот. Последните реакции доаѓаат од велосипедистите и пешаците кои реагираат на тоа дека ќе се казнува доколку носат електрични уреди и слушалки во ушите кога преминуваат улица или претставуваат опасност за безбедноста во сообраќајот. Како ги коментирате овие реакции?

Овој закон е еден од подобрите закони во оваа сфера кој е предмет на измена и дополнување во овој временски период. Многу ми е жал што дел од оние кои јас сакам да ги наречам не и мислат добро на Македонија, упорно со лаги, манипулации и дезинформации сакаат да прикажат дека пешаците ќе биле казнувани ако се движат на пешачка патека со мобилен телефон или слушалки на ушите. Не е точно тоа.

И во законот многу јасно пишува во кои случаи пешак може да биде казнет доколку употребува мобилен телефон или слушалки на двете уши, исклучиво само доколку е учесник во сообраќај, односно преминува на пешачка патека, преминува велосипедска патека, се извинувам, преминува на пешачки премин, преминува низ велосипедска патека или пак се движи на коловоз каде што немаме соодветен тротоар. Зошто е тоа така? За да го заштитиме пешакот. За да го заштитиме животот на пешакот. Покрај сите, ние не ги сменивме само овие одредби. Сменивме еден куп одредби кои се поврзани со безбедноста во сообраќајот.

Видете и ова: „Безбеден град“ лови илјадници прекршоци дневно, казните чекаат законски измени

Ќе има капацитет МВР се ова да да контролира?

Пешак ќе се казнува исклучиво само доколку е учесник во сообраќај, пак повторувам, преминува на пешачки премин, преминува велосипедска патека или пак се движи на коловоз каде што нема тротоар, а притоа користи електронски уреди. Зошто? Затоа што ако нема должно внимание при учество во сообраќајот може да го загрози својот живот. И животот на останатите учесници во сообраќајот.

Така да ако лично се прашувам, а и експертите, огромен број на експерти беа вклучени во рамки на изготвувањето на овие законски одредби, и те како е добра оваа измена на законот. А дали имаме капацитет? Со измените на сите овие закони, како група на закони да кажеме, и те како ќе овозможиме Безбеден град да даде допринос да ги констатира овие сообраќајни прекршоци кои навистина се најбројни и нај влијателни во делот особено на предизвикување на тешки телесни повреди, како што е возењето со брзина над дозволената.

Ќе почнат ли да се спроведуваат овие измени во предвидениот рок, сеуште не се донесени а роковит за старт беше од 1.1.2026?

Да, Министерството за внатрешни работи заедно со сите останати органи кои да речеме дека имаат свое учество и допринос во рамки на реализација на овој проект, навистина имаат надеж и не само на на Министерството, туку и на сите експерти од областа е дека онаа бројка од 142 жртви како последица на непочитување на сообраќајни правила, во иднина заедно со други мерки кои ќе ги превземеме, а се поврзани со безбедноста во сообраќајот, навистина ќе биде намалена.

Ќе стигнат ли таблиците за службените возила во боја, црвено-жолта, бидејќи тендерот вие го спроведувавте, но сеуште гледаме дека нема таблици. Целта беше до пред избори да стигнат, да може граѓаните, и ние како јавност да ги следиме?

Мислам дека наредна недела ќе имаме јавно информирање на јавноста со конкретно веќе обележување на одреден број на возила.

Тоа значи дека веќе се пристигнати таблиците, изработени од фирмата, колку ќе чини оваа набавка, колку институциите ќе потрошат за ова?

Немам такви информации, се извинувам, но знам дека информиран сум од страна на службите дека наредна недела се планира заедно со СОЗР да има настан во кој ќе се информираат граѓаните за овој проект, конкретно со тоа што сум информиран дека мал дел од службените возила ќе бидат веќе одбележани за да може да се презентира како ќе се спроведе сето тоа.

Видете и ова: Црвено - жолти таблички за службени возила - реална или фиктивна борба против злоупотреби

Тоа значи дека сепак за време на кампањата можеме да очекуваме дека сите службени возила ќе бидат одбележани. Тоа и беше целта меѓу другото на целиот овој проект да стигнат до пред избори?

Во наредниот период, не знам до кога, но сигурно дека сите оние возила кои се државни, согласно закон ќе бидат соодветно обележани.

Истрагата за несреќата во Кочани заврши, обвинението е поднесено, но за 29 полициски службеници бидејќи таа е одвоена постапка, сеуште трае. Што кажува тоа за Министерството за внатрешни и за полицијата, кога имаме 29 осомничени полициски службеници за една ваква голема трагедија?

Тоа кажува дека треба да имаме огромни реформи во иднина. Тоа и го правиме. Тоа кажува дека треба да смениме закон за внатрешни работи, треба да смениме закон за полиција, што веќе го направивме. Тоа кажува дека треба да се реорганизираме тотално. Тоа кажува дека треба да ги зголемиме техничките капацитети во рамки на министерството. Тоа кажува дека треба да инвестираме во опрема, во возила, во набљудување, во сето она кое што е нужна опрема за да функционира министерството.

Особено треба да инвестираме во човечки ресурси, во покревање на капацитетите човечки во рамки на функционирањето на министерството, покачување на платите на полициските службеници, веќе ги качивме 10%. Тука нема да застанеме, ќе продолжиме и во иднина.

Тоа кажува дека навистина ни треба една многу крупна реформа. Во контакт сме со многу наши меѓународни партнери. Ааа длабинска анализа и те како се работи во изминатиот период. Огромна благодарност еве пак ќе кажам до Министерството за внатрешни на Словенија кој, и лично министерот, ни помагаат многу во овој дел. Словенија е многу блиска до Македонија по број на жители, територијална поставеност, големина на територија, и така натаму. А така да тоа кажува дека навистина треба и те како да ги засукаме ракавите во овој нареден период. Законот ќе стапи во сила за едно осум-девет месеци од сега. Говорам за законот за внатрешни работи и законот за полиција, така да не чека многу работа.

Дел од роднините барем морална одговорност лоцираат во вас. Вие не се почувствувавте како одговорен?

Не е точно тоа што кажавте.

Тогаш кажете што е точно?

Јас кажав и тогаш кажувам и сега, секој еден кој бил 24 часа на функција во оваа држава треба да чувствува морална одговорност за вакво нешто.

Видете и ова: Обвинението за несреќата во Кочани на стенд-бај

Вие чувствувате морална одговорност?

Апсолутно да. Апсолутно.

Дел од роднините побараа да си дадете оставка?

Јас размислував во тој период да дадам оставка и бев многу блиску да го сторам тоа од морални причини. Но кога бев на погребот на полицискиот службеник кој загина во онаа ужасна несреќа која ја имавме, ми пристапи таткото на истиот и пред повеќе од 2-3000 луѓе, едно десетина секунди откако го спуштија телото на неговиот син во земја, ми порача дека ме прати од кога сум започнал со оваа функција, и дека ме гледа дека се кршам морално, но најголема грешка која и би ја направил на Македонија би било да се повлечам, дека тоа би било најлесно да го сторам, но и најпогубно за Македонија во тој момент, и дека очекува од мене максимално професионално и максимално посветено да се посветам во овој период во расчистување како на тој случај така и на сите останати криминали кои ја разораа државата изминативе 30 години.

Така да, тоа беше иницијалниот момент зошто во тој момент одлучив така како што одлучив.