Незаконско прислушување, евроинтеграции и национален идентитет, скандали, навреди, говор на омраза и обвинувања ја ставија во втор план дебатата за реални решенија за проблемите на граѓаните во пресрет на локални избори кои треба да се одржат на 19 октомври.
Во албанскиот политички блок доминираат обвинувањата за злоупотреби меѓу кандидатите за градоначалник во скопската Чаир. На пример, Вицепремиерот Изет Меџити го обвини поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османидека одржува контанти со поранешниот премиер Никола Груевски во Будимпешта.
Дополнително Османи беше обвинет од владејачкото мнозинство за злоупотреба на 1,8 милиони евра од државната каса за бојадисување и чистење на салата каде што се одржа Самитот на ОБСЕ со компанија која е донатор на ДУИ. Османи тврди дека тендерот бил спроведен според законот, и дека ниту Обвинителството, ниту Државната комисија за спречување на корупција немале забелешки за него.
Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, синоќа во Чаир, одговори на, како што рече, политичките манипулации за наводната желба на Албанците за поделба на Македонија. Ахмети рече дека, доколку навистина постоела таква намера, тоа ќе се случело уште во 2001 година, кога, според него, Албанците располагале со 15.000 вооружени борци
Аферата за прислушувањето и ЕУ интеграциите ги поклопија изборните теми?
Во фокусот на јавноста, на само три недели пред официјалниот старт на изборната кампања, е обвинувањето на власта дека сегашната опозиција извршила упад во разузнавачкиот систем со незаконско следење и прислушување на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од 2019 до 2024 година. Таквите обвинувања ги споделуваше во јавноста и додека беше во опозиција, но и како владејачка партија.
Премиерот Мицкоски денеска на владиниот состанок повтори дека државата се соочува со нов скандал, нелегално прислушкување и масовна злоупотреба на системот во изминатите неколку години.
Поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, на социјалната мрежа Фејсбук ги демантираше обвинувања и побара декласифицирање на информациите.
Социјалдемократите и фрлија ракавица на власта за заедничка резолуција за евроинтеграциите и црвените линии на Северна Македонија.
Лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче најави дека в петок ќе објави Реозлуција за евроинтеграциите во која ќе бидат исцртани национелните црвени линии.
„Што се однесува до,, високата политика", тоа е во доменот исто така на македонскиот политички и партиски домет на,, каша-попара", штом станува збор за ,,мешање на брзините", во однос на едни избори. Ниту кандидатите за функционери, ниту електоратот не прават диференцијација меѓу едни локални, парламентарни и претседателски избори и затоа имаме теми и наратив од секаков вид, дури и тој од европските интеграции за едни локални избори како актуелните што доаѓаат“, вели за РСЕ политикологот Благојче Атанасовски.
Навреди и обвинувања на сите страни
Личните дисквалификации, но и теми кои не се поврзани со локалните проблеми на граѓаните ја окупираа политичката сцена во пресрет на локалните избори.
Глодари, полусвет, послушник и измеќар се дел од навредите кои политичарите во изминатиот период си ги препишуваат во јавноста меѓу себе.
Опозициската СДСМ обвини дека кандидатот за градоначалник на Скопје Орце Ѓеоригиевски ќе работел исклучиво под диктат на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, затоа што, како што велат, молчи за дивоградбите во градот.
На заострената реторика на социјалните медиуми, реагираа и други кандидати за градоначалници, посочувајќи дека говорот на омраза и црна кампања која се води против нив се засилува на социјалните мрежи од „партиски ботови“.
Зошто доминира негативната реторика?
Политичкиот аналитичар Џелал Незири смета дека причината поради која доминира таканаречената „црна“ односно негативна кампања е што политичките ривали немаат квалитетна и реална понуда за изборите.
„Колку и да се потрудат да напишат убави проекти и ефикасни решенија за проблемите на граѓаните, сепак тешко е да се убедат гласачите дека истите ќе бидат спроведени. Повеќето од кандидатите имаат стаж во политиката кој сега преставува пречка за убедување на јавноста дека ќе ги оддржат ветувањата“, вели Незири.
Тој објаснува дека отсуството на доверба кај гласачите дека може да се промени нешто, да се реши некој од нивните долгогодишни проблеми или да се модернизира општината, ги тера партиите да се фокусираат на црната пропаганда.
„Овој вид на негативна пропаганда се води од девизата дека “јас сум лош, ама мојот противник е катастрофа”“, додава тој.
Политикологот Атанасовски оди чекор понатаму и вели дека ваквиот пристап е дел од „политичкиот фолклор“ во Македонија.“.
„Едноставно и граѓаните се научени на таков тип на политика, за жал, таква и политичарите им сервираат“, вели Атанасовски.
Има ли простор за позитивна кампања?
Во меѓувреме тече рокот за пријавување на кандидати за градоначалници и советнички листи. Дел од најавените кандидати веќе започнаа неформална кампања со ветување за подобра маалска живеачка.
„Сепак, јас мислам дека и кај кандидатите кои не се нови во политиката има потенцијал за да спроведат позитивна кампања, конструктивна пропаганда и да споделат оптимистичка енергија, зошто не сите во минатото ги газеле ветувањата кои ги дале“, вели Незири.
Според Атанасовски во оваа предизборна кампања не е се така „црно“, вели има кандидати за градоначалници кои водат позицитива кампања, и кои ги базираат своите ветувања врз основа на потребите на граѓаните во општините.
Локалните избори беа распишани на 9 август. Првиот круг на гласање ќе се одржи на 19 октомври, а две недели подоцна – на 2 ноември и вториот круг. Ова ќе бидат осми по ред локални избори од независноста на државата.