Северна Македонија одбележува 34 години независност - пораки за единство и стабилност

Илустративна фотографија.

Северна Македонија денеска го слави Денот на независноста 8 Септември – 34 години од историскиот референдум на кој граѓаните во 1991 година со убедливо мнозинство се изјаснија за суверена и самостојна држава.

Оттогаш земјата го започна патот како независна парламентарна демократија, а 8 Септември стана еден од најважните државни празници. Честитки денеска пристигнаа од македонскиот државен врв, амбасадата на САД и претставници на ЕУ.

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова во својата честитка денеска потсети дека државата и денес се соочува со бројни предизвици, поделби и надворешни притисоци. Таа оцени дека земјата мора да продолжи да се бори за својата сувереност и европска иднина.

„Денес, 34 години потоа, во свет заснован на сила, а не на право, сè уште водиме битка за суверена, рамноправна, модерна, европска и правна држава. Изминативе три децении се соочивме со внатрешни поделби и кризи, со надворешни предизвици и со компромиси кои не беа усогласени со референдумската одлука од 1991 година. Неправдите, за жал, не се отстрануваат со потег на перо, туку со макотрпна борба, внимателни активности и со внатрешно единство. Самопочитта и меѓусебната почит се темели врз кои мора да ја градиме иднината,“ порача Сиљановска-Давкова.

Видете и ова: Жељазков-Кошта: За да напредува кон ЕУ, Северна Македонија мора да ги исполни условите од 2022 година

Премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање порача дека 8 Септември не е само датум, туку симбол на долгата борба на македонскиот народ за сопствена држава и резултат на мудроста и одлучноста на политичката генерација што ја прогласи независноста. Тој потсети на важноста да се оддаде почит на сите кои ја споделуваа надежта за самостојна Македонија.

„Ја имаме обврската да се поклониме пред оние што зборуваа за независноста и кои ја споделуваа надежта и копнежот за своја држава во време кога имаше и такви што говореа за федерации и химни на Југославија, кога на секого му беше јасно дека таа држава се распаѓа,“ истакна Мицкоски.

Премиерот додаде дека „приоритет се европските интеграции, но тој пат не смее повеќе да биде срамен, туку достоинствен“.

„Наш приоритет се европските интеграции. Биле, се и ќе останат врвен приоритет, но тој пат не смее повеќе да биде срамен, треба да биде достоинствен. Треба да биде пат во кој што ќе бидеме рамноправни со сите останати европски народи, а не понижени и засрамени како што за жал сите од нас се чувствуваме“, рече премиерот.

Видете и ова: Доверба, поддршка и заемно почитување да се темел врз кој ќе се гради евроинтегративниот процес, бара Муцунски

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во својата честитка до граѓаните истакна дека независноста не е само подарок, туку и завет што треба да се чува и надградува.

„Денот на независноста е посебен момент, можност да се потсетиме на големите достигнувања на нашата држава и да разбереме дека независноста е обврска за сегашноста и водич за иднината. Овој завет нè обврзува да изградиме силна, демократска и стабилна држава, каде секој граѓанин без разлика ќе се чувствува еднаков и почитуван,“ истакна Гаши.

Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, оцени дека независноста е симбол на одлучноста самостојно да се гради иднината, но и обврска да се зачува татковината за идните генерации.

„Во таа мисија, македонската Армија е еден од најсилните столбови на нашето општество. Нашите војници, со својата посветеност и пожртвуваност, не само што ја гарантираат безбедноста и територијалниот интегритет на државата, туку се и најдобриот пример за дисциплина, чест и љубов кон татковината,“ порача Мисајловски.

Видете и ова: Кос: Вратите на ЕУ се отворени за тие што ќе ги исполнат Копенхашките критериуми

Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, потсети дека граѓаните пред 34 години ја донеле една од најважните одлуки во историјата – одлуката да живеат во своја, независна држава.

„Независноста не беше подарок, туку резултат на визија, мудрост и истрајност. Македонија е на тие што секојдневно се борат со животот, што се грижат за своите блиски, што работат, плаќаат даноци и не бараат привилегии. Македонија е и на тие што останаа овде, и на тие што заминаа, ама не заборавија. Денес сме повторно пред закана – не од оружје, туку од корупцијата, неправдата, дискриминацијата и сиромаштијата. Властите ја претвораат државата во сопственост на малкумина и ја оддалечуваат од граѓаните,“ порача Филипче.

На 8 септември 1991 година, во тогашната Социјалистичка Република Македонија беше одржан национален референдум. На него, мнозинството од 96 проценти од излезените гласачи се изјаснија за самостојна и суверена Македонија, со што беше означен крајот на дел од југословенската федерација и почетокот на независната држава.

Честитки пристигнаа и од Амбасадата на Соединетите Американски Држави, која преку објава на Фејсбук упати честитка по повод 8 Септември - Денот на независноста на државава.

„Честит ден на независноста! Urime Dita e Pavarësise! Оваа година е особено значајна бидејќи одбележуваме и 30 години дипломатски односи меѓу нашите земји. Во текот на три децении, изградивме силно партнерство - работејќи заедно во дипломатијата, безбедноста, образованието, културата и друго“, се вели во честитката.

Од Амбасадата упатуваат и на честитката од државниот секретар на САД, Марко Рубио, во која се посочува дека САД остануваат посветени на продлабочување на соработката за зајакнување на колективната безбедност и промовирање на просперитетот.

И европската комесарка за проширување Марта Кос во објава на Икс упати честитка до македонските граѓани по повод Денот на независноста.

„Цврсто го поддржувам вашиот пат за приклучување кон нашата Унија. Ние сме со вас на секој чекор од тој пат“, вели Кос.

Претходно, честитки по повод, како што наведе, Националниот ден, упати и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, посочувајќи дека ЕУ останува посветена на европскиот пат на земјата.