Дипломатскиот имот на државата во Зимбабве окупиран од диво вселени

Илустрација РСЕ

Северна Македонија се бори за сопственоста на имот во Хараре, главниот град на Зимбабве, за резиденција која ја доби со сукцесија на дипломатско-конзуларниот имот на поранешната СФРЈ. Објектот е во заложништво од нелегално вселени лица, против кои МНР ќе поведе судска постапка.

Над 10.000 километри е растојанието меѓу Скопје и Хараре, главниот град на Зимбабве, а последниот попис, во 2021 година не откри дали и колку воопшто македонски граѓани живеат во оваа африканската држава.

Настрана од македонските државјани, Северна Македонија поседува имот во Хараре на улицата „41 Argyle Drive, Highlands, Harare, Zimbabwe“, добиен во процесот за сукцесија на дипломатско-конзуларниот имот на поранешната СФРЈ.

Нејзин е на хартија, ама во реалноста не е, бидејќи во него не престојуваат македонски дипломати, туку е нелегално населен од непознати луѓе.

Упадот и нелегалното вселување од непознат број на лица, се случил во втората половина од 2022 година. Северна Македонија против нив започнала и судска постапка, а реагирала и локалната полиција. Но, засега се немоќни во обидите да ги избркаат и иселат.

„И покрај пријавата до надлежната полиција и оставениот рок од еден месец за иселување, сè уште не го напуштиле објектот“, велат од Министерството за РСЕ.

Видете и ова: Дипломатија со пречки - Амбасадите се празнат, нови амбасадори нема

На седница на Влада во јуни е донесена одлука Северна Македонија да поведе и граѓанска судска постапка против дивонаселените во дипломатско-конзуларниот имот.

Државата ќе ангажира адвокат да ја застапува пред тамошниот суд и дополнително ќе овласти лице од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија за давање на изjaва неопходна во судската постапка, информира Владата.

Дипломатско-конзуларниот имот – резиденцијата на поранешната СФРЈ во Хараре ѝ беше доделен на Северна Македонија со Резолуцијата од 3 јули 2019 година, донесена на 19. состанок на Заедничкиот комитет за распределба на дипломатскиот и конзуларен имот на поранешната СФРЈ.

Имотот беше преземен во владение од страна на Република Србија и ставен во посед на Република Северна Македонија на 14 октомври 2019 година. На 13 јуни 2022 година, имотот е официјално впишан како сопственост на Република Северна Македонија во катастарот на Хараре.

Во 2020 година, претходната Влада на Северна Македонија имаше предлог да го реши статусот на имотот во Хараре преку две опции - продажба или размена на имот. Дополнително, Владата наложи и да спроведат мерки за физичко обезбедување на имотот, вклучително и со помош на надлежните органи во Зимбабве.

Една година подоцна, поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи соопшти дека објектот во Хараре, каде што државата нема претставништво ниту, пак, планира да има, ќе се продаде, за што веќе била започната постапка.

„По пат на реципроцитет, добиено е земјиште во Анкара, во репрезентативниот дел каде што се наоѓаат амбасадите, од околу осум илјади квадратни метри. Почнавме постапка за партнерство со други држави заеднички да изградиме објект во кој ќе имаме и наша амбасада“, појасни тогаш Османи.

Видете и ова: МНР ќе гради амбасади во Атина и Анкара

Резиденцијата се уште е во сопственост на Северна Македонија, но каде заглавила продажбата на имотот и дали МНР опстојува на идејата за негова продажба, не добивме одговори.

Борбата за дипломатски имот поради диво населени луѓе не е прв ваков случај во македонската дипломатија.

Во октомври 2023 година, десетици мигранти од Конго го запоседнаа објектот во кој во минатото била сместена Амбасадата на поранешна СФР Југославија во Брисел, а кој согласно Договорот за сукцесија на имотот им припадна на Северна Македонија и Хрватска.

После еден месец, мигрантите ги напуштиле запоседнатите просториите откако реагирале белгиското Министерство за надворешни работи, градоначалникот на Брисел и бриселската полиција.

Видете и ова: Зградата на поранешната македонска Амбасада во Брисел не е веќе запоседната од мигранти

Процесот на сукцесија на имотот на поранешна СФРЈ сè уште не е целосно завршен. Од вкупно 123 недвижности што се предмет на сукцесија, за распределба се останати околу 20 објекти.