Шефицата на дипломатијата на Европската унија (ЕУ), Каја Калас, рече дека тензиите во Западен Балкан растат и побара да продолжи процесот на проширување на блокот.
„Гледаме дека тензиите растат и дефинитивно мораме да го продолжиме процесот на проширување, бидејќи тоа е нешто опипливо и навистина ни требаат успешни приказни“, рече Калас пред состанокот на Советот за надворешни работи во Луксембург.
Калас не ги спомна земјите каде, според неа, растат тензиите. Меѓутоа, неодамна властите во ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина (БиХ) презедоа неколку чекори што предизвикаа загриженост кај меѓународната заедница поради потенцијалното отцепување на овој ентитет.
НАТО соопшти дека нема да се дозволи мирот во БиХ да биде загрозен, додека САД рекоа дека разгледуваат неколку опции за акција, нагласувајќи дека „не треба да има распад на земјата и нов конфликт“.
Видете и ова: Калас во посета на Црна Гора, Албанија и Босна и ХерцеговинаИсто така, тензиите меѓу Косово и Србија - кои водат дијалог за нормализација на односите од 2011 година во Брисел - се високи од 2023 година, кога албанските градоначалници го презедоа управувањето со четири општини на север, населени претежно со Срби.
Тензиите кулминираа во септември истата година, кога група вооружени Срби ја нападнаа косовската полиција, убивајќи еден полицаец. За време на судирот загинаа и тројца српски напаѓачи. Косово ја обвинува Србија за нападот, но Белград негира каква било вмешаност.
Шефицата на европската дипломатија Калас рече и дека претходната вечер имала „многу добра вечера со нашите пријатели“ од Западен Балкан. На вечерата во Луксембур учествуваше шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски.
Актуелниот статус на македонското ЕУ-досие, заемната посветеност за надминување на предизвиците и неопходноста од забрзување на евроинтегративниот процес, биле во фокусот на неговата вчерашна средба на со комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос. Средбата се одржа маргините на неформалната вечера во рамки на Советот за надворешни работи на ЕУ.
„На средбата заеднички ја потврдивме посветеноста на Владата кон реформската агенда и целосната усогласеност на државата со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата - што дополнително ја потврдува нашата стратешка ориентација и трасира кредибилен и веродостоен пат кон полноправно членство во ЕУ. Притоа, уште еднаш ја нагласивме неопходноста од што поскоро започнување на преговорите со Унијата“, објави шефот на македонската дипломатија на неговиот профил на Фејсбук.
Процесот на проширување на Европската Унија е нешто видливо и затоа ни се потребни успешни приказни во неговото спроведување на Западниот Балкан, порача високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас пред почетокот на заседанието на Советот за надворешни работи на Унијата во Луксембург.
Видете и ова: Најмалку 30 луѓе загинаа во руски напад врз украинскиот град СумиКалас нагласи и дека деновиве сме сведоци на најсмртоносните напади во руската инвазија врз Украина, во кои се убиени голем број цивили.
„Помина веќе е еден месец од кога Украина се согласи на безусловен прекин на огнот, но тоа не го гледаме од руска страна. Она што е јасно, е дека треба повеќе да ја поддржуваме Украина“, рече Калас.
Таа изрази задоволство што веќе се остварени две третини од нејзината иницијатива за обезбедување муниција за Украина, но дека ЕУ треба да направи повеќе, потсетувајќи дека оваа година европските земји се обврзаа на 23 милијарди евра поддршка за земјата, што е повеќе од минатата година, но дека треба и да се изврши и притисок врз Русија за да ја запре војната.
Високата претставничка информира дека на Советот ќе се разговара и за соработката на ЕУ со земјите од Африка и за засилување на европскиот ангажман на овој континент, како и за состојбата на Блискиот Исток, поврзано со можното олеснување на санкциите кон Сирија и за напорите за запирање на „ужасната загуба на животи“ во Газа.