Протестните блокади на сообраќајниците во Белград продолжија по полициската акција во која вечерта претходно на повеќе локации во главниот град и во Нови Сад беа уапсени речиси 80 лица.
Демонстрантите на 3 јули ја блокираа Автокоманда, еден од најголемите кружни текови во Белград.
„Ни ги тепаат децата, ги ловат како зајаци, по улици, по влезови. Четворица студенти завршија на Воено-медицинската академија“, се наведува на Инстаграм од страна на неформалното здружение на граѓани од Вождовац, кое заедно со студентите повика на блокада на Автокоманда.
Демонстрантите ја блокираа и крстосницата кај Авијацискиот плоштад во белградската населба Земун.
Собирите продолжија и пред зградата на Ректоратот на Универзитетот во Нови Сад.
Видете и ова: Полициски интервенции и апсења во Белград, жандармеријата дојде пред вратата на Правниот факултетРекторот на Белградскиот универзитет, Владaн Ѓокиќ, од протестот ја повика власта да се „воздржи од брутални напади врз студентите и граѓаните“.
„Синоќа студентите на ова место примија тешки удари од припадници на јавниот ред и мир. Ударите беа насочени кон автономијата на универзитетот и животите на оние што беа тука“, изјави Ѓокиќ.
Собраните пред Правниот факултет ги поздравија адвокатите кои понудија бесплатна правна помош за студентите и граѓаните.
„Синоќа прагот на репресијата беше подигнат. Тука се собраа повеќе од сто адвокати како дел од ветувањето дека ќе бидеме и пред и зад студентите кога тоа ќе биде потребно – а мислам дека сега навистина е потребно“, изјави за Радио Слободна Европа адвокатот Виктор Гостилјац.
На собирот пред Правниот факултет им се приклучија и демонстранти кои претходно ги имаа блокирано сообраќајниците во други делови на градот.
Во Нови Сад приведен пратеник на Собранието на Војводина
Во Нови Сад, студентите и граѓаните се собраа пред зградата на Ректоратот, а потоа блокираа два моста во градот.
За време на блокадите беше приведен опозицискиот пратеник во Собранието на Војводина, Радивоје Јововиќ.
По сослушувањето, му беше одреден полициски притвор од 24 часа поради нарушување на јавниот ред и мир.
Видете и ова: Блокада од собири како нова форма на граѓанска непослушност во СрбијаВо Ниш демонстрантите преминуваа преку пешачки премини на кружен тек, а потоа тргнаа во протестна прошетка.
Поради полициските акции во Белград изминатата ноќ, демонстранти излегоа на улиците и во Ваљево, Ужице, Суботица, Крагуевац, Чачак, Шабац и други градови.
Полицијата ги отфрла обвинувањата
Полицијата ги отфрли обвинувањата за прекумерна употреба на сила, наведувајќи дека „од страна на учесниците во блокадите биле повредени четворица полициски службеници и оштетено едно возило на МВР“.
„Полицијата беше максимално толерантна во сите овие месеци зад нас. Во изминатите денови, и јас и моите соработници повеќепати соопштивме дека нема да дозволиме нарушување на јавниот ред и мир. Апсолутно нема да дозволиме напад врз припадници на полицијата,“ изјави за Радио телевизија Србија директорот на полицијата, Драган Васиљевиќ.
Блокадите во градовите ширум Србија започнаа откако студентите повикаа на граѓанска непослушност по митингот одржан на 28 јуни во Белград.
Најголем дел од студентите уште во мај побараа нови избори, откако организираа масовни демонстрации и блокади на факултети низ целата земја, барајќи одговорност од властите за загинувањето на 16 лица при уривање на покривната конструкција на главната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.