Патронажните сестри пеш и на 40 степени

Илустрација - Мајка со новороденче

Само една патронажна сестра ја покрива цела општина Карпош, додека од 17.000 медицински сестри во Словенија, 7.000 работат во превенција, алармират здруженијата. Родилките и хронично болните дома чекаат посета од патронажна сестра, а младите кадри не се мотивирани да ги наследат колешките пред пензија.

Температурата во Скопје е речиси 40 степени. Асфалтот „гори“, но, eдна патронажна сестра денеска треба да помине на шест адреси. Ќе беа четири ако работеше на село. Најчесто се движи пеш или со велосипед оти службено возило - нема. А често нема ни сѐ што треба во патронажната торбичка за средбата со мајките и новороденчињата, но и со изнемоштените и хронично болни. Тие едвај ги чекаат во своите домови, ама патронажните сестри не можат да стигнат кај сите, бидејќи за почеток, нивниот број не е доволен.

Ваквата слика е секојдневие за македонските патронажни сестри вели Гордана Бешлиовска,претседателката на Унија на здруженија на медицински сестри (ЗМСТАС), од коja е дел и македонското „Друштво на патронажни сестри“.

„Во Карпош има една патронажна сестра за цела општина со релативно младо население и за среќа, голем број на родилки. А таа, како поливалентна, има задача 40 % од услугите да ги пружи и на изнемоштени. Не може да постигне ни само да ги поздрави, а не пак, да го направи здравственото воспитување, превенцијата или да пружи клучни услуги за ран детски развој и помош на младите мајки“, вели Бешлиовска која е претседателка и на Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „ЗА НАС“ .

„Чекајќи ја патронажната сестра“

Се породив пред пет години и, еве, уште ја чекам патронажната сестра. Мене ми се јавија по шест месеци, кога веќе го „фативме редот“, а ми требаше помош на почетокот кога не знаев ни пелена да сменам.

Ова се дел од коментарите во јавно достапните дискусии на еден од популарните форуми каде мајки разменуваат искуства поврзани со патронажните служби.

Преплавени од милион прашања поврзани со негата на бебињата биле и скопјанките Ивона А. и Мартина М. со кои разговараше Радио Слободна Европа (РСЕ). И двете ниту еднаш не ги посетила патронажна сестра.

„Имаше совети од сите страни и сите беа различни, а мене ми требаше стручно мислење. Ниту некој дојде, ниту се јави да праша нешто“, вели 33 годишната Ивона која се породила лани, во општина Ѓорче Петров.

Мартина М., пак, станала мајка пред три години во општина Бутел. Сега чека второ дете, но веќе не чека помош од патронажна сестра.

„Не би било лошо да дојде, ама ако веќе е толку кнап и нема патронажни сестри подобро да оди кај некој на кој повеќе му треба“, вели оваа трудница.

За разлика од нив, стручен одговор на дилемите добила Калина С. од скопската населба Аеродром, која се породила во 2024.

„Премногу ми помогна, презадоволна бев. Детално, убаво ми објасни сѐ. Да не беше таа, ќе лутав повеќе, понесигурна ќе бев“, вели Калина.

Нејзиниот пример не е чест, бидејќи освен што здравствените домови кубурат со бројот на патронажни сестри, а тие со опрема, некогаш доцнат или воопшто не доаѓаат информациите од породилиштата за родени бебиња и процесот не е дигитализиран.

Видете и ова: Борба за наталитет - повеќе пари за раѓање деца, ама не сега

Во градските подрачја на 1000 до 1500 семејства, или на 3000 до 5000 жители, треба да има една поливалентна патронажна сестра. Во селата, на 800 до 1300 семејства, или на 2000 до 4000 жители треба да имa eдна ваква патронажна сестра .

„Ниe во моментов ни приближно немаме доволна бројка која ги покрива овие стандарди. Има дефицит од околу 50 % во одредени подрачја. Природното одлевање на медицинските сестри по основа на пензионирање, воопшто не го следат континуирани конкурси. И тука е почетокот на недостатокот во бројот“, вели Бешлиовска.

Во 2019 година Министерството за здравство преку кое се ангажирани патронажните сестри објави јавен повик по кој 134 медицински сестри започнаа шестмесечен ангажман во службите за патронажна дејност. Од нив, 42 во Скопје, а 92 низ државата.

Во моментов, на веб страницата на Министерството нема актуелен јавен повик за ангажман на патронажни сестри.

„Имавме дојава од нашето членство од Кичево, од поликлиниката од Чаир и од други места, според кои четири до пет години има ангажирано сестри во патронажа со статус договор на дело и кои не добија решенија и после толкав период беа испратени дома. Како може некој со години да ги ангажира а да не ги планира и да не ги вработи?“, прашува претседателката на ЗМСТАС .

Искусните во пензија, младите без мотив да ги наследат

Според податоците на ЗМСТАС просечната возраст на сестрите во македонските патронажни служби е од 50 до 60 години, а младите немаат мотивација да ги заменат.

„Додека ги имаме овие искусни медицински сестри треба да се искористат за менторирање на млади кадри. Не се изучува патронажа во средно, туку во високо образование, ама има парадокс со тоа што не им се признава високото образование или им се признава во сегменти некаде. Без континуирани конкурси, без менторирање, без признавање на образовните квалификации, нема мотивираност кај младите сестри да дојдат во патронажните служби“, вели Бешлиовска.

Патронажната дејност се спроведува во 80 општини, а патронажните сестри се ангажираат привремено или постојано да работат во други служби. Главна причина за напуштање на патронажната служба е преместувањето во други служби. Бројот на патронажни сестри е во опаѓање заради нивно прераспределување.

Ова се дел од заклучоците на Институтот на јавно здравје (ИЈЗ) по направената „Анализа на трендот на капацитетите и функциите на патронажната служба и грижата за здравјето на мајките и децата“.

Објавена е во 2024, според податоци од 2023, кога имало 258 патронажни сестри, а меѓу нив - медицински сестри, акушерки, со високо, вишо и средно образование. Таа година патронажните сестри имале вкупно 263.942 посети.

УНИЦЕФ во континуитет помага со донации на опрема: возило, мебел, компјутер, обуки, стои во извештајот на ИЈЗ.

Од Министерството за здравство побаравме одговор за актуелниот број на сестри во патронажна служба како и за мерките кои ги преземаат за бројот да се зголеми. До моментот на објавување на овој текст, не добивме одговор.

Видете и ова: Недостигот на возила и кадри во Итната медицинска помош може да чини човечки животи

ИЈЗ препорачува нов пристап во организирањето на поливалентната патронажа, доекипирање за да има доволно, или околу 400 патронажни сестри за целата држава, според стандардите за превенција и нега на сите категории од населението, а не само за превентивни услуги кај мајките и децата.

Во препораките се посочува и на потребата од возила за поефикасно посетување поголем број корисници, медицинска опрема/облека и потрошни материјали, ИТ опрема за водење електронска евиденција, но и за добивање информации од Мој термин и поврзување со други датабази и институции.

„Во Словенија, од 17.000 медицински сестри 7.000 се во превенција. Работат на скрининзи, ранo откривањe на заболувања и воспитување и промоција на здравјето. Затоа многу малку лекуваат. Таму каде превенирате не лекувате. Но ние тука многу малку вложуваме во тој дел“, заклучува Бешлиовска.