Нови противпожарни возила никако да го „разгорат“ буџетот

Противпожарни возила во Кратово

Додека пожарникарите се бореа со пламените јазици изминатите денови, пратениците дебатираа за ребаланс на Буџетот. Владата уверува дека работи на модернизација на службите, но без прецизен одговор дали предвидела да им купи нови возила. Опозицијата бара повеќе пари за пожарникарите, но колку и таа ги опреми додека беше власт?

Охридските пожарникари се надеваат дека наскоро ќе добијат неколку нови противпожарни возила. Не од државата, туку од донација од странска амбасада. Така било и пред неколку години кога доброволното противпожарно друштво „Ентузијаст Охрид-Дебарца“ добило возило од австриската амбасада благодарение на двајца германски инженери за противпожарна заштита во 2022 година – Јирген Шпренгел и Харалд Шилегер. Двајцата се ангажирале да помогнат кога виделе во какви услови работат пожарникарите.

„Тие се наши пријатели, тогаш во летниот период беа кај нас, така стапивме во контакт и многу се ангажираа за охридско-дебарскиот регион“, раскажува командирот на противпожарната служба во Охрид и Дебарца, Борко Јанкулоски за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Покрај новото возило од австриската амбасада, охридските пожарникари изминатите години се подновиле само со уште едно возило – џип, кој го добиле од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) во 2022.

Од 2006 година, со децентрализацијата противпожарните служби се под надлежност на општините, па често одговорноста за набавка се префрла на локалната власт.

„Моментално имаме шест возила, дел од нив треба да се обноват. Џабе е и 20 да имаш ако не се функционални. Просечна старост на тие што ги имаме е 30-тина години“, вели Јанкулоски.

Видете и ова: Лани во пожари „изгореа“ 83 милиони евра - огнот го разгоре стравот кај луѓето

Ниту остатокот од државата не може да се пофали со подобра состојба. Според последната база на податоци на Центарот за граѓански комуникации од јуни 2023, просечната старост на противпожарните возила во земјава е 27 години. На амбулантните, пак, е 12.

Со ваков капацитет, службите одговараат на предизвиците со години. Така и оваа летна сезона – изминатите недели тие се бореа со пламените јазици во Скопје, Дојран, Македонски Брод, Крива Паланка…

Власта тврди дека ги модернизира службите

Додека гореа пожарите, паралелно, пратениците во Собранието дискутираа за ребалансот на државниот Буџет што Владата го предложи пред еден месец. Вчера, 14 јули, заврши комисиската расправа и сега останува уште изменетиот Буџет да се изгласа и на пленарна седница. Но, предвидела ли власта во него пари за обнова на возниот парк на противпожарните служби и на Итната медицинска помош?

Владата прецизен одговор - нема. Оттаму велат дека изминатата една година, колку што помина од мандатот, работеле на стабилизирање на наследената состојба која била „катастрофална“ – и институционално и логистички.

„Преку одговорно и внимателно буџетско управување, започнавме процеси за реконструкција, обнова и модернизација на службите од витално значење, вклучително и здравствените и противпожарните капацитети. Со ребалансот на Буџетот се обезбедуваат насоки и средства со јасен приоритет за заштита на животите и здравјето на граѓаните, наместо личен комфор на функционерите – нешто што беше пракса кај претходната власт“, гласи дел од одговорот што РСЕ го доби од Владата.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Трошановски - Партиите не се откажуваат од државни пари и коли за избори

Опозицијата, пак, критикува за лошо справување, а пожарите беа дел од причините СДСМ да повлече над стотина амандмани за ребалансот на Буџетот и да побара заедно со власта да усвојат само два – еден за помош на Кочани и на семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“, а друг за зајакнување на противпожарните служби.

Социјалдемократите предложија со околу 500 милиони денари да се интервенира за поголеми плати на пожарникарите, нови, вработувања, подобри услови за работа… Старите возила беа еден од аргументите на опозициските пратеници.

Но, дали тие одвоија доволно средства додека беа на власт седум години? Актуелниот пратеник и вицепремиер за економски прашања во претходната влада на СДСМ, Фатмир Битиќи, го посочува фактот дека од 2006 противпожарните служби се во надлежност на локалната самоуправа и вели дека кога веќе „децентрализирате една надлежност очекувате локалната самоуправа соодветно да одговори“.

„За среќа или несреќа, од 2006 година до сега доминантно општините се водени од ВМРО-ДПМНЕ и очигледно тоа никогаш не било еден од приоритетите. На локално ниво ние сме покажале, на пример, кога се водеше Град Скопје, се виде каква противпожарна опрема и што сè се купи“, вели Битиќи за РСЕ.

Видете и ова: Додека гори низ државата, нема вработувања на нови пожарникари, ниту нова опрема

„Наместо за гребење асфалт, пари за возила“

Но, сега, во ситуација кога државата со пари од унгарскиот кредит им помага на општините и бизнисите, социјалдемократите сметаат дека е оправдано да бараат централната власт да им помогне на пожарникарите.

„Бидејќи државата во овој период од година дена, скоро милијарда се задолжи во име на помош на општините и стопанството сметаме дека е соодветно дел од парите наместо за гребење на асфалт да отидат во противпожарни возила и да се реши проблемот“, посочува Фатмир Битиќи.

Сепак, предлогот на опозицијата не беше усвоен. Во собраниската дебата, заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, возврати дека СДСМ сега „наеднаш изразуваат загриженост“, а до пред една година биле власт.

„Од пред извесен период сведоци сте дека имавме обнова на возила од армијата кои се користат и јас верувам дека нема да имаме таков обем на пожари како лани и навремено ќе одговориме со сите овие ресурси, кои не се доволни во моментов, но се многу повеќе од она што до лани се случуваше. Како оди периодот натаму, ве уверувам дека со уште позасилено темпо ќе продолжиме да ги јакнеме капацитетите на противпожарните бригади“, рече Јанкуловски.

Ангелов: Не е сè така црно

А и моменталната ситуација, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов, не е така црна.

Тој е на чело на ДЗС од крајот на мај, а претходно од ноември 2020 раководеше со Центарот за управување со кризи (ЦУК). Во разговор со РСЕ, рече дека нема информации колку возила се набавени додека тој беше директор на ЦУК бидејќи, посочи и Ангелов, задолжени за тоа се општините.

„Ќе ви кажам дека не е сè така црно. Имаме светли точки. На пример, територијалната противпожарна единица во Кавадарци е топ опремена и со возила, со униформи, со добри плати, пожарникарите се извонредно подготвени. Јас нив ги сметам како специјална противпожарна единица и на сите потешки места ги праќаме токму нив, но имаме вакви и други единици“, вели Ангелов.

Видете и ова: Ангелов „сонува“ за елитна единица, со пожарите се бори со воени возила и доброволци

Тој посочи и оти не може да одговори ниту кога последен пат било набавено противпожарно возило во ДЗС бидејќи на оваа функција е само шест недели. Но, најави дека во тек е набавка на две возила преку проекти на Дирекцијата со Европската Унија потенцирајќи дека ДЗС сега е побогата и со адаптираните пет хермелини, 15 бетери, 18 пинс гаури.

Покрај со возила, како проблем за противпожарните служби изминатиот период постојано се посочува и недостатокот на пожарникари. Во државата треба да има над 800 односно по еден на секои 1.500 жители. Недостигаат околу 400, за што во тек е повик за ангажирање привремени пожарникари за надоместок од 24.000 денари. Најдобрите, вети власта, ќе бидат и вработени.

Каква е состојбата со противпожарните и амбулантните возила?

Кога се во прашање возилата, 34-те противпожарните служби на територијата на државата, според базата на податоци на Центарот за граѓански комуникации од јуни 2023, располагаат со 284 возила со просечна старост од 27 години.

„Во последните три години се расходувани 22 стари возила, а се набавени дополнителни 65 возила, но со просечна старост од 17 години. Поради тоа, просечната старост на сите противпожарни возила во земјава изнесува 27 години. Сепак, од 2020 година наваму, купени се или добиени се како донација дури 29 нови возила“, покажа анализата на Центарот за граѓански комуникации пред две години.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Пензионираниот пилот кој гаси пожари: Ние сме „инфузија“, но потребни се нови пилоти

Амбулантни и санитетски возила, пак, тогаш имало 263 со просечна старост од 12 години.

„Дури 73 проценти од сите овие возила, здравствените установи ги добиле на користење или како донација. Само околу 22% од возилата, здравствените установи ги купиле со сопствени средства“, покажа истата анализа пред две години.

Од Министерството за здравство не одговорија конкретно на прашањето на РСЕ дали со ребалансот испланирале набавка на нови возила. Во изминатиот период, велат без да прецизираат временска рамка, набавиле 12 современи амбулантни возила од кои шест за во Скопје, а другите за внатрешноста. Исто така, со пари од ЕУ се набавени и дополнителни седум возила за Здравствен дом Скопје.