Најмалку три лица загинаа, а 21 е рането во руски напад врз Харкив, вториот најголем град во Украина, кој го претрпе „најсилниот напад од почетокот на војната“ во февруари 2022 година.
Градоначалникот Игор Терехов изјави дека „најмалку 40 експлозии“ одекнале во краток временски период во овој град на североистокот на земјата со околу 1,4 милиони жители, сместен помалку од 50 километри од руската граница.
„Непријателот истовремено напаѓа со ракети, дронови Шахед и наведувани воздушни бомби“, рече Терехов, според кого биле употребени најмалку 48 дронови Шахед, две ракети и четири наведувани бомби.
Нападнати биле станбени згради со повеќе катови и приватни домови, образовни и инфраструктурни објекти.
Две лица загинале во Киевскиот округ на Харкив, а едно во Основјанскиот округ, додека околу 20 се повредени, изјави Терехов.
Брачна двојка во педесеттите години загинала во напад што погодил две згради во Херсон, според гувернерот на таа јужна област, Олександр Прокудин. Две лица се повредени, исто како и во Дњепропетровската област на истокот на земјата.
Видете и ова: Русите го нападнаа Киев со бараж од ракети и беспилотни летала, загинаа 4 лица, а 20 се повредениРусија изведе еден од најголемите напади од почетокот на војната во ноќта меѓу четврток и петок, со 407 дронови и 45 проектили, според украинската армија. Бројот на загинати во овој напад се зголеми на најмалку пет во саботата, откако во рушевините во Луцк, близу полската граница, беше пронајдено телото на млада жена.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека преку ноќ уништило 36 украински дронови, главно во Московската, Курската и Смоленската област. Овој напад доведе до привремено затворање на главниот московски аеродром Шереметјево, според воздухопловните власти.
Москва во петокот вети „одговор“ на претходните украински напади врз неколку руски воздухопловни бази далеку од првите линии на фронтот, во кои беа уништени неколку бомбардери.
Видете и ова: Зеленски повторно повика на меѓународен притисок врз РусијаНападите беа извршени во услови на застој во мировните преговори по вториот круг директни разговори меѓу Русија и Украинаво Истанбул во понеделникот, кои не доведоа до прекин на огнот, туку само до договор за размена на затвореници.
Двете завојувани страни требаше овој викенд да разменат по 500 воени затвореници, по претходната размена на 1.000 лица од секоја страна во мај. Беше договорено и страните да ги предадат телата на 12.000 загинати војници.
Меѓутоа, според наводите од Русија, Украина неочекувано ја одложила размената на воени затвореници и телата на војниците до понатамошно, објави официјалниот претставник на Кремљ, Владимир Медински, пренесе „Ројтерс“.
„Русија на 6 јуни, строго почитувајќи ги договорите од Истанбул, започна хуманитарна операција за предавање на повеќе од 6.000 тела на убиени украински војници, како и размена на повредени и тешко болни затвореници, како и оние помлади од 25 години“, напиша Медински на апликацијата Телеграм.
Тој тврди дека 1.212 тела на загинати Украинци се наоѓаат во ладилници на местото предвидено за размена.
Наведе и дека Русија ѝ предала на Украина список со првите 640 затвореници од категоријата „повредени, болни и млади“ за да започне размената.
„Контакт групата на руското министерство за одбрана се наоѓа на границата со Украина“, продолжи Медински и додаде дека таму нема украински преговарачи.
Петро Јаценко од украинскиот Координациски штаб за воени заробеници изјави дека размената е поместена за следната недела.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Русите држат илјадници украински заробеници и цивили во неформални ќелии
Во знак на непопустливост на Москва, додека барањата на двете страни изгледаат непомирливи, Кремљ ја претставува инвазијата на Украина, која започна во февруари 2022 година, како „егзистенцијално прашање“.
„За нас ова е егзистенцијално прашање, еден од нашите национални интереси, нашата безбедност, нашата иднина и иднината на нашите деца“, изјави во петокот портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.
Руските сили, кои ја окупираат приближно една петина од украинската територија, речиси секојдневно ги бомбардираат украинските градови од 2022 година. Како одговор, Украина речиси секој ден изведува воздушни напади врз Русија.