САД, во соработка со Узбекистан, депортираа над 100 државјани на Централна Азија

Соединетите Држави депортираа повеќе од 100 граѓани од Узбекистан, Казахстан и Киргистан во Ташкент во, како што соопштија узбекистанските власти, дел од иницијативата насочена кон обезбедување на правата на своите граѓани во „тешки ситуации во странство“.

Летот од Њујорк до Ташкент, наводно, бил договорен на 30 април и спроведен од Узбекистан ервејс. Во соопштението објавено од американското Министерство за внатрешна безбедност (DHS) се вели дека Узбекистан целосно ја финансирал операцијата.

Се чини дека депортацијата го означува првиот таков договор меѓу Соединетите држави и странска влада откако претседателот Доналд Трамп ја презеде функцијата во јануари.

„Станува збор за граѓани кои ги прекршиле визните услови или им истекол легалниот престој во САД“, напиша Ахрор Бурханов, портпарол на узбекистанското Министерство за надворешни работи, во објава на социјалните мрежи.

„Процесот на репатријација ќе биде организиран врз основа на хуманитарни и правни принципи, обезбедувајќи достоинствено и безбедно враќање на граѓаните“, додаде тој, иако не кажа колку од депортираните се државјани на Узбекистан.

Откако ја презеде функцијата на 20 јануари, Трамп прогласи сузбивање на илегалната имиграција.

Имиграциските агенти извршија стотици рации во различни градови при што беа уапсени илјадници имигранти.

Многу критичари велат дека голем број од депортираните во трети земји се бегалци на кои им е одобрена заштита од враќање во нивните матични земји, каде што би се соочиле со прогон или тортура.

Видете и ова: Мексико гради центри за мигранти депортирани од САД


Беа одржани и демонстрации против антиимиграциската политика на Вашингтон, а судијата донесе одлука на 18 април со која ѝ забрани на администрацијата на Трамп брзо да ги депортира мигрантите во други земји освен нивната, без да им даде шанса да докажат дека би можеле да бидат прогонувани.

Владата поднесе жалба на судската одлука.

Операцијата „ја нагласува длабоката безбедносна соработка“ меѓу нациите и „ги поставува стандардите за сојузите на САД“.

„Го пофалуваме претседателот на Узбекистан Шавкат Мирзиоев за неговото лидерство во испраќањето лет за враќање на 131 илегален имигрант во нивната матична земја“, рече американскиот секретар за внатрешна безбедност Кристи Ноем.

Таа додаде дека администрацијата на Трамп ќе продолжи да работи со Узбекистан на напорите за „зајакнување на меѓусебната безбедност и одржување на владеењето на правото“.

Узбекистанските медиуми објавија дека државјаните на Киргистан и Казахстан кои пристигнале со летот за Узбекистан ќе продолжат кон нивните матични земји.

Претходно, узбекистанското Министерство за надворешни работи соопшти дека процесот на репатријација бил организиран врз основа на „хуманитарни и правни принципи“.

„Целта е да се обезбеди достоинствено и безбедно враќање на граѓаните“, се вели во соопштението на Министерството.

Во јануари оваа година, проценката на американската имиграција и царина покажа дека 975 Узбекистанци, кои живеат во САД како илегални мигранти, може да бидат депортирани од земјата во блиска иднина.

По овие извештаи, Њујорк Тајмс во февруари објави дека американските власти почнале да ги депортираат мигрантите од Централна Азија во Панама и Костарика за да го забрзаат процесот на нивно отстранување од земјата.

Од септември 2023 година до септември 2024 година, американската служба за имиграција и царина (ICE) депортирала 572 лица во Узбекистан.

Видете и ова: Мигранти од Централна Азија преку Мексико до „американскиот сон“


Во август 2024 година, Узбекистанскиот сервис на РСЕ објави истрага во која се опишани маките на стотици мигранти од Узбекистан и Киргистан кои се обиделе илегално да влезат во Соединетите држави од Гватемала, Никарагва и Мексико.