Достапни линкови

Вести

САД ќе продаваат виза „златна карта“ по цена од 5 милиони долари

Доналд Трамп (лево), претседател на Соединетите Американски Држави (САД) и Хауард Лутник(десно), министер за трговија на САД
Доналд Трамп (лево), претседател на Соединетите Американски Држави (САД) и Хауард Лутник(десно), министер за трговија на САД

Американскиот претседател Доналд Трамп ги откри плановите за продажба на дозволи за престој наречени „златни карти“ во вредност од по 5 милиони долари и рече дека руските олигарси би можеле да бидат подобни за нив.

Трамп ја објави програмата во Белата куќа, велејќи дека „златните карти“ ќе бидат достапни за околу две недели.

„Имате зелена карта, ова е златна карта. Ќе ставиме цена на таа картичка од околу 5 милиони долари“, рече Трамп.

Приходите од продажбата ќе бидат искористени за намалување на дефицитот. Програмата ќе биде насочена кон „луѓе со пари“ кои ќе отворат работни места, рече американскиот претседател.

„Тие ќе бидат богати и успешни и ќе потрошат многу пари, ќе плаќаат многу даноци и ќе вработат многу луѓе, а ние мислиме дека тоа ќе биде исклучително успешно“, рече Трамп.

Кандидатите за новите златни карти ќе бидат внимателно проверени и можеби ќе биде можно да аплицираат богати Руси.

„Познавам некои руски олигарси кои се многу фини луѓе. Можно е“, рече Трамп. „Тие не се толку богати како порано. Мислам дека можат. Мислам дека можат да си дозволат 5 милиони долари“.


Американскиот министер за трговија, Хауард Лутник, рече дека „Златната карта на Трамп“ ќе ја замени Програмата за имиграциски инвеститори ЕБ-5, која беше создадена од Конгресот во 1990 година за да генерира странски инвестиции. Визите EB-5 се достапни за луѓе кои трошат околу 1 милион долари на компанија која вработува најмалку 10 луѓе.

Конгресната служба за истражување објави во 2023 година дека некои членови на Конгресот и други набљудувачи долго време изразувале загриженост за измама во програмата ЕБ-5. Се вели дека тоа се случува кога апликантите погрешно го прикажуваат своето богатство, лажат за нивниот идентитет или не успеваат да ги направат потребните инвестиции.

Според извештајот, повеќе од половина од визите ЕБ-5 доделени во 2022 година биле за кинески граѓани.

Трамп, кој го направи приоритет депортирањето на мигрантите без документи, рече дека новата картичка ќе биде пат до американско државјанство.

„Многу луѓе ќе сакаат да бидат во оваа земја и да можат да работат и да обезбедат работа и да градат компании. Тоа ќе бидат луѓе со пари“, рече Трамп.

Трамп процени дека САД ќе можат да „продадат можеби милион од овие картички“.

Според најновиот годишен извештај за имиграција, околу 8.000 луѓе добиле визи за инвеститори преку програмата EB-5 во периодот од 12 месеци кој заврши на 30 септември 2022 година.

види ги сите денешни вести

Пет месеци од пожарот во „Пулс“ - родителите по 18.пат излегоа на марш

Родителите се уште бараат правда пет месеци по трагедијата во „Пулс“ во Кочани
Родителите се уште бараат правда пет месеци по трагедијата во „Пулс“ во Кочани

Во Кочани денеска се одржа 18-тиот „Марш на ангелите“, собир на родители и роднини во чест на жртвите од пожарот во клубот „Пулс“, во кој животот го загубија 62 лица, а околу 200 беа повредени.

Маршот започна од Паркот на револуцијата, обвинителството и судот во Кочани. Стартуваше во 18:05 часот, време кое симболично ја претставува доцната институционална реакција на надлежните во дискотеката „Пулс“.

„Колку животи треба да згаснат за вие да се разбудите“, „62 животи – 62 иднини, 62 семејства со вечна болка“ беа дел од транспарентите на маршот.

Денеска се навршија пет месеци од најтешкиот ден во нашите животи, пет месеци празнина во срцето, во кои секој здив е потежок од претходниот, изјави Розета Џамова, сестра на загинатиот Јорданчо Џамов.

„Во овие месеци болката не стивнува. Секоја мисла води кон нив, секој миг е обоен со тагата по изгубеното. Спомените се единствената сила што не држи исправени. Мостот меѓу вчера и денес. Меѓу присуството и тишината. Љубовта што ја оставија зад себе е вечна и никогаш нема да згасне“, рече таа.

На маршот беше кажано дека полицијата се обидела да ја саботира поддршката за маршот со тоа што задржувала и легитимирала грагани кои со автомобили од други градови тргнале да учествуваат на протестот во Кочани.

Семејствата на загинатите и натаму бараат одговорност од институциите за трагедијата и посочија дека нема да се откажат од борбата за правда.

Активни пожарите во „Јасен“ и помеѓу селата Рогачево и Јажинце

Пожари - архивска фотографија
Пожари - архивска фотографија

Вкупно пет пожари на отворен простор се регистрирани до 12 часот денеска, од кои активни се два, а изгаснати се три пожари, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Активни се пожарот во повеќенаменското подрачје „Јасен“, Општина Македонски Брод, каде е зафатена мешана шума и пожарот помеѓу селата Рогачево и Јажинце, Општина Јегуновце, каде горат пасишта и мешана шума.

Изгаснати се пожарите покрај патот Тетово - Гостивар каде гореше ѓубриште, во село Врановци, Општина Врапчиште каде гореа ниска вегетација и ливади и во село Матејче, Општина Липково каде беше опожарена ниска вегетација и стрниште.

Лажна дојава за бомба на скопскиот аеродром

Меѓународен аеродром Скопје (архива)
Меѓународен аеродром Скопје (архива)

Ноќеска во 02:41 часот, на телефонскиот број за итни случаи 112 е добиена пријава за поставена бомба во авион кој требало да полета од „Меѓународниот аеродром Скопје“ кон Турција.

Како што соопшти утрово Министерството за внатрешни работи, се работи за лажна дојавата за бомба на скопскиот аеродром.

-Веднаш по добиената пријава преземени се соодветни активности и извршени се потребните проверки од страна на антитерористичката единица при МВР и утврдено е дека пријавата е лажна, односно дека нема никаква експлозивна направа, велат од МВР.

По завршувањето на проверките, околу 06:00 часот, аеродромот продолжи со редовно работење.

Нови руски напади врз Украина по средбата меѓу Трамп и Путин во Алјаска

Напад со беспилотно летало над Киев на 23 јуни 2025 година (архивска фотографија)
Напад со беспилотно летало над Киев на 23 јуни 2025 година (архивска фотографија)

Русија лансираше 85 борбени дронови и балистичка ракета во Украина во текот на ноќта во петокот, соопшти Киев во саботата, неколку часа откако рускиот лидер Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп одржаа разговори во Алјаска.

Долгоочекуваната средба во оддалечената американска држава заврши без пробив во прекинувањето на повеќе од тригодишната инвазија на Русија во Украина.

Украинските воздухопловни сили соопштија дека Москва „лансирала балистичка ракета Искандер-М и 85 дронови Шахед“ и дека ги таргетирала „првичните фронтовски линии“ во четири региони.

Во својот дневен извештај, воздухопловните сили соопштија дека нападите биле извршени „ноќта на 16 август“, почнувајќи од вечерта на 15 август - кога Путин и Трамп одржале разговори.

Киев соопшти дека неговата воздушна одбрана соборила 61 дрон.

Самитот Трамп-Путин заврши без објава за прекин на огнот, и покрај месеците притисок од Западот врз Кремљ да се согласи на прекин на борбите.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски сè уште не дал јавно коментар за разговорите.

Руската инвазија на Украина, започната од Путин во февруари 2022 година, одзеде илјадници животи.

Судири меѓу полицијата и демонстрантите на протестот во Белград

Антивладини протести во Белград, Србија
Антивладини протести во Белград, Србија

Трета ноќ по ред, во петокот се одржаа протести во неколку градови во Србија.

Протестите се реакција на судирите меѓу поддржувачите на владејачката Српска напредна партија и демонстрантите во два града во Војводина, Врбас и Бачка Паланка, на 12 август.

Судири меѓу полицијата и некои демонстранти беа регистрирани на 15 август во Белград на неколку локации.

Неколку илјади граѓани се собраа пред Владата на Србија, на неколку стотици метри од Општинскиот одбор на СНС. Неколку десетици поддржувачи се собраа пред просториите на партијата, а кордоните на жандармеријата ги разделија двете групи.

Во еден момент, беше испален огномет, а жандармеријата, заедно со Полициската бригада, почна да ги растерува демонстрантите. Беше фрлен солзавец, а жандармеријата употреби оклопни возила за да ги потисне демонстрантите.

Тие одговорија со фрлање камења и палење контејнери. Во текот на ноќта во главниот град беа регистрирани уште неколку судири меѓу полицијата и демонстрантите, а ситуацијата се смири околу полноќ.

Неколку лица се повредени, објавија новинарите на терен.

Трета ноќ инциденти на протестите во Србија
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:31 0:00

Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ објави дека шест полицајци се повредени, а 38 лица се уапсени за време на уличните немири во Белград. Во јавно обраќање, Дачиќ рече дека демонстрантите дошле на митингот со намера да им наштетат на полицајците.

„Тие дојдоа маскирани, носејќи шипки, столбови, камења, штитови. Користеа праќки за да фрлаат мермери и камења кон полицајците. Имаа подготвени шишиња со замрзната вода или запалива течност - сто контејнери беа запалени“, рече Дачиќ.

Според него, екипа од телевизијата Информер била нападната во Нови Сад, а две лица биле уапсени.

Во Нови Сад, каде што демонстрантите ги демолираа општинските канцеларии на Српската напредна партија претходниот ден, митингот во петокот помина мирно. Граѓаните се собраа пред Полициската станица, а потоа одржаа протестна прошетка низ центарот на градот.

Немаше инциденти за време на официјалниот дел од протестот. По завршувањето на протестот, група демонстранти нападнаа екипа од телевизиската станица Информер, која е наклонета кон владата.

Протести се одржаа во неколку други градови низ земјата.

Од вторник во српските градови се организираат антивладини протести, за време на кои паралелно се собираа и поддржувачи на владејачката Српска напредна партија.

За време на овие собири, кои беа повикани од студенти и граѓани кои ги поддржуваат, избувнаа неколку инциденти.

Во тоа време, собраните антивладини демонстранти пријавија дека врз нив се пукало со пиротехнички средства од правец на просториите на СНС. Полицијата во Врбас интервенираше за да ги одвои дел од демонстрантите од другите.

Антивладините протести, предводени од студенти, траат во Србија повеќе од девет месеци. Властите се сметаат за одговорни за смртта на 16 лица кога се урна настрешница на железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.

Владата ја негираше одговорноста за несреќата и одби да распише предвремени избори, едно од последните барања на организаторите на масовните протести.

Нов праг за независните кандидати на изборите, на 16 август итна седница во Собранието

Северна Македонија - Африм Гаши, претседател на Собранието на Република Северна Македонија, ги распишува локалните избори
Северна Македонија - Африм Гаши, претседател на Собранието на Република Северна Македонија, ги распишува локалните избори

Собранието за 16 август закажа седница чија единствена точка на дневен ред е Предлог на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка.

Со измените се предлага независните кандидати наместо со потписи од 1 процент од вкупниот број запишани избирачи во една Изборна единица, да можат за избори да се кандидираат со 0,95 проценти од вкупнозапишаните во една Изборна единица.

Тоа е за 0,05 отсто помалку од прагот што Уставниот суд во мај го прогласи за неуставен.

Предлагачи се пратениците Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, Бобан Карапејовски од ЗНАМ и Саранда Имери -Стафаи од коалицијата „Вреди“.

Седницата е закажана откако претседателот на Собранието веќе ги распиша локалните избори.

Претходно, Борис Кондарко, претседател на Државната изборна комисија (ДИК) изјави дека независните кандидати би можеле да поднесат листи на претстојните локални избори и без да собираат потписи.

„Согласно Уставот и Законот, секој има еднакво избирачко право да бира и да биде избран. Значи, ДИК нема право и никому не му го ускратува законското право за учество на избори. Членот 60 постои во Изборниот законик, тој е јавен и достапен за сите. Значи сите – и политички партии и коалиции и група избирачи, согласно членот 60, имаат право да учествуваат на изборите“,
изјави Кондарко.

Проблемот за независните настана откако минатата година беа донесени измени на Изборниот законик, со кои им се наметна повисок законски праг за да се кандидираат на избори. Имено, наместо 1.000 потписи од избирачи во конкретна изборна единица, на независните кандидати им беше наложено да обезбедат потписи од најмалку еден отсто од вкупниот број запишани избирачи, доколку станува збор за парламентарни избори.

Сакајќи да се осигураат дека ќе можат да настапат на изборите, независните граѓански иницијативи почнаа да собираат потписи за да формираат партии. За да се формира партија потребни се 1.000 потписи.

Заедничка партија ќе формираат граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“ и „Зелените од Гази Баба“. Посебна партија ќе формира граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“.

На локалните избори во 2021 година учествуваа 57 независни листи со кандидати за советници во 40 општини. Тие освоија вкупно 56.000 гласови.

Првиот круг за избор на градоначалници и членови на советите на 80 општини и на градот Скопје ќе се одржи на 19 октомври.



Норвешка ѝ дава 100 милиони долари на Украина за природен гас

Илустрација
Илустрација

Владата на Норвешка соопшти дека ѝ донира 1 милијарда круни (98,29 милиони долари) на Украина за да купи природен гас пред зимата, јави агенцијата Ројтерс.

Украина беше принудена да го зголеми увозот на гас откако руските ракетни напади ги оштетија производствените капацитети на истокот на земјата.

Аналитичарите велат дека украинските резерви на гас се на најниско ниво во последните 12 години, а капацитетите за складирање моментално се полни помалку од една третина, пренесе Ројтерс.

„Навремената и систематска помош што ја обезбедува норвешката влада е исклучително важна за обезбедување на енергетската безбедност на Украина“, изјави украинската министерка за енергетика, Свитлана Гринчук.

Добиените средства ќе ги користи државната енергетска компанија „Нафтогаз“ за купување природен гас на глобалниот пазар за да се создадат доволно резерви на гас пред грејната сезона, додаде таа.

Украинското министерство за енергетика соопшти дека на земјата ѝ се потребни околу 13 милијарди кубни метри гас во складиштето за зимската сезона.

Пожар кај Јажинце, привремено е затворен граничниот премин

Илустрација
Илустрација

Поради пожар затворен за сообраќај е патот Тетово - Јажинце кај село Рогачево, а затворен е и граничниот премин „Јажинце“ кон Косово.

„Во 15.15 часот патниот правец Тетово – Јажинце кај село Рогачево сообраќајот е запрен од страна на ПС од БПС Тетово, заради безбедност на возачите поради проширениот пожар во атарот на селата Рогачево и Јажинце, кој е во близина на пат“, соопшти Автомото сојузот на Македонија(АМСМ).

Сите противпожарни екипи од Тетово и две специјализирани возила на Дирекцијата за заштита се на терен и работат на заштита на имотите од огнот, соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Во готовност се и авион „Ер Трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување и хеликоптер на Министерството за внатрешни работи (МВР).

Надлежните институции ги повикаа граѓаните да ја избегнуваат областа и да ги ослободат патиштата за возилата на службите за итна интервенција.

Од МВР апелираат до граѓаните да не тргнуваат кон преминот „Јажинце“ додека да се изгасне пожарот и да се нормализира сообраќајот.

Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување, на прес-конференција на 15 август рече дека на територијата на државата сега има пет пожари на отворен простор, - два целосно изгаснати и три активни пожари.

Обединети нации: Најмалку 1.760 Палестинци се убиени во Газа додека барале помош

Газа - Раселени Палестинци, 28 јули 2025 година.
Газа - Раселени Палестинци, 28 јули 2025 година.

Најмалку 1.760 Палестинци се убиени додека барале помош во Газа од крајот на мај, што е скок од неколку стотици од последната објавена бројка на почетокот на август, соопшти Канцеларијата на Обединетите нации (ОН) за човекови права, јави агенцијата АФП.

„Од 27 мај па сè до 13 август евидентиравме дека најмалку 1.760 Палестинци се убиени додека барале помош; 994 во близина на локациите на ГХФ (Хуманитарната фондација Газа) и 766 по патиштата на конвоите за снабдување. Повеќето од овие убиства се извршени од израелската војска“, се вели во соопштението на канцеларијата на ОН за палестинските територии.

Војната во Појасот Газа започна со напад на Хамас, прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ, врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, кога милитантите убија околу 1.200 луѓе и киднапираа 251, според израелските бројки.

Последователните израелски офанзиви во Појасот Газа убиле повеќе од 61.000 луѓе, според Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас.

Руска ракета го погоди украинскиот регион Дњепропетровск

УКРАИНА -- Последиците од руски напад врз болница во Камјанске, Дњепропетровска област, 29 јули 2025 година
УКРАИНА -- Последиците од руски напад врз болница во Камјанске, Дњепропетровска област, 29 јули 2025 година

Русија лансираше балистичка ракета во украинскиот регион Дњепропетровск во петокот, 15 август, повредувајќи најмалку едно лице и предизвикувајќи пожар, јави агенцијата Ројтерс.

Нападот се случи неколку часа пред планираниот самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска, на кој ќе се разговара за договор за прекин на огнот во Украина.

Градот Дњепар е логистички центар за украинските сили, а регионот Дњепропетровск се граничи со борбената зона и редовно е гранатиран од руските сили.

Објавувајќи ја локацијата на самитот, Трамп рече дека неговите разговори со Путин ќе се фокусираат на решавање на 45-месечниот конфликт меѓу Русија и Украина, најголем во Европа од крајот на Втората светска војна.

Русија почна инвазија врз Украина на 24 февруари 2022 година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG