Сенките на 90-тите, Вучиќ и повлекувањето на Западот

Српскиот претседател Александар Вучиќ

Балканот покажа дека национализмот не е само реторика, туку честопати претходник на војна.

Во 1990-тите, идеологијата на Слободан Милошевиќ разгоре конфликти што оставија длабоки рани во регионот. Денес, слични сенки се враќаат преку сегашните лидери. Во нивниот центар, многу набљудувачи го ставаат претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

На власт од 2014 година, прво како премиер, а потоа и како претседател, тој спроведе стратегија што го комбинира национализмот со политичкиот прагматизам, а која се протега надвор од границите на Србија: во Косово преку оспорување на државната власт; во Босна и Херцеговина, преку отворена поддршка за сепаратизмот на лидерот на ентитетот Република Српска, Милорад Додик; и во Црна Гора преку влијание врз просрпските групи.

Во таква критична ситуација, Ивана Страднер од Фондацијата за одбрана на демократиите во Вашингтон забележува дека самиот Вучиќ ги ескалира или ги смирува кризите, не заради регионалната стабилност, туку заради сопствената моќ, со што, според неа, ја загрозува рамнотежата низ целиот Балкан.

„Ништо не е изолирано, сè е меѓусебно поврзано. Сè што се случува во Србија во моментов е многу поврзано со она што се случува во Босна, со Додик, со ситуацијата во Косово и со поларизацијата во Црна Гора. Бидејќи, за жал, она што се случува во Белград го одредува правецот на целиот регион“, изјави Страднер за РСЕ.

Регионот се чини дека е заглавен во циклус на продлабочување на кризите

Во Косово поминаа повеќе од 200 дена од изборите, а институциите не се конституирани. Поради политички конфликти, Собранието нема потпретседател од српската заедница, додека земјата е под санкции на ЕУ со години, блокирана во процесот на приклучување кон меѓународните организации и често е во центарот на критиките поради пристап кој се смета дека не е координиран со меѓународните партнери.

Видете и ова: ЕУ во Косово загрижена за криминализацијата на невладините организации

Во Црна Гора, на власт се просрпски и проруски партии. Заедно со Српската православна црква, тие ги охрабруваат етничките поделби и бараат поблиски врски со Србија.

Ситуацијата е уште понапната во Босна и Херцеговина, каде што српскиот лидер Милорад Додик отворено го оспорува авторитетот на државата, игнорирајќи ја судската одлука со која му беше одземен мандатот како претседател на ентитетот Република Српска.

Тој шири етничка омраза, ги величи воените злосторници, го негира геноцидот во Сребреница и отворено лобира за одвојување на Република Српска од остатокот од БиХ и нејзино обединување со Србија.
Додик го има Вучиќ со себе, иако тој се соочува со студентски протести - едни од најголемите во историјата на Србија.

Искрата што го запали нивниот гнев пред десет месеци беше уривањето на кровот на железничката станица во Нови Сад, каде што 16 лица ги загубија своите животи. За катастрофата беше обвинета корупцијата во владата и предизвика повици за предвремени избори.

Видете и ова: Како до деескалација на судирите во Србија?

Како што растеше гневот на улиците, одговорот на режимот на Вучиќ беше сè подрастичен. Без никакви докази, тој ги обвини „странските агитатори“ за обидот за револуција.

„Ќе ја спречиме секоја нивна желба да нè водат кон граѓански конфликти и да ја загрозат безбедноста и мирот во нашата земја. И ќе знаеме да им кажеме на оние однадвор кои го организираа и помогнаа сето ова дека не успеале, дека никогаш нема да успеат“, рече Вучиќ по насилните протести во август.

Како растеше моќта на Вучиќ?

Во 1998 година, Вучиќ беше назначен за министер за информации од југословенскиот автократ Слободан Милошевиќ. На таа позиција, Вучиќ спроведе некои од најрестриктивните закони во Европа против слободата на изразување.

Речиси три децении подоцна, Вучиќ контролира сè во Србија - од медиумите до судството, од инфраструктурните работи до вооружените работи - и неговата цел е да ги замолчи демонстрантите со сите потребни средства, вели Маја Бјелош од Белградскиот центар за безбедносна политика.

„Луѓето знаат дека секое излегување на улица може да резултира со брутално полициско насилство, но сепак излегуваат и се соочуваат со режимот и полицијата. Тие мислат дека нивната борба за подобро општество е легитимна“, изјави Бјелош за РСЕ.

Страднер прави силна паралела помеѓу сегашната ситуација на Балканот и хаосот од 1990-тите што доведе до распад на Југославија во тоа време.

„Зачудувачки е што во 2025 година зборуваме за уште еден авторитарен режим - речиси 25 години по падот на режимот на Милошевиќ. Србија не доживеала вакви протести од тогаш... Она што се случува во Црна Гора со етнонационалистичка поларизација, во Косово со можни ескалации, во Босна и Херцеговина со потенцијални сепаратистички движења, ме тера да сфатам дека, за жал, на хоризонтот може да се види враќање во 1990-тите“, истакнува Страднер.

Таа вели дека не предвидува војна како во 90-тите, но предупредува дека преку современи форми на хибридно војување може да се постигнат дестабилизирачки цели.

Видете и ова: Србија издвојува најмногу за оружје во регионот, поради, според Вучиќ, новите закани од соседството

Дејвид Канин, професор по европски студии на Универзитетот Џонс Хопкинс, се согласува, но исто така забележува дека еден аспект е различен од 90-тите. Тогаш, вели тој, САД беа многу моќни, а Русија соработуваше со нив, додека денес - соочени со војната во Украина, конфликтот во Газа, растечката закана од Кина - тие се многу помалку ангажирани на Балканот.

„Тоа може да биде добра вест за некои, бидејќи големите сили веќе не се толку доминантни и регионот може да дејствува понезависно. Но, лошата вест е дека, со дејствувајќи независно, регионот презема целосна одговорност за својата иднина и повеќе не може да се потпира на надворешни интервенции“, изјави Канин за РСЕ.

Улогата на Русија во регионот

Сепак, лошите вести не завршуваат тука, велат аналитичарите, бидејќи Русија, искористувајќи ги слабостите на регионот и недостатокот на ангажман на Западот, интервенира со софистицирани политички и економски стратегии за да го прошири своето влијание. Од поддршка на српските и просрпските лидери до користење на енергијата и стратешките инвестиции како средство за притисок, доволно е Москва да предизвика постепена дестабилизација без употреба на војници и тенкови, вели Страднер.

Таа потсетува дека само оваа година, Вучиќ се сретнал двапати со рускиот претседател Владимир Путин,како и Додик, кој рече дека очекува повторно да се сретне со него во октомври.

„Путин бара нови можности да го провоцира Западот и да создаде хаос во тој дел од светот. Затоа би можел да се претстави како посредник, а потоа да го уценува Западот велејќи: ако не сакате ситуацијата да излезе од контрола, ќе мора да преговарате со мене“, вели Страднер.

Во анкета спроведена минатата година од Меѓународниот републикански институт (IRI), 43 проценти од испитаниците во Србија го сметале Западот за одговорен за „воениот конфликт меѓу Русија и Украина“, а само шест проценти ја сметале Русија за одговорна.
За споредба, 73 проценти од испитаниците во Косово ја сметале Русија за одговорна, а само 8 проценти Западот.

САД, преку својот амбасадор во НАТО, Метју Витакер, јасно ставија до знаење дека сакаат стабилност на Западен Балкан.

„Многу внимателно следиме сè што се случува и во Република Српска и во Србија. Моментално сме фокусирани на спречување ситуацијата да се претвори во потенцијален регионален конфликт“, рече тој.

На прашањето дали НАТО би интервенирал во случај на вооружен конфликт, особено во БиХ или Србија, Витакер одговори дека алијансата дејствува едногласно, додавајќи дека „далеку сме од такво сценарио“.

И за да ја држи таа закана настрана, Канин истакнува дека Западот - особено Европската Унија - мора да го задржи својот фокус на регионот и да ги исполни своите ветувања.

„Поделена е, премногу бирократска и бавна во дејствувањето, додека нејзината политика на проширување го изгуби кредибилитетот кај балканските земји кои сè уште не се дел од неа. Важно е, во ЕУ да се приклучи Црна Гора до 2030 година. Ако овој рок се продолжи и ниедна друга земја не биде примена, тогаш угледот на ЕУ - она што останало од неа - ќе биде уништен“, вели Канин.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Наскоро нови правила за влез во ЕУ - заборавете на печатите во пасош

На пример, во Србија, Европската Унија има силно влијание, бидејќи повеќе од 60 проценти од странските инвестиции доаѓаат од неа. ЕУ повика на воздржаност од сите страни во земјата, но стравувањата дека Белград би можел да се приближи кон Русија се чини дека ги ублажија критиките кон Вучиќ, кој оваа недела објави нови договори за гас со Москва.

Страднер вели дека сега е време за стап, а не за морков

По распадот на Советскиот Сојуз и Југославија, вели таа, Западот верувал дека силните економии и отворените пазари ќе спречат нови војни во регионот, но тој пристап не успеал.

Според неа, Србија стана кандидат за членство во Европската Унија, но нејзината идеолошка насока останува поврзана со Русија и Кина.

Затоа, ЕУ треба да зборува со јазикот на санкциите кон секој што ја загрозува регионалната стабилност, вели Страднер.

„Вучиќ се плаши од западните санкции, но и од недостатокот на западни пари, бидејќи овие фактори се единствената причина зошто тој е на таканаречениот пат кон ЕУ“, додава таа.

Според Бјелош, Вучиќ мора да си замине.

„Прашање на време е кога тоа ќе се случи. Она што го создаде, оваа абнормална состојба во која живееме, повеќе не е прифатливо или подносливо за значителен број граѓани“, вели таа.

Според професорот Канин, идејата за враќање на мирот на Балканот е погрешна, бидејќи несигурноста е норма во овој регион со векови. Решението, вели тој, не лежи во непоколебливата стабилност, туку во движењето напред кон нешто подобро. Отстранувањето на Додик од власт и организирањето слободни избори би можело да биде скромен чекор напред - под услов регионот да остане под западна заштита, заклучува експертот за Балканот.